1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг во Скопје на средби со државниот врв

21 ноември 2023

Генералниот секретар на НАТО утре во Скопје ќе биде домаќин и на состанокот со регионалните лидери на земјите-членки на Алијансата.

https://p.dw.com/p/4ZFHO
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Јенс Столтенберг во Скопје ќе биде домаќин и на состанокот со регионалните лидери на земјите-членки на НАТОФотографија: SvenSimon-ThePresidentialOffice/picture alliance

Загриженост од надворешни влијанија, особено од Русија, загриженост од сецесионистичка и реторика на поделби, нужност од дипломатија и реализирање на преземените обврски заради мир и стабилност во земјите и регионот. Ова се дел од пораките што Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги испрати при посетите на Сараево и Приштина, кој по денешните разговори во Белград попладне доаѓа и во Скопје.

Столтенберг во Скопје ќе се сретне со целиот државен врв - претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, а ќе се обрати и пред пратениците. Ковачевски ќе го пречека Столтенберг во 15 и 30 часот, кој, како што наведува владината прес-служба, е во прва посета на РСМ откако земјата е полноправна членка на НАТО. По нивната тет-а-тет средба, ќе има билатерална средба на двете делегации, a потоа и заедничка прес-конференција на Ковачевски и Столтенберг (16 и 30 часот).

Во составот на македонската делегација ќе бидат министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески. Средбата Столтенберг- Пендаровски е најавена за 18 часот. Прес-конференциите на Генералниот секретар, изјавите по средбата со Ковачевски и неговото обраќање во македонското Собрание, ќе се пренесуваат во живо и на веб-страницата на НАТО. А поради кршот што го остави пратеникот на Левица, Борислав Крмов, кој револтиран што Собранието отфрлило амандмани на партијата вчера (20.11) искрши монитори и микрофони на претседавачкиот пулт во пленарната сала, обраќањето на Генералниот секретар на НАТО пред пратениците најверојатно ќе се реализира во Големата купола.

Дипломатија, а не насилство

Генералниот секратар на Алијансата доаѓа во период кога во земјите на Западен Балкан големо внимание предизвика изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски - дека има информации оти Русија планира да предизвика конфликт на Западен Балкан. Но и во период по одредени сецесионистички изјави во БиХ, по неодамнешните инциденти на северот од Косово кои ги вратија на почеток напорите за враќање на дијалогот меѓу Белград и Приштина, и во период кога стабилните меѓуетнички односи во РСМ предизборно се провицираат од изјави со националистички призвук.

„Загрижени сме од сецесионистичката и реториката на поделби, како и од надворешното влијание, особено на Русија. Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на единство и напредок“, порача Столтенберг од Сараево.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Сараево
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Сараево, 20.11.2023Фотографија: Samir Jordamovic/Anadolu/picture alliance

Тој денеска има средби со српското раководство - претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, откако синоќа си замина од Приштина со јасен став.

„Ќе го направиме она што е непоходно за да одржиме сигурно окружување и слободно движење за сите луѓе во Косово. За стабилноста во регионот одлучуваат сите страни кои мора да изберат дипломатија наместо насилството и ќе ги почитуваат постоечките обврски“, рече Столтенберг.

Притоа изрази силна поддршка за дијалогот меѓу Белград и Приштина кој е фасилитиран од ЕУ, и ги поздрави последните предлози за формирање на асоцијација на општините со српско мнозинство на Косово, со оценка дека „тоа би бил клучен чекор кон нормализирање на односите и кон траен мир и просперитет во регионот“.

Косово | Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и косовскиот премиер Албин Курти
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, 20.11.2023Фотографија: Office of the Prime Minister in Kosovo

Состанок со регионалните сојузнички лидери

Посетета на Генералниот секретар на Алијансата на четири земји од Западен Балкан (БиХ, Косово, Србија и Северна Македонија) која почна на 19-ти ноември, завршува утре во Скопје, каде Столтенберг ќе биде домаќин и на состанокот со лидерите на земјите- членки на НАТО од регионот, по што со нив ќе одржи заедничка прес -конференција. Покрај Ковачевски, на состанокот се очекува да присуствуваат хрватскиот претседател и премиерите на Словенија, Црна Гора и Албанија.

Дел од учесниците веќе ги декларираат пораките што ќе ги испратат во Скопје. Како што пренесуваат црногорски медиуми, премиерот Милојко Спајиќ на генералниот секретар на НАТО ќе му ги пренесе уверувањата дека Црна Гора ја спроведува својата надворешна политика водена од стратешките национални интереси, во кои активнотото и кредибилно членство во НАТО е еден од надворешнополитичките приоритети.

„Во однос на безбедносната ситуација во регионот, тој ќе ја истакне важноста на меѓународното присуство и заедничкиот ангажман на ЕУ и НАТО во БиХ и Косово, на придонесот на Црна Гора во пакетот за градење на одбранбените и безбедносните капацитети на БиХ, на присуството на претставници на Армијата на Црна Гора во мисијата на Косово, а ќе ја повтори и поддршката на Црна Гора за дијалогот што го води ЕУ во насока на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, било наведено во платформата за учество на црногорскиот премиер на состанокот во Скопје.

Тензиите меѓу Србија и Косово по инцидентите во Бањска на северот од Косово, го вратија наративот за „Балканот како буре барут“ во експертските анализи за невралгичните точки за безбедноста во регионот.