1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Како Франција и Германија напишаа заеднички учебник

30 мај 2020

На двете земји им требаа 80 години по претставување на првата идеја да издадат заеднички историски учебник. Македонско-бугарската историска комисија беше поставена како да трча 100 метри да ги разреши напластените митови

https://p.dw.com/p/3d0nd
Deutschland Deutsch-Französischer Tag am 22.01. Jahrestag Elysee-Vertrag
Фотографија: picture-alliance/dpa/Daniel Hubert

Франција го доби името според германското племе Франки. За време на инвизиите на Хуните Фарнките беа протерани од нивната територија во денешна северозападна Германија и се населија во внатрешните граници на тогашното Римско царство, на територијата што Римјаните ја викаа Галија. На северот од Галија тие формираа своја државна заедница чие латинско име беше Франција, земја на Франките.

Од 1701 до почетокот на Првата светска војна Франција и Германија (Прусија) водеа седум меѓусебни војни. Меѓу нив беа и оние Наполеонови триумфи, но и тешкиот француски пораз во 1870 година. Потоа дојдоа катастрофичните две светски војни со незамислив број жртви,  марионетскиот режим на маршалот Петен (францускиот херој од Првата светска војна), па понижувачката капитулација на нацистичка Германија. Некои од тие војни донесоа драматичен расплет во земјите. Во сломот во 1870 година, кога француските војски беа столчени од заедничките сили на граманските држави предводени од канцеларот на Прусија, Ото фон Бизмарк, се распадна царството на Наполеон Трети. По катастрофалниот пораз во битката кај Седан француската армија капитулираше, па дури беше заробен и самиот цар Наполеон Трети. (За да дознаете колкава беше таа француска траума можете да го прочитате романот „Слом“ на Емил Зола.)

Deutschland Frankreich Symbolbild Fahnen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Hanschke

Резултатот од оваа војна беше колапсот на монархијата во Франција и раѓањето на Третата република, а победникот ги обедини расцепканите германски држави во еден заеднички моќен ентитет – Германија. Плус, ги анектираше регионите Алзас и Лорен и градот Мец од Франција. Едно царство пропадна, друго се роди. Како што потоа, по поразот по Првата светска војна, пропадна германското царство, се роди Вајмарската Република, а Алзас, Лорен и Мец повторно станаа дел од Франција.

Неколку децении по сломот во 1870 година француските ученици во училиштата беа воспитувани за големата неправда што им беше нанесена од Германците со анексијата на Алзас и Лорен. Француската влада веднаш со повторното враќање на територијата почна со присилна депортација на сите Греманци што се беа населиле во регионот по 1870 година и сите германски имиња на местата добија француски називи Straßburg стана Strasbourg, Mülhausen – Mulhouse... Нетрпеливоста уште пред тоа веќе беше преминала во непријателство.

Пристрасно учење

Пристрасното учење на националната историја одамна се смета за главен поттикнувач на непријателствата меѓу овие две големи европски нации. Но, веќе по Првата светска војна се појави визионери меѓу француските наставници по историја, кои ги препознаа опасностите од нарушеното историско образование за време на меѓувоениот период и се обидоа да ја ублажат сликата на непријателот во портретите на Германија и Германците во нивните учебници по историја. Г. Лапиер, претседател на синдикатот на француските наставници по историја, во 1926 година образложуваше: „Оние учебници што лесно ги водат младите луѓе во ‘музејот на ужасот на војната’ не треба да се користат повеќе... тие сеат семе на недоверба, омраза, презир и војни“. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Француско-германски консултации за учебниците по историја започнаа во 1930-тите. Во ноември 1935 година (две години откако Хитлер ја презеде власта) француски и германски историчари се состанаа во Париз за да разговараат за промена на учебниците по историја во двете земји. И покрај тоа што нацистите веќе воведоа суров режим тие успеаја да формулираат 39 директиви за отстранување на отровот содржан во учебниците по историја и да направат заедничка презентација на германско-француските односи помеѓу 1789 и 1925 година. Но ваквиот проект беше трн во телото на нацистичкиот режим и Германија потоа се откажа од него.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

-Што објави „Њујорк тајмс“ за ослободувањето на Пиринска Македонија од Ванчо Михајлов

-Во психоделичниот вител

По капитулацијата на нацистичка Германија историчарите од двете земји му се вратија на визионерството. Во 1951 година беше усвоена препорака да се поправи едностраното, националистичко гледиште на секоја нација за историјата и нејзините непријателски стереотипи за другата страна.

Ова визионерство на либералните мислители и историчари одеше напред со скромни чекори сѐ до 1963 година, кога двајца големи државници, францускиот претседател Шарл де Гол и германскиот канцелар Конрад Аденауер, решија да ги постават темелите на новите односи на двете земји и преку тоа да ја конципираат иднината на целата Европа и да го забрзаат нејзиното интегрирање. Во многу студениот 22 јануари 1963 година во Елисејската палата во Париз беше потпишан договор, кој потоа беше наречен Елисејски договор, кој стана модел како вековните непријатели можат да станат најдобри сојузници и партнери. Некои велат дека тоа бил еден од најемотивните моменти во поновата историја.

Staatspräsident Charles de Gaulle und Bundeskanzler Konrad Adenauer unterzeichnen den deutsch-französischen Freundschaftsvertrag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Де Гол и Аденауер имаа различни мотиви за потпишувањето на овој договор – францускиот претседател преку него сакаше да создаде обединет европски фронт против американската воена и политичка моќ, а на германскиот канцелар му беше потребно спротивното – обезбедување на американската политичка и воена поддршка.

Елисејскиот договор за малку не пропадна во првите месеци по потпишувањето. Американскиот претседател Џон Кенеди сакаше да ја задржи Германија како важен политички сојузник, па кога германскиот Бундестаг во мај 1963 година го ратификуваше договорот во преамбулата вметна обврска да создаде поблиски односи со САД, Британија и НАТО, наспроти француските желби да биде токму спротивното. Во јуни 1963 година Кенеди отиде во Берлин и ги освои срцата на жителите на Западен Берлин кога во кусиот импровизиран говор два пати извика: „Ich bin ein Berliner“ (Јас сум берлинец).

Разочараниот Де Гол веќе беше убеден дека нема ништо од договорот. Во кругот на своите блиски соработници тој меланхолично рече: „Договорите се како девојките и розите – нивното време брзо поминува“. Во јули истата година отиде во Бон и таму ја слушна метафората на Аденауер: „Розите и младите девојки – се разбира дека го имаат нивното време. Но розите – и јас тоа би требало да го знам (Аденауер беше пасиониран одгледувач на рози н.з.) – се најиздржливи растенија. Тие опстануваат преку зимата“.

Дали оваа метафора конечно го убедила Де Гол не е сосема познато, но познат е неговиот одговор: „Розата трае само едно утро, девојката не останува секогаш млада. Но градината со рози трае долго време, таа преживува и цвета. Тоа е случајот со договорот што го потпишавме“.

Делот од договорот за основање на Француско-германска младинска организација беше највизионерскиот проект. Со него требаше да се поттикне размената на илјадници млади Германци и Французи. Од нејзиното основање во 1963 до денес организацијата финансираше проекти во кои учествуваа 9 милиони млади Французи и Германци во 360 илјади проекти за размена. Нема две земји во светот кои можат да се пофалат со вакво зближување на младите луѓе. И токму тие беа моторот за пишувањето на заедничките учебници по историја.

Иницијативата на учениците

Во јануари 2003 година, на 40-годишнината на Елисејскиот договор, 550 средношколци се собраа на заседание на Француско-германскиот младински парламент и повикаа на пишување на заеднички француско-германски историски учебници. Францускиот претседател Жак Ширак и германскиот канцелар Герхард Шредер ја поддржаа идејата и веднаш се почна со остварување на проектот. Со голема поддршка на највисоката политика заедничкиот француско-германски проектен тим беше составен во јуни 2003 година, а нивната работа ја надгледуваше бинационален тим на уредници. Овој проект не беше само резултат на меѓусебното разбирање, туку и алатка за подобри односи меѓу двете земји во иднина.

40. Jahrestag des Elyseevertrags, Unterschrift Konrad Adenauer und Charles de Gaulle
Фотографија: AP

Питер Гајс, главниот пишувач од германска страна, го карактеризираше проектот Histoire/Geschichte вака: „Секогаш имате два погледи, барем два погледи, а тоа им овозможува на учениците да развијат свој став, своја сопствена слика на историјата. Тоа е многу корисно во демократско и либерално учење на историјата. Треба да се запознаеме со погледот на другите и да размислуваме за историјата на сопствената нација на тој начин. Во Германија се обидуваме да им дадеме многу простор на учениците да ги најдат своите извори на информации. Не беше секогаш лесно за нашите партнери да разберат дека прашањата можат да бидат многу отворени. Како, на пример, за она што го направија САД за реконструкцијата на Германија“.
Етјен Франсоа, еден од француските членови на заедничката комисија за историја, објаснуваше вака:

„Ако ние, француските членови на француско-германскиот тим за учебници по историја, верувавме дека германскиот народ отсекогаш бил агресорот што ги предизвика војните, нашата заедничка работа немаше да успее. И ако секоја национална страна се обиде да најде изговори за својата инвазија и окупација на другата страна и да ги легитимизира тие активности, тоа ќе доведе до ист резултат. На пример, ако германските членови инсистираа на тоа дека неправедниот Версајски мировен договор неизбежно го донесе порастот на нацистите во Германија, немаше да ја продолжиме нашата заедничка работа. Природно е дека треба да има лесни и мрачни страни во која било национална историја. Она што е одлична приказна за едните би можело да биде проклетство за другите. Ова се однесува и на фактот дека Франција ги нападна и вознемири соседните земји за време на ерата на Наполеон. Само кога секоја национална страна има храброст да ги открие темните страни на сопствената национална историја, како што се случи, таа работа станува заедничка историја во учебници“, рече Франсоа.

Учебникот по историја има три томови – првиот беше објавен во 2006 година и се однесуваше на историјата од 1945 година до денес. Неговата промоција беше во музејот посветен на Првата светска војна во северниот француски град Перон, близу до местото на една од најкрвавите битки од таа војна. Вториот том ги обработуваше настаните од 18. век до 1945 година, а третиот од античките времиња до 18. век. Сите три тома беа издадени во рок од пет години.

"Histoire/Geschichte" - deutsch-französisches Schulbuch Cover
„Европа и светот од 1945 година“ - првиот француско-германски учебник по историја објавен во 2006 годинаФотографија: klett

Во овие учебници историчарите не се потпираа на митовите, туку најмногу на современите извори. Осумдесет проценти од француското и германското издание се идентични, останатиот дел е оставен за некој поважен дел од националната историја, која претпоставено не е важен за другата страна. Во нив, на пример, е прикажана перцепцијата за Француската револуција во другите европски земји. Потоа, поглавјето за Наполеон се занимава со митот за него до денес. Во учебникот се поставува и прашањето дали ефектите на политиката на Наполеон и неговите војни го олесниле патот кон европското обединување, или напротив, сеќавањето на нив била долго време пречка за тоа обединување?

Историчарите велат дека дискусијата при подготвувањето на учебниците не била едноставна, имало и сосема различни гледишта, но најпосле успеале да создадат четиво кое е „балансирано“ и историски точно. Овој учебник по историја подоцна беше земен како модел изготвување на други бинационални учебници во Европа. Големата порака од учебникот Histoire/Geschichte е дека ништо не е запишано во камен – антагонизмите за кои се верува дека се исклесани во мермерот не се вечни.

***

Може ли овој пример, кој многумина во Европа сакаат да го пресликаат да биде употребен во работата на заедничката македонско-бугарска комисија? И дали националните митови овде се исклесани во мермер за да траат вечно и да останат митови без проверки на историските факти. На Франција и Германија им требаа 80 години да го издадат првиот заеднички историски учебник и во тоа време да ја поминат најстрашната од сите војни. Македонско-бугарската историска комисија беше поставена како да трча 100 метри, сите работи да се завршат во спринт, во кој, генерално, ќе се задоволи бугарската страна и нејзиниот поглед на историјата. Во основа, бугарските членови на комисијата не ги третираа македонските колеги како рамноправни партнери и тоа може да се види меѓу редови во изјавите на историчарите од двете страни. Доколку нема меѓусебна доверба антагонизмите ќе останат, а општествата ќе се оддалечат уште повеќе од точката каде што се наоѓаат сега.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар