1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Русија повторно го произведува Москвич

Ангела Гепферт | Тагесшау
26 ноември 2022

Новиот модел на Москвич, иконата на советскиот автомобил, повторно се произведува во поранешната фабрика на Рено во Москва. Тоа е принуден чекор до кој дојде поради притисокот на западните санкции.

https://p.dw.com/p/4K4w8
Москвич
Новиот МосквичФотографија: Anton Novoderezhkin/TASS/Sipa USA/IMAGO

Автомобилите од марката Москвич се култни не само во Русија. Оние возила кои со децении доминираа на улиците на Советскиот Сојуз, имаат многу обожаватели и во Западна Европа. Фановите на „Мосија“, како што го нарекуваат Москвич на пример во Германија, одржуваат редовни состаноци на кои ги презентираат своите со љубов реставрирани автомобили.

Во исто време, поминаа 21 година откако последниот автомобил на марката „Москвич“ излезе од производната лента. Компанијата престана да постои во 2006 година. Но, сега, под притисок на западните санкции, Русија врти нова страница во историјата на Москвич.

И Путин заинтересиран за „Москвич 2.0“? 

Во средата, на 23 ноември 2022 година, започна сериското производство на новиот модел Москвич во поранешната фабрика на Рено во Москва. Прво ќе се произведува со бензински мотор со 150 КС, а до крајот на годината ќе биде достапна и електрична верзија. Според руските информации, продажбата е планирана од првиот квартал на 2023 година.

Според претходните најави на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, новиот модел „Москвич“ е возило што „секој Русин“ ќе сака да го купи. Самиот шеф на државата Владимир Путин наводно е заинтересиран за „Москвич 2.0“. 

Рено Москва
Француски Рено веќе го прекина производството во Русија во мартФотографија: Vyacheslav Prokofyev/TASS/dpa/picture alliance

Руската автомобилска индустрија тешко погодена 

Производството на новиот Москвич за Русија е важен дел од пропагандната кампања против Западот. Путин сака да покаже дека западните санкции не можат да ѝ наштетат на земјата и дека таа самата може да произведува важни производи, како што се автомобилите.

Сепак, автомобилскиот сектор е една од индустриите најтешко погодени од санкциите. Од јануари до октомври, по заминувањето на западните производители, продажбата на нови автомобили во Русија падна за 60 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Освен тоа, брендот Москвич не е толку руски како што звучи. Затоа што кинеските производители се одговорни за дизајнот и моторот на новиот модел. Москвич-3 е копија на кинескиот градски теренец JAC S4. Имено, кинеските компании се меѓу најголемите профитери од западните санкции против Русија.

Московска фабрика со минато под влијание на Западот

Приказната за Москвич е и лекција за некогашните блиски врски меѓу западната (автомобилска) индустрија и Русија. Московската фабрика, каде што сега се произведува новиот Москвич, има долга и шаренолика историја.

Москвич
Старите модели на Москвич имаат свои обожавателиФотографија: Donat Sorokin/ITAR-TASS/imago images

Пред речиси сто години таму произведуваше Форд, автомобилската компанија од САД. Од 1946 година започна производството на Москвич, првично како копија на Опел Кадет. По распадот на Советскиот Сојуз, производството веќе не беше профитабилно, па беше прекинато во 2001 година. 

Во 2005 година, француски Рено започна со производство на автомобили во Русија како дел од заедничко вложување со градот Москва, а подоцна таму се произведуваа и моделите Дачија Логан, Дастер и Сандеро. 

По нападот на Русија врз Украина, соработката со Западот ненадејно беше прекината. Фабричките линии во московскиот објект не работат од март, а во април Рено ја предаде фабриката за автомобили на градската управа - за симболична цена од една рубља.