Полска и Германија: Заеднички учебник по историја
19 јули 2024Заедничкиот учебник по историја на Германија и Полска под наслов „Европа – нашата историја“ е пример за показ за полско-германското партнерство. Од 2008 година на проектот работат десетици научници од Полска и Германија. Последниот том, во Германијабчетврти, во Полска - седми и осми, е готов уште од 2020 година. Но, за разлика од Германија, во Полска публикацијата досега не беше користена во наставата поради задршките на претходната национал-конзервативна влада. Дури откако со промената на власта на чело на државата е централно-левичарската коалиција на Туск, германско-полскиот проект во декември 2023 година доби нова шанса. Минатата недела полското Министерство за култура, под водство на левичарско-либералната политичарка Барбара Новацка, конечно го издаде одобрението за користење на целокупниот материјал од петто до осмо одделение во полските училишта. По долгогодишното натегање, конечно среќна разврска.
Мултиперспективност и критичко размислување
Тоа е „проектот на мојот живот", нагласува Анджеј Дусијевич, кој го надгледуваше проектот во полската издавачка куќа ВСиП. „Пресреќен сум што целата серија конечно е одобрена“, вели претставникот на издавачот.
„Станува збор за втор билатерален учебник по историја во светот. Две земји, од кои едната, Полска, беше нападната од другата, Германија, и притоа уништена, се покажаа кадарни да создадат заеднички наратив за минатото“, го потенцира полскиот историчар Роберт Траба значењето на учебникот, настанат преку работата на германско-полската комисија, чиј што копретседател бил тој.
„Мултиперспективност", според експертите, е клучниот збор. „Важно ни беше да покажеме зошто еден конкретен настан во Германија или Полска може да има сосема различно значење", раскажува за полското радио Марцин Вјатр, научен соработник на институтот за едукативни средства „Георг Екерт“.
Пример Франција
Како пример послужи германско-францускиот учебник по историја кој, меѓутоа, ги третира само последните два века, додека германско-полскиот проект се однесува на периодот од античко време до денес. Наследничката на Треба, Виолета Јулковска, во разговор со ДВ го пофали концептот на германско-полскиот учебник.
„Книгата се одликува со тоа што е модерна. Не им наметнува на учениците одреден начин на мислење, туку има ефект на лабораторија, на работилница во која со помош на добар наставник се учи како историски да се размислува", нагласува Јулковска од универзитетот „Адам Мицкијевич“ од Познањ. Таа додава дека „историско размислување е критичко размислување".
Долг пат со многу пречки
Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер прв ја пласираше идејата во јавноста. Штајнмајер, во тоа време министер за надворешни работи, есента 2006 година во говор на универзитетот Вијадрина во Франкфурт предложи да се направи заеднички германско-полски учебник со цел да им помогне на Германците и Полјаците „меѓусебно подобро да се разберат".
„Со проектот ние, Германците, можевме да покажеме дека сме отворени за полското гледање на историјата", рече Штајнмајер тогаш и додаде дека многу Германци би го сметале за придобивка подоброто разбирање на таквите гледишта и дознавањето повеќе за полската историја.
Две години подоцна шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски се надоврза на идејата на неговиот германски колега. Двете влади ја овластија германско-полската Комисија за учебници, која постои уште од 1972 година, да изработи препораки. Врз основа на нив, во 2011 година започна подготовката на учебникот, а веќе во 2016 година во присуство на двајцата министри за надворешни работи, Штајнмајер и наследникот на Сикорски, Вашчиковски од ПиС, во Берлин беше промовирано првото издание. Во натамошните години беа без поголеми потешкотии промовирани уште две изданија.
ПиС блокира - премалку црква, премногу Берлински ѕид
Несогласувања се појавија дури кај четвртото издание, во кое се третира Втората светска војна и повоеното време. Содржината се покажа како неспоива со националистичката политика во однос на историјата, која играше централна улога за ПиС, која во тоа време беше на власт во Полска. Премалку за католичката црква, премногу за Берлинскиот ѕид на сметка на синдикатот Солидарност, прекритичка оцена на Варшавското востание во 1944 година, гласеше обралзожението на полската страна. Па така и вештачењето, кое е предуслов за издавање дозвола од страна на министерството, беше негативно. Пред формалното одбивање, коешто ќе значеше финално пропаѓање на проектот, издавачката куќа ја повлече книгата. „Сакавме да чекаме на подобри времиња", се потсетува Дусијевич од ВСиП.
Трпелива работа со базата
Многу ангажирани учесници во проектот не сакаа пасивно да чекаат промена на власта. „Ние организиравме бројни конференции и работни средби, за да ги запознаеме наставниците со учебникот", вели Јулковска и додава дека „благодарение на работата со базата сега имаме широк круг на педагози кои веднаш по одобрението беа подготвени да работат со книгата“.
Иако првите три книги се одамна одобрени, полските наставници едвај и да ги користат, бидејќи недостасуваше одобрението за четвртата.
Сега, откако целиот серијал е на листата на дозволен наставен материјал од министерството за култура, авторите сметаат на поголем интерес во Полска. Одлуката дали ќе се користат германско-полските учебници сепак ја носат самите наставници. И на германска страна има доста работа, иако до крајот на минатата година беа продадени околу 30 илјади примероци. Во Баварија, на пример, учебникот не се користи затоа што недостасувале регионални аспекти. По сѐ изгледа дека германско-полскиот учебник нема да остане ексклузивна германско-полска успешна приказна бидејќи во Украина, Литванија и на Западниот Балкан веќе постои интерес за таков проект.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик