1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Цените на цигарите го јакнат шверцот на тутун

26 јуни 2019

Сѐ додека растат цените на цигарите, нам ќе ни расте прометот, вели продавач на сецкан тутун и шверцувани цигари на еден од зелените пазари во Скопје. Има голем круг на купувачи, а нарачките се прават и телефонски.

https://p.dw.com/p/3L6Pq
Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Вчерашната акција на полицијата во Љуботен против продавачи на тутун кој илегално се внесува од Србија, Бугарија и Грција, а во Северна Македонија се преработува и нелегално се продава, не ги исплаши дилерите на сецкан тутун на зелените пазари во Скопје. Единствено е видлива поголемата дискреција. Производите и досега не ги изложуваа јавно „на полица“. На тезгата обично се продава нешто друго - влечки или фармерки, а упатените купувачи го бараат она што е скриено под неа - тутунот. Покрај кесичките со тутун, под тезгата се наредени и штеки цигари без или со фалсификувани акцизни маркички. Вака најчесто се маскирани местата за нелегална продажба на сецкан тутун и цигари на зелените пазари во Скопје. Бизнисот им е разработен, имаат голем и доверлив круг на купувачи, кој постојано се зголемува. Нарачките се прават и телефонски.

„Денес немам. Утре чекам да ми донесат ново количество“, му објаснува продавачот на некој од редовните купувачи. Не открива од каде го набавува тутунот, но вели дека „нема да згрешиме ако споменеме која било од земјите во регионот“.

На десетина метри уште еден негов „колега“ се занимава со продажба на тутун. Слушнале за акцијата во Љуботен, но не се вознемирени. Заради превенција, најголемиот дел од кесите со тутун ги префрлиле во домот на пријател кој живее спроти пазарот, па единствената тешкотија им е што мора да трчаат наваму- натаму.

„Ако еден канал се затвора, друг се отвора. Нема 'зима'. За нас е празник кога се зголемуваат цените на цигарите. Сѐ додека тие растат и нам ќе ни расте прометот. Луѓето сѐ помалку одат во трафика. Кај нас доаѓаат бидејќи им е многу поевтино. И тие имаат корист, и ние“, објаснува продавачот „на влечки“.

Mazedonien Land und Leute Tabak aus Mazedonien Prilep Flash-Galerie
Каде завршуваат произведените тони тутун?Фотографија: Petr Stojanovski

Мувла и отрови

Тешко е да се каже каква корист имаат купувачите. Лабораториските анализи на примероци од запленет сецкан тутун, откриваат дека во многу случаи се работи за тутун кој со години (некогаш и над десет!) бил складиран во несоодветни услови, со висок процент на влага, мувла и состојки исклучително штетни за здравјето на луѓето.   

Штети има и за „здравјето“ на државата. Според некои проценки, со оваа сива економија државата по основа на приходи од акциза и ДДВ губи околу 18 милиони евра, со ризик загубата уште повеќе да расте. Во соседна Србија, на пример, проценките се дека таа загуба изнесува и повеќе од 100 милиони евра.

Проблемот е регионален, а Северна Македонија како транзитно подрачје е дополнително засегната. Во изминатиот период Царинската Управа во повеќе наврати има откриено и запленето над 2 тона режан тутун, но тоа е само површината на ледениот брег. Според неформални проценки, нелегалниот тутун опфаќа најмалку 8% од вкупната потрошувачка на тутун во земјата или 360 милиони цигари годишно.

Повеќе: Законски измени ги скараа пушачите и непушачите

Директорот на финансиската полиција Арафат Муареми даде објаснување за вчерашната акција Љуботен. Смета дека од нелегалниот увоз на тутун и продажба на цигари буџетот на државата за година и половина е оштетен за 7,3 милиони евра.

Забрана за пушење - неопходна заштита или хистерија?

„Начинот на кој се продава тој тутун е незаконски и нелегален. Се продава во готово, на црно, и се избегнуваат одредени даноци кон државата. Тој тутун, кој не е произведен во Македонија, туку во Србија, Грција, Албанија и Бугарија, не е увезуван од селаните, туку од одредени правни субјекти, од каде и почна истрагата пред една година. Тие правни субјекти се основани од физички лица кои не се наши државјани, туку се со фалсификувани документи, каде личната карта е со едно име, а фотографијата е од друго лице. Утврдивме дека други лица се тие што стојат зад овие фирми“, изјави Муареми.

Но, и покрај увозот, има индиции дека дел од нелегален тутун од типот „Вирџинија“ и „Отља“ и натаму се одгледуваат во земјата. Во атарот на Могила пред неколку години беа пронајдени и одземени вкупно 22.242 килограми од широколисниот тутун од типот „Вирџинија“ како и големи насади од истот. Тој тип не се произведува во РСМ поради штетноста што ја прави врз почвата и поради огромните листови, кои за да се преработат бараат посебни услови. За тој тип тутун нема откупни претпријатија во земјата, а според законот тутун може да садат само земјоделци кои имаат склучено договор со откупно претпријатие. Тогаш, каде завршуваат произведените тони тутун? На пример, во мај годинава на граничниот премин Прешево спречен е шверц на 40 килограми сецкан тутун сокриен во автобус, за кој возачот рекол дека „го купил од непознато лице во Скопје“.

Philip Morris Zigarettenherstellung in Russland
Од нелегалниот увоз на тутун и продажба на цигари буџетот на државата за година и половина е оштетен за 7,3 милиони евраФотографија: picture-alliance/dpa/P. Kovalev

Испорака до дома

Продажбата на нелегалниот тутун, познат како „режан тутун“, не се одвива само на зелените пазари во Скопје. Се врши и нелегална испорака до дома, со нарачка преку мобилен телефон или преку социјалните мрежи. Лиценцираните тутунопроизводители се засегнати од растечкиот тренд на нелегална трговија со сецкан тутун, бидејќи секое драстично намалување на пазарот и прометот со цигари ја намалува и потребата од зголемување на откупот на сиров тутун што се користи за нивно производство. Ако не се сузбие нелегалната трговија и продолжи трендот на намалување на легалниот пазар со цигари, производителите на цигари ќе бидат принудени да го намалуваат производството, што ќе се одрази и на откупот на тутун, односно околу 25.000 домаќинства кои легално егизстираат од производствио на тутун, или повеќе од 100.000 граѓани. Ваквите аспекти, како и битката против криминалот, останаа невидливи за опозициските партии.

Алијанса за Албанците ги повика полициските сили да ги остават на мир селаните од Љуботен затоа што продажбата на тутун за виткање им била единствен приход за егзистенција.

„Неприфатлива е реакцијата на полициски сили во селото Луботен, негирајќи го правото на живот. Не нуди работни места, не инвестира, не создава инфраструктурни врски, не нуди перспектива и ги спречува напорите за подобар живот“, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците.