Речиси 1000 уапсени по новите безредија во Франција
1 јули 2023И ноќта кон оваа сабота во Франција продолжија безредијата: француското Министерство за внатрешни работи објави тмурен биланс на изминатата ноќ во која се уапсени 994 лица, биле мобилизирани 45.000 полицајци и припадници на жандармеријата, а повредени се 79 полицајци. Ноќеска загинало уште едно момче кој очигледно паднало од покрив на еден супермаркет, а посебно немирно било во Лион, Марсеј и Гренобл.
Но, билансот на насилните протести во полициската статистика е поразителен- според француското Министерство за внатрешни работи опожарени се 1350 возила, 234 згради се запалени или се оштетени, а регистрирани се преку 2560 улични пожари. Продолжува и ограбувањето на продавници, а службите се посебно загрижени откако демонстрантите во Марсеј провалиле и ограбиле продавница со оружје, но сепак не успеале да земат и муниција за ловечкото оружје кое го украле.
Заради сузбивање на насилството во француските градови се испратени безбедносни службеници во целосна воена опрема, на улиците се нашле и оклопни возила, а благодарение на мобилизацијата на полициските сили во целата земја, насилството било со помал интензитет отколку претходната ноќ, се вели во соопштението на Министерството.
Властите во ноќта кон сабота воведоа низа рестрикции во јавниот живот и во функционирањето на јавниот сообраќај, потпомогнато со масивно полициско присуство.
Синоќа со апел за смирување се огласија и француските фудбалски репрезентативци: капитенот Килијан Мбапе и сите во екипата се „шокирани од бруталното убиство на младиот Нахел“, но повикуваат на прекин на насилството и на „други, мирни и конструктивни начини на изразување на револтот“. По трагичниот настан сме сведоци на изразите на гнев на населението и ја разбираме причината, но „не можеме да ја прифатиме формата“, се вели во обраќањето. Фудбалерите истакнуваат дека ги споделуваат чувствата на болка и тага, но им укажуваат на насилните демонстранти: „имотот кој го уништувате е ваша сопственост, ваше соседство, ваши градови, ваши места на исполнување“.
Меѓутоа, се претпоставува дека и оваа сабота ќе има немири, со оглед што за денеска е закажан погребот на загинатиот 17-годишен тинејџер.
Нахел М. Беше застрелан од страна на еден полицаец при вршење сообраќајна контрола во париското предградие Нантер. Случајот предизвика масовни протести против полициско насилство низ целата земја, посебно кај младата популација.