1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се распрсна огромен аквариум во Берлин

Доминик Јозиќ
16 декември 2022

Аквариум висок 16 метри, којшто се наоѓаше во хотел на Александерплац, во Берлин, изутринава се распрсна и предизвика голема штета. Аквариумот беше вистинска туристичка атракција.

https://p.dw.com/p/4L2aw
Аквариумот пред несреќата
Аквариумот пред несреќатаФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Берлинската полиција изутринава околу 6 часот била известена дека во хотелот ДомАкваре е оштетен цилиндричниот аквариум и дека од него истекува вода. Откорнати се и делови од фасадата на хотелот.

Берлинската противпожарна служба во меѓувреме е во акција со околу 100 луѓе, но состојбата е и натаму непрегледна. Улицата на којашто се наоѓа хотелот е затворена. Централата за сообраќајни инфомации во Берлин на Твитер напиша: „На коловозот има екстремно многу вода.“

Видеоснимки направени од гостин во хотелот покажуваат дека аквариумот е оштетен по целата своја должина. Уништени се и стаклените лифтови.

Посетители во стаклен лифт во Аквадом (архивска фотографија)
Посетители во стаклен лифт во Аквадом (архивска фотографија)Фотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Според наводи на противпожарната служба, двајца повредени се пренесени во болница. Многу други луѓе се евакуирани од хотелот.

Во аквариумот, таканаречениот Аквадом, се наоѓаа околу 1500 тропски риби и вистински корален гребен. Нејасно е дали животните се спасени или не.

Предизвиканата штета од распрскувањето на аквариумот е голема
Предизвиканата штета од распрскувањето на аквариумот е големаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Исто така нејасна е и причината за оштетувањето на аквариумот. Според наводи на веб-страницата на ДомАкваре, големиот аквариум бил целосно модернизиран во 2020 година. Полицијата соопшти дека сега ќе треба да се провери дали од експлозијата на цилиндричниот аквариум е оштетена и конструкцијата на хотелот.