Мерцедес-Бенц целосно се повлекува од рускиот пазар
26 октомври 2022Германската компанија Мерцедес-Бенц денеска соопшти дека ќе ги продаде акциите во своите подружници за индустриски и финансиски услуги со околу 1000 вработени на локален инвеститор.
Финансискиот директор на компанијата Харалд Вилхелм додаде дека тоа нема да има никакви дополнителни финансиски последици. Во првата половина од годината, прекинот на рускиот бизнис на концернот како реакција на војната во Украина и придружните санкции на ЕУ доведоа до трошоци од 700 милиони евра за Мерцедес-Бенц.
Со ваквиот чекор се придружува на низа производители на автомобили кои ја напуштаат Русија.
Руското Министерството за индустрија и трговија соопшти дека фирмата Мерцедес-Бенц својот имот во Русија ќе го предаде на рускиот инвеститор Автодом.
Во соопштението на министерството е наведено оти со Мерцедес-Бенц е потпишан договор за пренос на целокупниот имот на компанијата во Русија на Автодом. Мерцедес ги запре производството и директната продажбата на автомобили во Русија во март.
Според податоците на Европското деловно здружение со седиште во Русија, продажбата на автомобилите на Мерцедес-Бенц во земјата во септември е намалена за 72,8 отсто во однос на истиот период минатата година.
Во Русија претходно имотите на францускиот автомобилски концерн Рено и на јапонскиот Нисан беа продадени на руско државно претпријатие.