1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и регионот: Наместо тензии, потребен е мир и дијалог

ДТЗ
22 ноември 2023

Јенс Столтенберг оцени дека регионот е стратешки важен за НАТО, но дека има причини за загриженост, пред сѐ поради тензиите во БиХ и во Косово.

https://p.dw.com/p/4ZIhm
Јенс Столтенберг и Димитар Ковачевски
Загриженост за тензиите во регионот - повици за мир и дијалогФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија е ценет партнер во НАТО и фактор на стабилност во регионот. Ова е пораката која што во средата (22.11) беше испратена од неформалниот состанок со лидерите на НАТО сојузници од регионот, кои разговараа за актуелни прашања за регионот и неговата стабилност, безбедносните ризици, сајбер безбедноста и други важни прашања од интерес на Алијансата.

„Со тоа што Северна Македонија е домаќин на неформалниот состанок на лидери на земјите членки на НАТО од регионот, уште еднаш се потврдува нашата улога како фактор на безбедност во регионот, меѓутоа и како земја членка на НАТО која што е една од членките која целосно и посветено се насочени кон исполнување на своите обврски како дел од НАТО Алијансата“, оцени премиерот Димитар Ковачевски. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја посочи Северна Македонија како земја која е успешна во многу работи, вклучително, како што рече „и успешно мултиетничко општество, кое им демонстрира на регионот и на светот дека луѓе со различна позадина можат да живеат заедно на мирен начин“.

Јенс Столтенберг
Столтенберг оцени дека регионот е стратешки важен за НАТО, но дека има причини за загриженостФотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлогот на Еди Рама 

Војната во Украина, конфликтот кој се води во Појасот Газа и сите други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир, безбедност и стабилност во регионот, меѓутоа и во Европа и во светот, се најдоа во фокусот на средбата во Скопје.

Албанскиот премиер Еди Рама предложи да се размисли за организирање на НАТО-самит со Западен Балкан, каде ќе бидат присутни не само земјите членки на Алијансата од регионот, туку и земјите партнери на НАТО, што наиде на поддршка од страна на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ. 

„Еди Рама предложи паметен и добар предлог - да се размисли за еден форум во кој би учествувале земјите од Југостиочна Европа и Белград, Приштина и Сараево. Тоа е чекор понатаму од иницијативата Брдо - Бриони, која постои веќе десетина години, која покажува дека таков разговор е можен и добар. За мене е клучен овој предлог на Рама, можеби е преамабициозен, но може да има само корист од него“, рече хрватскиот претседател. 

Стратешки важен регион 

Столтенберг на заедничката прес-конференција оцени дека регионот е стратешки важен за НАТО, но дека има причини за загриженост, пред сѐ поради тензиите во БиХ и ги охрабри политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики и да се фокусираат на дијалог и помирување. Тој е загрижен и за инцидентите на Косово и смета дека Белград и Приштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ. 

И покрај зголемените тензии на Косово и во БиХ, тој потенцираше дека нема информации за директна воена закана или ризици за регионот. И премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека нема опасност и ризици по безбедноста на Северна Македонија. 

Димитар Ковачевски
Ковачевски: Нашите граѓани треба да бидат среќни што живеат во земја членка на НАТО, која има исклучително ниво на безбедност споредбено со било која друга земја која не е членка на АлијансатаФотографија: Government of North Macedonia

Тој вели дека се споделуваат детални и навремени информации со централата на НАТО во Брисел, со што да се зајакне системот за превенција. 

„Нашите граѓани треба да бидат среќни што живеат во земја членка на НАТО која има исклучително ниво на безбедност споредбено со било која друга земја која не е членка на Алијансата“, рече Ковачевски.

Црногорскиот премиер Спајиќ изрази задоволство што неговото прво патување е на НАТО-самит во Северна Македонија, која, како што нагласи, е во срцето на Балканот и ги покажува заложбите на Алјансата на Балканот.  „Ни претставува чест што сме дел од оваа Алијанса и ќе продолжиме да ја поддржуваме и градиме кредибилно и активно НАТО партнерство“, изјави Спајиќ.