1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Последната цигара: Како може да се откажам од пушењето?

26 август 2023

Да се престане со пушење - несомнено е добро за здравјето. Но како да се направи тоа? Да се замени тутунот со електронска цигара? Со лекови за одвикнување? Со советување? Еве неколку методи.

https://p.dw.com/p/4U56g
Дури и најдобрите методи нема да ви помогнат да се ослободите од зависноста од тутун ако навистина не сакате.
Дури и најдобрите методи нема да ви помогнат да се ослободите од зависноста од тутун ако навистина не сакате.Фотографија: Alfred Hofer/Colourbox

Секој кој некогаш се обидел да се откаже од пушењето знае колку е тешко. Секогаш постои искушението да се запали, без разлика дали тоа е додека се пие пиво со пријателите, по оброкот, како еден вид уживање за време на пауза од работа или едноставно од досада.

Според различни студии, 60 до 70 проценти од луѓето кои се обидуваат да се откажат од пушењето повторно се враќаат на нездравата навика во првите шест месеци.

Како и кај другите форми на зависност, откажувањето од пушење е тежок процес и секојдневна психолошка борба. Има толку многу ситуации во кои пушачите копнеат за цигара. Но, оние кои ќе успеат да ја победат зависноста ќе увидат дека здравствените придобивки вредат.

Ризикот од мозочен удар, срцеви заболувања и рак се намалува по откажувањето од пушење, а само неколку недели и месеци без цигара носат подобрување на општата здравствена состојба. Телото брзо се опоравува по откажувањето од пушењето.

Многумина ја гледаат електронската цигара како алтернатива на конвенционалните цигари
Многумина ја гледаат електронската цигара како алтернатива на конвенционалните цигариФотографија: Koen van Weel/ANP/IMAGO

Пушењето меѓу водечките причини за смрт 

Според податоците на Светската здравствена организација, 14 отсто од причините за смртност во светот се поврзани со последиците од пушењето. Токму во земјите со низок и среден приход се зголемува бројот на вакви случаи. Најновите истражувања покажуваат дека овој тренд продолжува.

„Пушењето е огромен, глобален товар за здравјето. Ако не го намалиме бројот на пушачи, овој век ќе забележиме една милијарда смртни случаи во светот поврзани со пушењето“, вели Хејзел Чизман. Тој работи за организацијата Акција за пушењето и здравјето (АСХ) на Британскиот кралски колеџ за лекари (РЦП).

Зошто цигарите создаваат зависност?

Кога се пуши цигара, се ослободува никотин, кој патува низ белите дробови во крвта и потоа се пумпа во мозокот. Таму тој влијае на ослободувањето на различни невротрансмитери во системот за наградување на мозокот, особено допамин.

Ова пак може да доведе до пријатни чувства, како што е подоброто расположение. Мозокот потоа ги поврзува овие позитивни сигнали со пушењето цигара, што доведува до желба и за друга цигара и конечно се станува зависен.

Методи за откажување од пушењето 

Двата најважни методи за прекинување на психолошката зависност од цигарите се силната волја и самодисциплината. Освен тоа, постојат различни помагала кои можат да помогнат во откажувањето од пушењето.

Терапиите за замена на никотин се една од опциите. Тие вклучуваат, на пример, фластери, гума за џвакање или инхалатори кои полека го ослободуваат никотинот и на тој начин ја спречуваат желбата за пушење или потребата за пушење. Никотинот сам по себе не е штетен, чадот кој се вдишува е тој што може, во најлош случај, да доведе до проблеми кај белите дробови на пушачите.

Повеќе за цигари и алкохол отколку за сопственото здравје

Може да помогнат и разни лекови. Како на пример, Варениклин и Бупропион. Варениклин го поттикнува ослободувањето на допамин. Ова го имитира расположенето кое настанува при пушењето и ги намалува проблемите при одвикнувањето.

Бупропион делува на сличен начин, но преку различен невротрансмитер систем познат како ГАБА. Тој ја намалува активноста на мозокот.

„Лековите се поскапи од другите методи, но сепак се неверојатно исплатливи ако се земе предвид влијанието кое пушењето го има врз нашето здравје и здравствениот систем“, вели Чизман.

Колку се добри или лоши е-цигарите? 

Електронските цигари имаат малку сомнителна репутација кога станува збор за откажување од пушењето. Дали тие се воопшто сигурни?

„Постојат добри докази дека електронските цигари можат да им помогнат на луѓето да се откажат од пушењето, но тие не се медицински одобрен производ, па затоа не се администираат како лек“, вели Чизман.

Електронските цигари се безбедни на краток до среден рок, или барем помалку штетни од традиционалните цигари. Сепак, малку е веројатно дека е-цигарите на долг рок ќе бидат без ризик, додава Чизман.

Но, постои загриженост дека електронските цигари можат да создадат нови зависности или дури и да доведат до пушење тутун. Ова е особено загрижувачко за младите. Постојат истражувања кои покажуваат дека адолесцентите кои пушат електронски цигари имаат поголема веројатност да се префрлат на употреба на тутун.

Испробајте ги сите методи во исто време 

Научниците се согласни дека најдоброто решение е да се комбинираат неколку мерки. Иако секоја од нив посебно е поефикасна отколку да не се прави ништо, сепак комбинацијата на методи се покажа како идеална.

„Најефикасен начин зa откажување од пушењето е со бихевиорална терапија. Тоа помага да се развијат стратегии за справување со психолошката страна на зависноста. Тие се комбинираат со лекови кои помагаат да се справите со физичките несакани ефекти од откажувањето од пушењето“, вели Чизмен. 

Патот до откажување од пушењето е различен за секого. Некои можат да се откажат едноставно само со силна волја и желба, на други пак им се потребни соодветни терапии со години. Може да потрае некое време додека некој да го најде методот кој најдобро функционира за него. Но, суштинското прашање е: колку ми е важно да се откажам од пушењето?

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема