1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно твоја, реорганизирана

25 јули 2024

Спротивно на најавите за внатрешно растурање, за насилни демонстрации, пристапот на ДУИ, но и на Европскиот Фронт со реорганизацијата укажува дека борбата ќе биде институционална. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4iiXR
Седиштето на ДУИ во Мала Речица
Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Во основа, сѐ што опонентите на ДУИ имаат изјавено за мотивите во позадината на предлогот за реорганизација на државата е точно. Според истата основа, сите изнесени аргументи против предлогот на ДУИ се неточни, лажни или непринципиелни. Да почнеме по ред.

Нема сомнеж дека мотивот во позадината на барањето на ДУИ е политички и рејтиншки тактички мотивиран. Но за разлика од претходните PseJo! и еколошки агенди, овојпат нивната иницијатива е и тематски стратешка, со далеку поголема политичка тежина и подршка кај Албанците. Со изборна победа во џеб, со демонстрирана солидна интерна стабилност, надворешно-политички гравитас и цврст контрааргумент обезбеден од етничкото национално единство на Македонците, ДУИ правилно го стави прстот врз билото на Албанците и го почувствува пулсот за правецот во кој тече крвотокот. А тој пулс определува Албанците со наклонетост да гледаат на предлогот на ДУИ кој токму затоа што бивајќи партиски интерес, може да доведе до подобрување на нивниот статус. 

Интересно е што во напливот на критики за потегот на ДУИ никој не најде за соодветно да потсети дека во екот на предизборната кампања токму ВЛЕН настапуваше со предлози за формирање на Заедница на албански општини. И токму од партијата на спикерот на Собранието, Африм Гаши, покренувајќи „иницијативата за здружение на општини со мнозинско албанско население во Северна Македонија” нагласувајќи дека „можеби на овој начин ќе дојдеме и до темата за јазичен реципроцитет меѓу албанскиот во С. Македонија и српскиот јазик во Косово”. Со подршка кон реорганизацијата на државата како „домино ефект од ЗСО од Косово” се произнесоа и Изет Меџити и Арбен Таравари. 

Тогашните изјави на челнците на ВЛЕН беа речиси премолчувани од ВМРО-СДСМ. За да денес хорски здружено нагласуваат дека не смее да се дозволи рушењето на уставниот и унитарен поредок на државата „од ДУИ”. Сепак, таквото „уставно-унитарно” опонирање на предлогот од ДУИ само ја нагласува комичноста на сопствените аргументи и севкупната ситуација. Во која токму оние кои не ја криеа егзалтацијата од кршењето на Уставот од највисок политички и псевдо-легалистички врв, имено Гордана Сиљановска Давкова и Христијан Мицкоски, денеска се првите кои со закрвени очи, пена на усти и треперливо нервозни прсти тапкаат врз пасуси од Уставот кој самите активно или пасивно го имаат сведено на дневно-политички памфлет. Порачувајќи дека газењето врз и кршењето на Уставот е позитивен прерогатив и привилегија за Македонците и негативен непријателски чин и акт доколку истото се спроведува од немакедонците.  

Наместо внатрешно растурање - реорганизација 

Доколку би ги следеле историските паралели, заклучокот е дека реорганизацијата е една неприфатливост која сепак ќе се случи. Оние кои го живееле времето, паметат дека истите аргументи на „уставност и унитарност” се користеа и во процесот на здобивање воспитно-образовни институции на албански јазик, процесот на озаконување на употребата на албанскиот јазик, децентрализацијата и секој друг процес во кој реализацијата на правата на Албанците беше сметано како „подривање на темелите на државата”. 

Во реалноста, унитарноста и уставноста на државата никогаш не беа загрозени од проектираните „загрозувачи”. Туку токму од оние кои во име на заштитата на унитарноста и уставноста диктираа моноетнизација за себе и мултуетнизација на другите, санктификација на македонскиот и сатанизација на албанскиот јазик. Таквиот пристап определи денес Северна Македонија да не е де-факто федерација изведена во име и под плаштот на „грижа за и заштита на уставниот и унитарерн поредок на државата”. Впрочем, барањето на ДУИ не би предизвикало нервоза и негодување доколку темелите на нашата реалност беа навистини уставни или унитарни и со минимална, безвредна подршка.

Мотивите на ДУИ не се можеби, туку секако се партиски тесногради. Подеднакво како и „Македонија повторно твоја” на ВМРО или „Едно општество” на СДСМ. Но интензитетот на подршка и негодувања кои уследија по објавата на ДУИ потврдуваат дека сме се поблиску до судирот помеѓу статичната неодржлива перцепција и реалноста во еволутивно незапирливо надоаѓање. Барањето на ДУИ не се раѓа од вакум ниту паѓа од небо, туку резултира како реперкусија на моноетнички киднапираната смисла на Уставот и Унитарноста скроени според интерес на привилегијата, а не на суштествената реалност. Самиот факт што првичното спомнување на реорганизацијата дојде од губитничката позиција на ВЛЕН, премолчано од победничките партнери од ВМРО, укажува на тоа дека проблемот всушност е поштарот ДУИ, а не пораката која ја пренесуваат. Реорганизацијата не е enfant terrible, туку само копиле за кое се уште не се знае кому ќе донесе поголем профит. Потсетете се како еволуираше противењето и како еволуираа тврдите опоненти на Рамковниот Договор од 2001 година па до денес. 

Спротивно на најавите за внатрешно растурање, за насилни демонстрации, пристапот на ДУИ но и на Европскиот Фронтсо реорганизацијата укажува дека борбата ќе биде институционална, политички внатрешна и дипломатски надворешна. Во таа борба, подршката за реорганизацијата ќе биде определена од одбивањето на истата. И тоа посебно се однесува на западните партнери и нивниот став кон иницијативата на ДУИ која ги извлече на површина нивните (не)доследности. Барањето за внатрешна реорганизација доаѓа од партија која го даде клучниот придонес во обезбедување на внатрешната сувереност и надворешен интегритет преку зачленување на земјата во НАТО. Обвинувањата за наводна етнизација преку реорганизација не може да се покренат без претходна дискусија за веќе постоечкиот диспаритет помеѓу источна и западна Македонија. 

ДУИ е во победничка позиција

Ставот на САД и ЕУ кон иницијативата на ДУИ ќе ја стават на увид дилемата дали нивните политики во Босна, Црна Гора, Косово се навистина со реформски, интегративни побуди или пак супремацистички политиканства скроени по воља и интерес на обезбедување на доминација на српскиот шовинизам врз соседите. Секој обид на Вашингтон, Берлин, Брисел да низ некаква вербалистичка акробација направат дистинкција помеѓу специфичностите на Србите и Хрватите во Босна или Србите во Косово и оние на Албанците и немакедонците во Македонија, нема само да ги потврди сомнежите за дискретниот супремацизам на западната дипломатија, туку и ќе предизвика радикално преиспитување за скриените намери на истите во реинсталација на менталитетот на народи и граѓани од прв и втор ред со амин на САД и ЕУ. Гласноста на САД и ЕУ за заедниците во Косово и молкот на САД и ЕУ за реорганизациите во Македонија дополнително ќе ги мотивираат Албанците (и не само нив) да застанат зад ДУИ и барањата за реорганизација. ДУИ е затоа во победничка позиција, независно од исходот. Позиција обезбедена од моноетничкото разбирање на Уставот и унитарноста, вазалското позиционирање на ВЛЕН и Quo Licet Serbi Non Licet Albi хипокризијата на САД и ЕУ во регионот. Поради која, доколку се продолжи со истиот пристап на реституција на народи од прв и втор ред, на крај ќе резултира со топење на албанското прашање во Македонија во албанското прашање во регионот. 

Никој, особено авторот, никогаш ја нема оспорено вистината за ДУИ партија со огромен багаж на криминал и корупција. Напротив! Дури и во времињата кога чесните СДСМ и правничките експерти ги преферираа ДУИ повеќе од Албанците или пак во времињата кога достоинствениот, горд Мицкоски Христијан со капа во рака одеше на баци-рака на Ахмети во Речица. Дури и во времињата во кои денешното комплетно раководство на ВЛЕН ги честеше критичарите (мене особено) со сочни пцуења, закани и навреди поради дрскоста да се критизира нивната mothership-party ДУИ. Токму затоа, во оваа дебата дволичноста на опонентите ја пречистува улогата на ДУИ во очите на Албанците. И не само нив.

Најголемата промена на ДУИ, нејзина ревитализација, не е интерна туку екстерно наметната како реперкусија на масовната, колективна, хистерична и нескриено хејтерска кампања на антиалбанство диктирано од ВМРО-ДПМНЕ и премолчано од СДСМ. Следствено, барањето на ДУИ за реорганизација е демант, контра и студент туш за посакуваните очекувања од ВМРО, СДСМ, ВЛЕН, Амбасадите на САД и ЕУ за нивна радикализација со која ќе се олеснеа хејтерствата на Мицкоски, интригите на Заев, кукавичлукот на ВЛЕН и супремацистичките двојни стандарди на САД, ЕУ, Германија. Нивната поставеност кон Албанците како перпетуален реагенс, катализатор и промотор на промени е факторот кој диктира не дали, туку кога реогранизацијата ќе стане реалност. И кој од неа ќе извлече најголем профит. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема