1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската резолуција и ДУИзацијата на државата

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
28 јуни 2023

Диверзијата на бугарската демократија се пресликува во диверзија на македонската демократија и во неверојатен парадокс на ЕУ и САД. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/4T7cG
Германија Бундестаг
Резолуцијата на германскиот Бундестаг е добронамерен гестФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Германската резолуција е добронамерен гест, мотивиран да ѝ се помогне на македонската власт да ги изврши уставните измени, т.е. да ги внесе Бугарите во Уставот. Тоа го прави декларирајќи признавање на македонската историја, култура и јазик, како еден вид гаранција дека патот на Македонија кон ЕУ нема да оди под бугарски диктат, на што се противи опозицијата.

За жал, или за среќа, резолуцијата не само што не ја постигна таа цел, туку уште повеќе ги утврди рововските позиции на СДСМ и на ДПМНЕ. Првата ја обвинува втората зашто не лобирала нејзините сестрински партии во Бундестагот да гласаат за резолуцијата. Па така се внушува дека германската левица го поддржува нашиот пат кон ЕУ, а десницата - не. 

Тоа, се разбира, е погрешно. ЦДУ се заложила за поддршка на целиот Западен Балкан. Тоа имплицира дека според резолуцијата, уставните измени претставуваат ексклузивен фактор на пристапниот преговарачки процес, додека ЦДУ има во вид повеќе фактори на тој процес - во крајна линија самата политика на проширувањето на ЕУ. Во тој контекст, паралелно со резолуцијата, Германија со уште шест земји членки на ЕУ се јави со иницијатива за укинување на принципот на вето во Унијата. 

Скршнување од критериумите 

Логично е да се претпостави дека таа иницијатива се должи на сознанието дека ветото е во колизија со Копенхашките критериуми за прием во членство на ЕУ. Земјата членка на ЕУ диктира услови пред земјата кандидатка за членство што се совршено надвор од Копенхашките критериуми, скршнувајќи го преговарачкиот процес во решавање на билатерални прашања.

Нашиот случај е еклатантен пример за такво скршнување, кое, преку „францускиот предлог", ја повлекува и ЕУ. Резолуцијата на Бундестагот е реакција на бугарските документи во врска со ветото што исходуваат од позицијата за Македонија како „вештачка држава" (во пежоративна смисла на лажна држава). 

Димитар Димитров
Димитар Димитров, автор на колумнатаФотографија: privat

Но германската резолуција не се конфронтира директно со тоа исходување за да не се прикаже како антибугарска. Напротив, ја убедува опозицијата да гласа за „Бугарите во Уставот", со благо обраќање кон Бугарија да се воздржи од нови услови. И така му дава сила на Ковачевски да тврди дека е гарантиран македонскиот идентитет, јазик и култура и да ги прогласи за предавници сите кои мислат поинаку! 

Радев во германската резолуција препознава лобирање на Македонија и, во долго писмо до лидерите на земјите членки на ЕУ, објаснува дека тоа не е дозволено. На намекот за нови услови појаснува дека „впишувањето на Бугарите во уставот на државата е само претходен услов за почнување на преговорите за членство. Но тоа не ги исцрпува условите што Северна Македонија следува да ги исполни". Идентично, МНР одговара  со педантно набројување на сите документи што ги содржат бугарските услови, веќе прифатени во преговарачката рамка. Т.е, нема потреба од нови услови! 

Разминот на Германија 

Во суштина, резолцијата на Бундестагот е уште едно, германско повторување на бугарското (прво!) признавање на новата самостојна држава Република Македонија од времето на демократскиот блесок на Бугарија со президентот Желју Желев и премиерот Филип Димитров. Ветото во суштина го анулира тоа признание и ја негира таа Бугарија. Затоа балансирањето на резолуцијата меѓу ветото („Бугарите во Уставот") и македонските идентитетски атрибути, поминува во дисбаланс на германската позиција. Германија како Германија (која ги потврдува тие атрибути и се залага за укинување на ветото во принцип) е во размин со Германија како членка на ЕУ (која стои зад „францускиот предлог", со „Бугарите во Уставот"). 

И покрај сознанието дека принципот на ветото е сопка за мнозинскиот принцип и за Копенхашките критериуми, бугарското вето, модифицирано во „француски предлог", за една година стана религиозна догма - наспроти сите зла што ги открива неговата етиологија и неговите досегашни ефекти. 

Румен Радев
„Радев пука од гордост што условите на ветото ги префрлил во графата човекови права и го издејствувал „францускиот предлог".“Фотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/IMAGO

Тешко може да се замисли порешителен аргумент против принципот на ветото во ЕУ од бугарското вето. Тоа е израз на Јанусовото лице на современа Бугарија: едното свртено кон традицијата на „слепото русофилство" (Методи Кусев), другото - кон западната перспектива. Едното има вид на путинско-коруптивна коалиција, другото - на евроатлантска коалиција. До ден-денес тоа ја оневозможува Бугарија да функционира како парламентарна демократија (иако е членка на ЕУ). Евроатлантистите ја сметаат за диверзија на бугарската демократија путинско-коруптивната коалиција - родилката на ветото. „Агентот Иван" (Каракачанов) веќе не е лидер. Неговата партија ВМРО-БНД веќе не е  парламентарна. Партијата на Борисов е уште прва политичка сила, но не може да формира влада поради коруптивната репутација, а Борисов и формално се гони како практикант на корупција. Во помош на таа развластена коалиција ѝ пристапи „агентот на руското влијание" - Радев. Тој пука од гордост што условите на ветото ги префрлил во графата човекови права и го издејствувал „францускиот предлог".

Евроатлантската коалиција, пак, пука од мака со таков президент и му посакува импичмент. Но уште избегнува да му спроведе „импичмент" на ветото/„францускиот предлог", како дел од таа антиевропска дружина. Па на „Бугарите во Уставот" да им ја претпостави „Македонија во ЕУ"! - како дел од излегувањето на Бугарија од политичката агонија. 

ДУИзација на државата  

Со кое од тие две лица на бугарскиот Јанус е во коалиција „францускиот предлог", кое не подлежело на ревизија? Не е ли тој сам по себе веќе ревизија на позицијата на ЕУ пред „креативната" надградба на Радев? Зашто, точно појаснува тој, „францускиот предлог" ги содржи сите услови што ЕУ претходно ги одби (сега дури во вид на подиректен диктат). 

Дополнителната „афирмација" на актерите на ветото, врви паралелно со игра на орел, рак и штука во Македонија. Бугарското путинско исходување на ветото, ја погоди Македонија право во нејзината гордост - промоцијата на малцинствата во „делови од народи". Фактот што тоа не го погоди „делот од албанскиот народ" (албанското малцинство) како мнозинскиот македонски народ, издава надреденост на задгранична етно-идентификација над внатрешната граѓанско-национална идентификација. Тоа генерира ДУИзација на државата, во вид на антипарламентарна и антиуставна коалиција, со превласт на ДУИ над СДСМ, со замена на демократијата со корупција. Веќе цела година таа замена медиумски се покрива со „уставните измени" и со воскреснат удбашки антибугаризам. 

Во моментов, паралелно со поддршката на власта за спроведување на уставните измени, течат жестоки критики од ЕУ и САД, кои во крајна линија го оспоруваат легитимитетот на власта. Заигра и законот „Магнитски" за функционер на ДУИ, со најава на нови имиња. (Во дослух со гестот на таткото на загинат борец на УЧК, кој го спречил Ахмети да стави роза на синовиот гроб: „Не на тој гроб!") 

Па тоа е истата власт што „францускиот предлог" го кристализира во корупција! 

Диверзијата на бугарската демократија се пресликува во диверзија на македонската демократија и во неверојатен парадокс на ЕУ и САД.

Тажна, многу тажна констелација.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема