Поплави во јужна Германија: веќе 40 часа на нозе
3 јуни 2024Од саботата изутрина околу 6 часот Тобијас Кунц е постојано под стрес. Градоналникот на Нордендорф, едно мало место со 2600 жители северно од градот Аугсбург, очајно се бори протов поплавата и со околу 300 доброволци се обидува да го спаси локалното училиште.
„Вчера наполнивме 40 илјади вреќи со песок и направивме 240 метри долга брана. Дел од доброволците се веќе 40 часа на нога, без да склопат око. Но, ни тоа не беше доволно за екстремните количини", вели тој за ДВ.
Доброволците брзо ги префрлаат црните вреќи од една на друга страна, а Кунц кој координира, го бомбардираат со тон прашања. Настава денес секако нема да има, вели тој со тажна насмевка. Но, повеќе го мачи тоа што борбата за да се сочува новото игралиште беше во најкратко време изгубена, браната попушти. „Нашето игралиште, во кое беа инвестирани околу еден милион евра, за само 15 минути беше под вода. Сѐ што е поврзано со инфраструктура е поплавено. Не функционира ни нашата канализација, учениците не би можеле да одат во тоалет", објаснува градоначалникот.
Баден-Виртемберг и Баварија под вода
Во Нордендорф се одвиваат сцени како и во многу други општини во јужна Германија. Браните не може да ја сопрат водата, десетици села мора да се евакуираат. Првичниот биланс покажува дека во некои села за 24 часа паднала поголема количина дожд отколку просекот на еден цел месец, а надојдената вода достигнала ниво какво што се доживува еднаш на сто години. Пред сѐ Баден Виртемберг и Баварија беа погодени изминатиов викенд, а во некои општини беше издадено предупредување од катастрофа. Животот го загуби еден пожарникар, а најмалку едно лице се води како исчезнато.
За многумина размерите на поплавата беа неочекувани, како на пример четворица млади мажи кои ги сретнавме во местото Килентал. До вчера ределе вреќи песок за да заштитат една куќа до која денеска веќе не може да пристапат заради поплавата. Селото сега веќе е евакуирано. „Се работи за куќа на родителите на еден од нас, кои моментално се наоѓаат во Австрија на одмор. Ние се обидовме да спасиме што може да се спаси, но водата навистина доаѓаше од сите правци. Барем успеавме две возила да качиме на брдото, на сигурно", велат тие за ДВ.
Поспремни по катастрофата по долината на Ар
Во Дидорф, неколку километри западно од Аугсбург, шест лица немаа толку среќа со автомобилите. Една подземна гаража се наполни со вода, исто како и подрумите на околните куќи. Соработници на Службата за техничка помош под висок напон вадат по 10 илјади литри вода во минута, за да ја испразнат гаражата. И во Дидорф попушти брана, и иако нивото на водата полека се намалува, во малата противпожарна станица никој не сака да чуе за релаксирање на состојбата. Филип Нигл, т.н. прв командир на противпожарната служба, како и останатите оваа работа ја работи волонтерски, а професионално е наставник.
Можеби од таму ја има смиреноста со која заклучува дека „апликацијата за тревога Нина овој пат многу добро функционираше, сирената за заштита од катастрофа исто така. По катастрофалната поплава по долината на Ар набавивме подобра опрема и имаме камион кој може да се движи и низ длабока вода. Благодарение на него овој пат можевме да пренесеме многу луѓе."
Во рекордно време поставен камп за евакуација
Луѓето кои беа евакуирани и не се сместиле кај роднини или пријатели, ноќта можеа да ја минат во околната спортска сала во Дидорф. Во Аугсбург пак централниот камп за прием на сите кои заради поплавите имаат потреба од сместувалиште, е огромниот саемски плац. Таму за рекордно време никнал камп со 300 легла. Аугсбург има искуство во однос на заштита од катастрофи, нагласува портпаролот на градските власти, Рафаел Додерер и посочува дека тие околу Божиќ 2016 година морале да евакуираат 54 илјади лица заради бомба од светската војна. „Ноќва имаше 170 лица, околу пладне беа 130, а сега се 80", вели Додерер за ДВ. „Во најголем дел се постари лица кои живеат во домови за сениори, меѓу нив и болни од деменција“, вели тој и посочува дека во некои случаи префрлањето до чамецот и потоа назад со транспортно возило за болни барало посебни помошни средства.
Неколку постари лица се останати во огромната приемна сала, меѓу нив и родителите на Сабине Фишер, како и две комшики. Во 2 часот по полноќ семејството Фишер веќе било на нога. Поточето кое инаку е едвај 70 сантиметри широко и вообичаено мирно си тече низ Килентал, одеднаш нараснало на 4 метри широчина и водата навлегла во подрумските простории. Фишер за ДВ вели дека „чекаме и чекаме и не знаеме колку вода има влезено. Едноставно беше незамисливо за нас дека ќе биде толку страшно. Нашата единствена желба е што е можно побрзо да се вратиме дома", вели Фишер.