1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една резолуција - многу врева преку океанот

7 август 2023

Бугарски здруженија во САД се мобилизираат против предлог резолуција со која се бара во септември да се слави македонскиот јазик, историја и културата на македонските Американци.

https://p.dw.com/p/4UqY0
Знамиња на Северна Македонија и САД
Се проценува дека денес во САД живеат околу 500.000 граѓани со македонско потеклоФотографија: Government of North Macedonia

Откако по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, пред Сенатот предложи резолуција во која се бара во септември годинава да се слават македонскиот јазик, историја и културата на македонските Американци, веднаш се мобилизира бугарска прекуокеанска заедница за попречување на оваа инцијатива.

Како што пишува „Труд“, најстарата бугарска организација во САД - „Пирин“ од Чикаго, заедно со други бугарски организации, ја продолжува кампањата со протестни писма против резолуцијата, за која велат дека е полна со „фалсификати и манипулации“.

Медиумот потсетува дека токму по интервенција на Бугарите зад океанот и нивните организации, лани двата дома на Конгресот отфрлиле слични документи. Тогаш, бугарските организации „ги разобличиле грешките во резолуциите и направиле голема образовна пропаганда“, објаснувајќи дека тие резолуции биле засновани на фалсификати и манипулации, со цел да го искористат Конгресот на САД како алатка за препишување на историјата и за легитимирање на тврдењето дека македонски етникум и јазик постоеле пред 1944 година.

Сега исти напори се вложувале и против новопредложената резолуција.

„По шлаканиците кои ОМД ги изедоа со обидот за резолуцијата 741 во 2022, со која титовците ја крадеа историјата на македонските Бугари во САД, сега титовците од ОМД се обидуваат со Резолуција 311, која е многу пократка, без никакви детали“, коментираат на социјалните мрежи членови на „Пирин“. Некои од нив уверуваат дека „повторно ќе направат сѐ, за да им попречат на титовците“.

„Победнички македонизам“

Се проценува дека денес во САД живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, од кои најголем број во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија. Десетици илјади Македонци заминале во САД во 1880-тите години, други во виорот на Балканските војни 1912-1913 година, потоа за време на Првата и Втората светска војна, на Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година, но и во времето на СФРЈ.

Иако, како и нивните претци, ја негуваат македонската култура, јазик, идентитет и нивната посебност, бугарската политка тоа го третира како инженеринг на ју-политиката за создавање нов идентитет.

„Македонизмот како создавање на нов идентитет отсекогаш бил државна политика на Југославија, потоа на Македонија“, вели Љубомир Ќучуков, поранешен бугарски заменик министер за надоврешни работи и амбасадор.

„Тој (македонизмот - н.з.) е идеолошка доктрина која работи со сознанијата на луѓето. И од државна идеологија ние го претворивме во јавен став, ја загубивме битката за сознанијата на граѓаните. Откако го потпишавме Договорот за добрососедство во 2017 година, еден и пол отсто од Македонците ја сметаа Бугарија за непријател. По наметнувањето на т.н. вето во 2019 година, процентите станаа 23. Пред една година заедно со т.н. француски предлог процентите беа околу 45, а сега не можам да замислам колку станаа. Успеавме да го создадеме токму она што го бара македонизмот - чувството за нешто посебно, различно. Ние работевме целосно во полза на македонизмот. Во Скопје можат да подигнат споменик на победничкиот македонизам и на него да напишат ‘Со вечна благодарност до бугарските политичари’. Сто години властите во Македонија се обидуваат да ги натераат граѓаните да веруваат дека не се Бугари и не успеале. Ние успеавме за 4 години да ги натераме да не сакаат да се чувствуваат Бугари“, вели Ќучуков.

Според доц. д-р Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН) лани таа битка ја воделе невладини организации во САД, а за жал немало никаков став од Народното Собрание. Смета дека е редно сега да има, барем од парламентарната комисија за пријателство со САД.

„Таа треба да се обрати кон американскиот Сенат и да ги посочи сите неточни нешта и дека на крајот на краишита станува збор за наметнување на една комунистичка пропаганда“, вели Ташев.

Смета дека бугарскиот претседател Румен Радев ќе може да разговара со неговиот американски колега Џо Бајден, бидејќи досега се покажало дека тоа е механизмот со кој успеваат да блокираат дел од нападите.

Бугарија Софија парламент
Парламентарната комисија за пријателство со САД би требало да заземе став, бара доц. д-р ТашевФотографија: BGNES

„На пример, се сеќаваме како Скопје дури и преку американски сенатори тврдеше дека Бугарија е пречка за евроинтеграцијата на Македонија и точно тогаш претседателот Радев успеа да му објасни на Џо Бајден дека тоа не се вистинити работи. Го посочи проблемот со човековите права. и откако се случи овој разговор - не сум видел никаков силен американски притисок врз Бугарија да ја смени својата позиција“, оценува тој.

Единствениот пат

Како што објави Гласот на Америка, резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Методија Колоски, објасни дека целта на резолуцијата е да се истакне многубројниот придонес на македонските Американци во САД во различни области.

„Оваа резолуција е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија“, изјави тој за Гласот на Америка на македонски јазик.

Северна Македонија | премиер Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Ковачевски смета дека идентитетот најдобро ќе се зачува на европскиот пат Фотографија: Petr Stojanovski /DW

А бугарската кампања против оваа резолуција се случува токму во време кога македонските власти се обидуваат да обезбедат консензус за уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав, тврдејќи дека тоа на никаков начин не ги засега македонските идентитетски прашања.

Премиерот Ковачевскиво интервју за МИА ги повика пратениците и опозицијата наместо да бараат изговори - да дадат поддршка на измената на Уставот, со што ќе обезбедат европска иднина на земјата и за идните генерации. Тој го потенцира ставот на ЕУ дека нема да има подобар договор, нема да има нов договор и нема да има друга преговарачка рамка. Но, смета дека на европскиот пат најдобро ќе се зачува идентитетот. „Ние имаме обврска да им оставиме на идните генерации европска Македонија, не треба да се калкулира со следните чекори, треба да се донесе одлука и да продолжи државата на европскиот пат. Само на тој пат ние ќе си го зачуваме она што го имаме во однос на историскиот, културниот и јазичниот идентитет, само на тој начин ќе си ги зајакнеме позициите кон меѓународната заедница и партнерите и воедно ќе ја подобриме сегашната состојба. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат големи достигнувања, заслужуваат европски стандард и подобар живот, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, нашата алтернатива е ЕУ. Ова е суштината. Нашата сила е во обединувањето и секој што ѝ мисли добро на оваа земја треба да биде подготвен за заеднички државнички одлуки“, изјави Ковачевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема