1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сака да постигне Слави Трифонов?

Петар Чолаков
4 јануари 2022

Предлозите на Слави Трифонов во спорот со Скопје не се насочени кон негово решавање. Целта е друга: ИТН да ги врати изгубените гласачи во патриотската база и пошироко, пишува Петар Чолаков.

https://p.dw.com/p/457Wq
Слави Трифонов Бугарија ИТН
Слави ТрифоновФотографија: BGNES

Предлогот на Слави Трифонов за решавање на спорот меѓу Бугарија и Република Северна Македонија (РСМ) не е насочен кон Скопје, Брисел или Вашингтон. Неговите цели се првенствено внатрешно-политички. Четирите услови на Трифонов повеќе звучат како „ултиматум“ кон РСМ, ЕУ и САД: ќе ја пуштиме РСМ во ЕУ, ако Бугарија влезе во Шенген и САД ги укинат визите, откако ќе се исполнат условите од Договорот за добрососедство, и како капак, граѓаните на РСМ да ги признаат „своите историски бугарски корени“.  Финтата е во тоа што главната цел на Трифонов не е решавање на конфликтот со соседите. 

Стремежот е друг: Има таков народ (ИТН) да си ги врати изгубените гласачи во патриотската база и пошироко. Со неговиот потег Слави си ги печали барем „патриотите“. Иако некои го обвинија за пазарење, се сомневам дека повеќето лидери во тој изборен сегмент веќе се туфкаат како тие не се сетиле први да покажат патриотски мускули како шоумен-политичарот.  

Причината? Повеќето Бугари инсистираат на цврст став за членството на РСМ во ЕУ, кој нема да прави компромиси со „нашиот национален интерес“. Бугарија не е ниту „ентузијаст“, ​​ниту „непоколеблив“ сојузник на САД и НАТО. Напротив. Многу Бугари имаат симпатии за Русија на Владимир Путин, а подготвеноста да му се помогне на сојузникот од Алијансата во неволја, особено ако треба да се соочиме со Москва, е срамно ниска. Можеби има Бугари на кои влезот во Шенген или укинувањето на визите за САД не им е приоритет; но огромното мнозинство ќе се „радува“ што ги „одбиваме“ „големите сили“.  

Повеќе од флерт  

Затоа, со својот предлог Слави не им намигнува само на ловиштата на националистите (околу 15% од гласачите). Неговата закачка ќе им се допадне на сите што се огорчени од антибугарската реторика во Северна Македонија, како и од обидите на Вашингтон и Брисел да не „вразумат".  

Петар Чолаков ДВ Дописник
Петар Чолаков, автор на коментаротФотографија: Privat

Потегот на Слави можеби изгледа како обичен политички флерт со гласачите, но некои би тврделе, не без причина, дека тука нема простор за шеги и експерименти. ИТН се дел од владата, а министерката за надворешни работи Теодора Генчовска е дел од нивната квота. Укажувањето на Слави дека го споделува  неговото „лично мислење“ (можеби по примерот на министерот за одбрана Јанев?) воопшто не е соодветно. Кога зборува лидерот на партијата што го презеде државното кормило, особено за невралгично надворешно-политичко прашање, неговите зборови одекнуваат далеку.  

Во Северна Македонија „дилот“ предложен од Слави може уште повеќе да ги испровоцира оние кои воопшто не ја сакаат нашата земја. „Бугарите полни со самодоверба веќе почнаа смело да им наредуваат на големите играчи“, ќе речат некои низ јад и со потсмев. Но, веројатно има и такви кај кои дрскоста на Трифонов ќе предизвика почит. 

„Понудата“ на Трифонов едвај ќе ги трогне ЕУ и САД. Брисел и Вашингтон секако ги поткренаа веѓите кога дознаа за неа. Од друга страна, тие се навикнати на далеку покаприциозното однесување на црните овци како Унгарија и Полска. Прашањето е: дали Бугарија сака да се приклучи на непрестижниот хор на Орбан, Качински и компанија? 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема