Поплави во Германија: Загрижувачки временски прогнози
20 мај 202467-годишна жена е првата жртва во големите полави кои ги погодија германските сојузни покраини Сар и Рајнланд-Пфалц. Жената била удрена од возило за итни случаи за време на спасувачка мисија во Сарбрикен во петокот и починала од здобиените повреди во клиника во неделата вечерта, соопшти градот. „Длабоко сум погоден од оваа тажна вест“, рече градоначалникот Уве Конрад и зборуваше за „страшна трагедија“.
Во меѓувреме, ситуацијата во поплавениот регион привремено се смири: водостоите паднаа, во ноќта кон понеделникот немаше дополнителни операции, а во тек е и расчистување на теренот, соопшти во понеделник наутро портпаролот на центарот за итни состојби. Но, релаксацијата може да биде само краткотрајна. Метеоролозите предупредуваат на ново невреме и многу дожд во наредната недела.
Веќе во понеделник за краток временски период во Сар и Рајнланд-Пфалц е можен обилен дожд со 15 литри на квадратен метар, соопшти метеоролошката служба на Германија. „Ќе биде интересно во вторник“, изјави метеорологот Маркус Бозе во неделата во Офенбах. Тогаш повторно се очекуваат обилни врнежи од дожд, „кои според актуелните прогнози главно ќе го зафатат токму југозападот на земјата“.
Иако прогнозираните количества на дожд не се толку високи како во минатиот петок, кога за помалку од 24 часа на некои места паднаа и до 100 литри дожд на квадратен метар, и овојпат поголемиот дел од дождот се очекува да падне во рок од шест до дванаесет часа, рече Бозе. Ако Сар и Рајнланд-Пфалц повторно се во фокусот на врнежите, таму повторно мора да се очекуваат покачување на нивото на водата и евентуални поплави.
Огромните количества дожд веќе предизвикаа поплави, лизгање на земјиштето и поплавени улици и подруми во Сар и Рајнланд-Пфалц во петокот и во саботата навечер. Ситуацијата првично се смири претпладнето во неделата, но подоцна во текот на денот повторно имаше силен дожд, кој предизвика нови поплави и лизгање на земјиштето во градот Кирн во Рајнланд-Пфалц.