1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Масовен егзодус на странскиот капитал од Русија

Артур Саливан
5 март 2022

Ужасот од руската инвазија врз Украина го заостри ставот на Западот предизвикувајќи големо повлекување на странскиот капитал од Русија. Бројни компании од САД и од Европа веќе ги прекинаа бизнис активностите во земјата.

https://p.dw.com/p/47zE6
Британскиот нафтен концерн БП соопшти дека ќе се откаже од своето речиси 20-процентно сопственичко учество во рускиот државен енергетски концерн, Роснефт
Британскиот нафтен концерн БП соопшти дека ќе се откаже од своето речиси 20-процентно сопственичко учество во рускиот државен енергетски концерн, РоснефтФотографија: Andre M. Chang/Zuma/picture alliance

Бесот поради бруталната руска инвазија врз Украина ги поттикна странските компании драстично да ги ревидираат нивните деловни врски со Русија. Повеќе компании веќе најавија планови за целосно повлекување, додека другите ги ревидираат своите бизнис релации и комерцијални зделки. „Егзодусот“ следи по санкциите со кои се таргетираат руските банки и пристапот на земјата во меѓународниот платежен СВИФТ систем, предизвикувајќи огромни загуби за рубљата која достигна најниско ниво досега. Како одговор, во вторникот, Русија најави привремена забрана за странските инвеститори да го продаваат рускиот имот.

„Поради актуелните санкции странските инвеститори се принудени да се водат не од економските фактори туку да носат одлуки под политички притисок,“ изјави рускиот премиер Михаил Мишустин.

Но засега нема детали како ќе се спроведуваа оваа забрана и кој ќе биде засегнат. Ова се дел од најзначајните одлуки на странските компании кои преземаат чекори во однос на Русија.

Нафтените гиганти се повлекуваат

Енергетскиот сектор е убедливо најголемиот во Русија и најпогоден од најавените рестрикции и одлуки на странските компании. Бритиш Петрол, најголемата британска нафтена компанија викендов објави дека ќе излезе од својот удел од 19,75% од Роснефт, рускиот државен нафтен гигант. Со ваквиот удел БП е најголемиот странски инвеститор во земјата, така што ова повлекување може да резултира во отпис од 25 милијарди долари.

Листа на европски земји, кои се најзависни од рускиот природен гас
Листа на европски земји, кои се најзависни од рускиот природен гас

Еден ден по објавата на БП, Шел исто така потврди повлекување од Русија. Одлуката на Шел значи повлекување од нивниот удел од 27,5% во фабриката за гас, Сакалин 2 ПНГ, која е 50% во сопственост на Газпром. Шел е најголемиот светски трговец со гас.

И норвешката државна енергетска компанија Еквниор во понеделникот објави дека ќе започне процес на прекинување на нивните заеднички бизнис вложувања во Русија. Компанијата е активна во Русија над 30 години и тесно соработуваше со Роснефт.

Во вторникот и Ексон Мобил објави повлекување од руските концерни за нафта и гас, што е некаде околу 4 милијарди евра. Француската Тоталенерџи, соопшти дека повеќе нема да финансира нови руски проекти, но ќе остане активна во земјата.

Водечки американски брендови ги прекинаа врските со Русија

Во неговото обраќање до нацијата во вторникот вечерта, американскиот претседател Џо Бајден потврди дека и САД им се приклучуваат на ЕУ и Канада во забраната за руски летови над нивниот воздушен простор, што дополнително го погоди воздухопловниот сектор во земјата.

Боинг објави дека ги прекинува сите поголеми операции во Русија, вклучително и испорака на делови, одржување и техничката поддршка на авиокомпаниите во земјата. Потегот на Боинг следи откако неколку водечки американки брендови објавија повлекување од Русија во некаква форма. Епл соопшти дека запрел со продажба на своите производи во земјата, вклучително и на Ајфон. Исто така го оневозможи споделување податоци за состојбата во реално време на апликацијата за мапи „како превентивна и безбедносна мерка за Украинските граѓани.“

Гугл ги исфрли вестите од Руската државна телевизија од нивниот њузфид, додека Мета, матичната компанија на Фејсбук соопшти дека ќе го лимитира пристапот до вестите од руските државни медиуми со што тие ќе се појавуваат во помал обем. Микрософт објави дека ќе ги отстрани мобилните апликации на главната руска телевизија Раша Тудеј од нејзината продавница за апликации. Снап, компанијата во чија сопственост е Снепчет, запре со прикажување на реклами во Русија, Белорусија и Украина.

Епл ја запре физичката продажба на своите производи во Русија
Епл ја запре физичката продажба на своите производи во РусијаФотографија: Mladen Antonov/AFP

Во меѓувреме во чекор финансиските санкции наметнати од владата, американските фирми за платежни картички, Виза и Мастеркард блокираа неколку руски институции од нивните глобални мрежи.

Неколку водечки правни, сметководствени и консалтинг компании исто така ги ревидираат своите операции во Русија но се соочија со критики дека не се повлекуваат од земјата. КПМГ објави дека ќе прекинат соработка со одредени клиенти „за да се усогласат со сите нови закони“. Меккинзи пак соопшти дека нема повеќе да работи со ниту една владина институција но не се повлекува целосно од земјата.

Производителите на автомобили го прекинаа извозот

Неколку производители на автомобили исто така презедоа мерки во однос на Русија. Форд го суспендираше заедничкиот бизнис проект со компанијата за производство на комбиња, ЈВ. Претходно и Џенерал Моторс и германскиот Дајмлер трак ги прекинаа операциите во земјата. ЏМ го прекина и извозот на автомобили во Русија. Претходно ваква одлука донесе шведскиот Волво кој е првата меѓународна автомобилска компанија која го прекина извозот на свои возила во земјата.

Германски БМВ го паузираше и извозот и производството во Русија, додека Фолсваген најави прекин на испораката на возила во Русија на нивните локални дилери.

Русите во очајна потрага по странски валути

И Холивуд се приклучува

Повеќе компании исто така ги стопираат активностите во Русија. Холивудските студија како Дизни, Ворнер Брос и Сони пикчрс го прекинаа објавувањето на новите филмови кои требаше месецов да имаат премиери и да се прикажуваат во кината. Во меѓувреме стриминг платформата Нетфликс соопшти дека нема да се покори на новите правила наметнати од Русија, на својата платформа да пренесуваат и 20 канали поддржани од државата. Ова правило требаше да стапи на сила од 1 март кога оваа стриминг платформа требаше да се стави под капата на руското медиумако регулаторно тело Роскомнадзор, која пак им ја наметнува обврската да пренесуваат и државни канали.

Се ревидираат и комерцијалните договори во фудбалот. И УЕФА и германскиот клуб од Бундеслигата Шалке 04 го раскинаа долгогодишниот договор за спонзорство со Газпром. Во меѓувреме производителот на спортска опрема Адидас го прекина комерцијалниот договор со Рускиот фудбалски сојуз.