1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоФранција

Париз: Насилни безредија откако полицаец застрела тинејџер

ЖА / агенции
28 јуни 2023

При сообраќајна контрола, француски полицаец застрелал 17-годишен возач од непосредна близина. Инцидентот предизвика немири и судири во предградија на Париз и во други места

https://p.dw.com/p/4T9ZG
Париз Нантер протести
Запалени автомобили во насилните протести во париското предградие Нантер по убиство на 17-годишен тинејџер од полицаец Фотографија: ZAKARIA ABDELKAF/AFP

Видео снимки од смртта на 17-годишникот предизвикаа протести и го потпалија јавниот револт во Франција. Во париското предградие Нантер гневните демонстранти палеа контејнери за ѓубре, автомобили, а предизвикан е пожар и во зградата на едно  основно училиште. Врз полицијата е фрлено големо количество петарди, како што пишуваат весникот „Фигаро“ и другите медиуми, повикувајќи се на  полициски извори. Дел од насилните демонстранти подигнале барикади, спречувајќи ги пожарникарите во нивните акции.

Немирите кои во вторникот вечерта започнаа со демонстрација пред полициската станица во Нантер, ноќта се прелеаја и во соседните населби. Во Мант-ла-Жоли била запалена општинската зграда, а полицијата употребила солзавец и гумени куршуми, но по силните напади делумно била принудена и на повлекување.

Властите јавија дека се уапсени вкупно 15 лица.

Поводот за револтот е инцидент во кој полициска патрола во вторникот утрото запрела автомобил со три лица во него. Верифицирано видео на ТВ Франс прикажува како еден од полицајците го подига своето оружје во висина на вратата на запрениот автомобил. Кога 17-годишникот зад воланот одеднаш тргнува со автомобилот, полицаецот од непосредна близина пука врз тинејџерот и смртно го ранува.

Париз Нантер
Дел од насилните демонстранти во париските предградија подигнале барикади, спречувајќи ги пожарникарите во нивните акцииФотографија: Zakaria Abdelkafi/AFP/dpa/picture alliance

38-годишниот полицаец е уапсен поради сомнение за извршено убиство, а министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен соопшти дека Службата за полициски надзор започнала истрага за случајот. 17-годишниот возач, според ТВ Франс, на полицијата и` бил познат по претходни сообраќајни деликти, а и овој пат бил запрен поради сообраќаен прекршок.

Видео снимките предизвикаа и жестока политичка дебата во земјата околу употребата на прекумерно полициско насилство, со оглед што секогаш одново се случуваат убиства на луѓе при банални сообраќајни контроли, кога тие не се придржуваат кон полициските инструкции.

„Во Франција веќе не постои смртна казна. Ниеден полицаец нема право да убива, освен ако тоа не е во самоодбрана. Полицијата го поткопува авторитетот на државата и мора од темел да биде реформирана", напиша на Твитер левичарскиот политичар Жан-Лук Меланшон.

Претседателот на конзервативните Републиканци, Ерик Киоти им ја искажа својата поддршка на полициските сили во Нантер. „Вие сте бранители на нашата колективна безбедност. Овој хаос со ништо не може да се оправда“, изјави тој алудирајќи на безредијата и судирите.