Битка за легитимитет или „после мене потоп“?
22 јули 2024Не стивнуваат јавните препукувања околу потегот на ДУИ да ангажира странски експертски тим кој ќе работи на предлози за озаконување на принципот „победник со победник“ при формирање влада, со цел да се спречи мајоризација и да се овозможи почитување на правните и моралните принципи утврдени со Охридскиот договор.
Според ДУИ, тимот кој го предводи еден од авторите на Охридскиот договор, Пол Вилијамс, работи на неколку предлог идеи. Оттаму со денови критикуваат дека новата Влада има моноетнички легитимитет, бидејќи за разлика од победникот во македонската заедница, победникот во албанската заедница (ДУИ) останал надвор од неа.
„Оваа влада, изградена врз моноетнички легитимитет, очигледно нема застапеност и почит кон втората по големина заедница во земјата - Албанците - како и немнозинските заедници“, напиша во колумна потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
„Целта е јасна: поткопување и потценување на албанската заедница“, оценува Османи, посочувајќи дека таквиот пристап директно се коси со правните и моралните принципи утврдени со Охридскиот договор, кој камен-темелникот на мирот и стабилноста во земјата.
„Ова не е само прашање за албанскиот народ, туку и закана за самата структура на нашата држава. Мораме да застанеме заедно за да се спротивставиме на овие регресивни мерки, да ги браниме принципите на правичност и застапеност и да се осигураме дека напредокот што го постигнавме нема да биде поништен“, порача Османи.
Од владејачката „Вреди" го критикуваат таквиот пристап на ДУИ, со оценка дека им се познати игрите на партијата од Мала Речица - секогаш се повикуваат на големи теми кога се обидуваат да ги сокријат нивните гревови.
Пратеникот од Вреди, Аднан Азизи, како што пренесуваат медиуми на албански јазик, ја повика ДУИ наместо да троши пари за да создава забуна во јавноста, подобро е да ангажира адвокати за случаите Соравија, Лотарија, Маџар Телеком, казината...Тој побара од ДУИ која се презентира како проевропска партија, да биде транспарентна и да каже колку пари добиле ангажираните експерти и од чија сметка ќе се плаќаат.
Проактивен пристап на главните меѓународни сили
Според извори од албанскиот блок, покрај правно-експертски предлози за ефектуирање на изборниот легитимитет, од ДУИ се надеваат и на меѓународна поддршка за почитување на духот на Охридскиот договор. ДУИ таквата потреба ја изрази и во неодамнешното усвојување на три резолуции, од кои првата се однесува на легитимитетот.
„Повторно ја нагласуваме потребата од проактивен пристап на главните меѓународни сили, кои го гарантираа мирот со поддршката на Охридскиот Договор и нагласуваме дека еден од главните постулати кои произлегуваат од Охридскиот Договор е токму заштитата од мајоризација, која се поткопува преку дозволување и овозможување на учество во владата на коалицијата која не победила и која не ја одразува политичката волја на Албанците во РСМ и како таква ја претвара владата во влада без етнички легитимитет“, се вели во дел од резолуцијата.
Во неа се изразува загриженост дека непочитувањето на легитимитетот на Албанците ќе ја намали до укинување потребата од политичко организирање на Албанците во РСМ.
Одговорајќи на новинарско прашање, премиерот Мицкоски викендов рече дека додека во ДУИ не ги признаат грешките, сѐ друго е политички памфлет.
„Она со кое тие сега се обидуваат да настапат во јавноста е повторно политика на дезинтегрирање, нарушување на унитарниот карактер. Јас мислев дека ќе извлечат поука и ќе се извинат за трговскиот центар во центарот на Скопје, за „мајбах“ и „ролс ројс“ возилата, за тендери, за наместените судии и обвинители. Само така можеме сериозно да ги разбереме. Сѐ ова останато, го сфаќам како обид да се заштити криминалот. И сѐ додека вака настапуваат, нема да наидат на сериозност никаде", рече Мицкоски.
Може да има несакани последици
ДУИ преку резолуцијата за легитимитетот предупреди дека ако политичката волја на Албанците изразена на избори не е почитувана, тоа непочитување има тенденција да го уништи концептот на еднаквост, да ја уништи политичката волја и партиите на Албанците.
„Ова непочитување може да има несакани последици врз досегашните напори и постигнувања во меѓуетничките односи, секогаш во согласност со Охридскиот договор и неговите главни гаранти. Ова непочитување наликува на недемократските пракси применети за време на режимите од минатото во поранешна Југославија, во кои претставниците на народот во државните органи се назначуваа на арбитрарен начин, компарираше ДУИ.
Дел од медиумите објавија дека ДУИ заедно со посочените експерти наводно разгледувала модели за поделба на РСМ, по примерот на Северна Ирска и Белгија, што наиде на бројни коментари и критики во јавноста.
Досега ниту една партија надвор од фронтот на ДУИ, не даде поддршка за идеите за озаконување на принципот победник со победник и други идеи за кои се шпекулира во јавноста.
„За ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлив рекетарскиот принцип кој што е застапуван од ДУИ, а тоа е - ако не сме во власта за да крадеме, тогаш ќе создадеме етнички прашања и поделби", порача вчера портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„До пред месец и половина ДУИ беше власт заедно со СДС и тогаш на Али Ахмети не му беше важна регионалната поделба на Македонија, како што му беше важно 'Арберија' да ги добива тендерите на Артан, внукот на Али да ја купува 'Соравија', или пак фирмите подизведувачи на 'Бехтел и Енка' да се истите од Зајас или блиски до ДУИ“, рече Митева.