Мора да се каже јасно: годинава која изминува беше посрана. Океј, ова вообичаено не е соодветен избор на зборови за еден сериозен коментар. Но, понекогаш не може поинаку. Зашто, човек не знае од каде да почне со сите овогодишни ломови и пресврти.
Значи, за јасност, да почнеме од малото: на 16 декември, во Берлин се распрсна Аквадом, најголемиот цилиндричен аквариум во светот. Во хотелот каде што беше поставен се излеаја милион литри вода, угинаа стотици риби. Тоа може да се гледа како бизарна епизода, но и како симбол на крајот на една безгрижна ера. Затоа што никој не ги забележа ситните пукнатини - ниту во џиновскиот аквариум ниту во нашите општества.
Војна во Украина: големо разочарување
Големиот глобален раскол се случи на 24 февруари: Ковидсè уште го цврсто притискаше светот кога руските трупи ја нападнаа Украина. Не само што беа убиени десетици илјади луѓе, што беа уништени делови од градови и инфраструктура, туку настрадаа и бројни илузии.
Ова разочарување беше особено големо во Германија и Европа: политичарите и населението мораа болно да научат дека и во 21 век една освојувачка војна е крвава реалност. И дека рускиот гаснема секогаш да биде неограничен и евтин.
Она што следеше беше забрзана политика, со распределба на милијарди долари во воените буџети и избезумено барање нови извори на фосилни горива.
Повеќекратната криза
Кога нешто ќе се искине, брзо се појавуваат дополнителни пукнатини или видливи стануваат ситните пукнатини:цените растат, занаетчиите не доаѓаат, било да е тоа поради недостаток на персонал или материјал, полиците во супермаркетите одвреме-навреме остануваат празни, снемува сѐ повеќе лекови. Сето ова се феномени кои во голема мера беа непознати во многу земји во изминатите децении.
А најголемата од сите кризи - климатските промени - се најде во втор план на надреален начин. Кој мисли на глобалното затоплување кога треба да се грижи да не замрзне во зима? Во меѓувреме, Денот на преоптовареност на Земјата - денот кога ги потрошуваме глобалните ресурси за една година - продолжува да се поместува од година во година.
На сите треба да ни биде јасно дека со оглед на оваа повеќекратна криза, работите веќе не можат да одат како порано. Но, тоа е проблем за економски систем кој се заснова на постојано и растечко „продолжи по старо“. Бидејќи сите знаеме дека во иднина веќе нема да можеме да живееме и да консумираме како досега, тоа многумина исполнува со голема неизвесност.
Тага за светот што исчезнува
И така, многумина тагуваат по светот за кој знаат дека наскоро веќе нема да постои. Во најлош случај, тоа води до негирање на реалноста, до бегство кон десничарските популистички идеологии или митови за заговор.
Или пак ги зголемуваме нашите напори само за да спречиме полошо. Социологот Хартмут Роза тоа го опишува вака: „Веќе немаме чувство дека трчаме напред и кон хоризонтот, и дека борбата е забавна, дека се трудиме да постигнеме нешто. Сега треба да трчаме побрзо и побрзо, само за да не се лизнеме надолу. Трчаме кон бездна која е сѐ поблиску и поблиску“.
Перспектива за утрешнината
Она што ни недостасува е заедничка перспектива за утрешнината, наратив за добра иднина. Повеќето постоечки слики за иднината се погрешни затоа што се или дистопија или наивно продолжување на постоечкото, но со подобра технологија, односно идејата дека наскоро ќе измислиме машина која некако магично ќе го отстрани ЦО2 или ќе ја елиминира сиромаштијата.
Значи, потребна ни е конкретна идеја за тоа како сакаме да живееме. Како сонот по Втората светска војна, кога приказната се викаше „зголемување на просперитетот преку образование и напор“. Нешто за што вреди да се ангажираме.
17-те цели на ОН
Таквата претстава веќе постои како апстракција, на пример во 17-те цели за одржлив развој на Обединетите нации (СДГс). И, има мноштво идеи, од локални совети за исхрана до концепти за енергија со нула ЦО2. Заедничко стопанисување без принуда за постојан раст - затоа што Земјината топка е ограничена. Но, од една страна, овие концепти се тематски ограничени и не мислат на големото цело. Од друга страна, дебатата за тоа се одвива во тесни кругови на активисти. Мнозинството од општеството не се чувствува вклучено.
Различните идеи би требало да се преточат во кохерентен политички концепт разбирлив за секого, за кого може страсно да се дискутира. Само кога ова ќе успее, кога ќе биде јасно по кој пат сакаме да одиме заедно, ќе може да се каже, како што тоа го формулирал филозофот Теодор В. Адорно, „напредокот се случува таму каде што завршува“.