Забрани за пушење - неопходна заштита или хистерија?
31 мај 2019Цигара во секое време и насекаде. Така изгледаше светот порано. Се пушеше во авион, во текот на парламентарните седници, а и на телевизија постојано се посегнуваше по „пафкало“. Пушењето важеше за шик и сугерираше неограничена слобода.
Денес речиси насекаде во Европа на сила се повеќе или помалку строги забрани за пушење, на кутиите за цигари има шокантни фотографии на тумори и расипани заби.
Пушењето е најголемиот ризик по здравјето во Европа кој може да се избегне. Во Македонија, според информации на Институтот за јавно здравје, пушат 46 проценти од лицата на возраст помеѓу 15 и 64 години. Истражувањата до 2017 година покажувале тренд на намалување на пушењето кај учениците, како резултат на законот за заштита од пушење, пред се’ забрана за пушење во затворени простории, забрана за рекламирање производи од тутун, повисоки даноци, повисоки цени на цигарите, едукација и медиумски кампањи.
Погледнете го најновото #ЕУРОПЕО на оваа тема:
Но забраните за пушење и натаму предизвикуваат поделеност. Компромиси се одвај можни. Застапниците тврдат дека забраните претставуваат одамна неопходна заштита на населението.
Здравствено-хистерична бесмислица, велат пак противниците на забраната за пушење. Зашто, тие сметаат дека нивната (пушачка) слобода е загрозена. Зборуваат за туторство. Во меѓувреме дури се размислува за забрана на пушење во сопствениот автомобил – кога се возат малолетници или бремени жени.
Повеќе:
Пушењето те убива и тебе и планетата
Законски измени ги скараа пушачите и непушачите
Дали за заштита на непушачите е навистина неопходна апсолутна забрана за пушење? Дали државата смее сосема да ги исклучи од јавниот простор дружбите со храна, тутун и алкохол? Дали забраните за пушење се добри? Или со тоа се ограничува нашата слобода? Веројатно - колку луѓе, толку мислења. Дискусијата не стивнува.