1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Предлог резолуција за РСМ разбуди стари рефрени

18 март 2024

Зошто бугарскиот амбасадор дозволил разгледување на антибугарски документ во Сенатот на САД - е само една од критиките на предлог резолуција за поддршка на пристапувањето на РСМ во ЕУ.

https://p.dw.com/p/4dqCO
Капитол- седиштето на американскиот Сенат каде беше поднесена предлог резплуција за поддршка на пристапувањето на РСМ во ЕУ
Капитол- седиштето на американскиот Сенат каде беше поднесена предлог резплуција за поддршка на пристапувањето на РСМ во ЕУФотографија: J. Scott Applewhite/AP/dpa/picture alliance

Предложената резолуција, со која четворица американски сенатори „го повикуваат претседателот, државниот секретар и европските сојузници да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Северна Македонија без дополнителни билатерални услови", наидува на критики во бугарската јавност. Предлогот е доставен од демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.

На текстот минатата недела реагираше партијата Има таков народ (ИТН) со критики дека во него никаде не е спомнат Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и билатералните проблеми кои произлегуваат од неговото непочитување.

Договорот со Бугарија не е спомнат, но во текстот на предложената резолуција каде хронолошки се наведуваат чекорите на РСМ, се наведува и дека „согласно протоколот од јули 2022 година, Северна Македонија се обврза да донесе одредени уставни промени со цел да се реши дополнително билатерално несогласување“.

„Потценување на документот“

Агенцијата Бгнес критикува зошто воопшто бугарскиот амбасадор во САД, Георги Панајотов, дозволил разгледување на антибугарски документ во Сенатот на САД. Медиумот пренесува дека „според анализата и оценката на амбасадорот Панајотов, тој документ бил ‘избалансиран’ и тој не гледал никаква опасност за Бугарија од неговото донесување“. 

Предложената резолуција во Сенатот на САД со заложба за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со РСМ  без дополнителни билатерални услови" ја бранува бугарската јавност.
Предложената резолуција во Сенатот на САД со заложба за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со РСМ без дополнителни билатерални услови" ја бранува бугарската јавност.Фотографија: DW/M. Maksimovic

Бгнес оценува дека таквата оценка можеби донекаде влијаела дипломатот да извести само еден човек за тоа што се случува во САД - неговиот директен претпоставен во МНР, а не и поширок круг на луѓе вклучени во креирањето на бугарската надворешна политика, како што се собраниската Комисија за надворешна политика, Владата и Претседателството, како и Дирекциите во МНР кои се директно вклучени во таа проблематика - Дирекциите за Југоисточна Европа и ЕУ. Според медиумот, неточната оценка на амбасадорот (со речиси 30-годишно искуство) и потценувањето на предложената резолуција може во блиска иднина да и предзивика долгорочни проблеми на Бугарија.

„За важноста на предложениот документ говори фактот што зад него не стои некаква лобистичка организација на македонската дијаспора како што било во други случаи, туку самата македонска држава која во моментот спроведува антибугарска политика и прави сѐ што е можно за да се избегне примената на „францускиот предлог“, кој во суштина е предлог на целата Европска унија“, пишува Бгнес.

Ветер во едрата

Критики кон амбасадорот има и од партијата Има таков народ (ИТН).

„Во САД немаме амбасадор кој ќе го штити бугарскиот национален интерес, туку скапо платен турист", критикува Слави Трифонов од ИТН.

„Неговиот совет до МНР бил да не се прави ништо (...) Ќе потсетам дека истиот турист од амбасадата еднаш пропушти една ваква промакедонска резолуција. И зошто тогаш ја пропушти и не направи ништо? Неговото оправдување беше дека бил на одмор! Според нас, тој веднаш треба да биде испратен на траен одмор“, напиша Трифонов на неговиот профил на Фејсбук, со порака на тоа амбасадорско место да се испрати вистински Бугарин и вистински професионален дипломат.

Според Слави Трифонов од партијата Има таков народ (ИТН), бугарскиот амбасадор во САД е скапо платен турист
Според Слави Трифонов од партијата Има таков народ (ИТН), бугарскиот амбасадор во САД е скапо платен туристФотографија: BGNES

Притоа праша која земја е поважна за САД.

„Претседателот, државниот секретар и европските сојузници на САД да лобираат за членство на РСМ во ЕУ и итно одржување на меѓувладина конференција. Интересно која земја е поважна за САД? Бугарија, која е членка на ЕУ и НАТО, или Северна Македонија? Каков е тој наш партнер кој евентуално би застанал на страната на друга држава со која имаме реални проблеми?", реагира Трифонов, посочувајќи дека министерот за надворешни работи Бујар Османи се фалел со сѐ уште неусвоена резолуција нарекувајќи ја „ветер во едрата“.

Минатата недела, одговарајќи на новинарско прашање за резолуцијата, Османи се осврна на предлогот на сенаторите.

„Има предлог на четворица сенатори, двајца демократи и двајца републиканци, на Резолуција што ќе биде ветер во едрата на нашата држава за членство во ЕУ и тоа е многу важно, особено затоа што е поддржана од двете страни - и републиканците и демократите се едногласни, што значи дека во САД имаме апсолутен консензус за поддршка на Северна Македонија. Во Резолуцијата се спомнува и средбата на Блинкен овде во МНР, поддршката што ни ја даваат САД и се разбира ќе значи наше охрабрување да продолжиме на тој пат, меѓутоа и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза патот на Република Северна Македонија“, рече Османи.

Според него, Резолуцијата носи порака и до политичките сили во земјава кои гледаат друга алтернатива освен членството во ЕУ.

„Таа ќе помогне и во охрабрувањето на земјите членки, во нашето охрабрување дека немаме алтернатива освен членство во ЕУ. Малку е и порака до политичките фактори овде коишто заговараат дека може да има алтернатива на ЕУ, меѓутоа, процедурите се утврдени. Тие се во наш интерес. Ние треба само да продолжиме тука да одржиме една стратешка предвидливост, особено да не ја ризикуваме таа стратешка предвидливост сега со изборите и да продолжиме кон имплементирање на обврските за да станеме членка на ЕУ до 2030 година“, порача Османи.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи порача дека предложената резолуција во Сенатот на САД носи порака и до политичките сили во РСМ кои гледаат друга алтернатива освен членството во ЕУ.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи порача дека предложената резолуција во Сенатот на САД носи порака и до политичките сили во РСМ кои гледаат друга алтернатива освен членството во ЕУ.Фотографија: MFA Nord Mazedonien

И двете земји се ценети сојузнички

Американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар говорејќи на брифинг за новинарите минатата недела, одговори и за посочената резолуција.

„И Северна Македонија и Бугарија се ценети НАТО-членки и сојузници и сакаме мирно решение на сите прашања. Го охрабруваме дијалогот меѓу двете држави да остане врз основа на факти и вкоренетост во заложбата Северна Македонија да продолжи да има ЕУ-перспектива. Верувам дека имаме сигурност од Бугарија дека тие сакаат Северна Македонија да биде дел од Европската Унија. Сакаме да ги искористиме тие можности, зашто Северна Македонија треба да биде целосен кандидат и итен кандидат за членство во ЕУ“, изјави Ескобар.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема