1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна ли политичкиот „блек фрајдеј“?

27 ноември 2023

Кој повеќе им дал или ќе им даде на пензионерите? Наспроти партиските наддавања, проекциите покажуваат дека пензискиот Фонд долгорочно ќе биде под притисок од неповолни демографски движења

https://p.dw.com/p/4ZTc0
Протест пензионери Северна Македонија
Протест на пензионерите во Северна Македонија за повисоки пензииФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Како ВМРО-ДПМНЕ имаме намера, покрај политичките договори кои што би ги имале како идна влада со коалициоските партнери, сериозно на маса да ја ставиме идејата за реструктуирање на владините кабинети“, најави партискиот претседател Христијан Мицкоски на вчерашната дебата „Економски принципи“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Според тоа, еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за следно коалицирање ќе биде формирање на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Ценам дека енергетиката, рударството и минералните суровина не можат да бидат на ниво на одделение или сектор во Министерството за економија. Тие треба да бидат посебна институција и посебно министерство. И тоа би бил едно од условите за тој кој што би сакал да прави влада со ВМРО-ДПМНЕ - да интервенираме во Законот за влада и да имаме Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини“, изјави Мицкоски.

Практично, партијата вчера ги најави дел од планираните мерки во програмата со која ќе ја бара довербата на парламентарните избори. Меѓу нив се профилирање на Македонија како држава со најнизок данок на профит, обезбедување 250 милиони евра годишно од централниот буџет (една милијарда евра за 4-годишен мандат) за капитални инвестиции во општините за основни потреби - водоводи, канализација, асфалт, училишта, градинки. Но она што привлече најголемо внимание, е дека ако партијата формира влада, во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија.

„Тие тоа го заслужуваат, затоа што наместо сега да ги чуваат внуците или да уживаат во своите пензионерски, заслужени денови, ги гледаме како премрзнати,  гладни протестираат  на плоштадите и низ улиците“, рече Мицкоски.

СДСМ: Ја зголемивме просечната пензија за 40%

Во земјата има околу 336 илјади пензионери кои во пресрет на избори претставуваат најголемо гласачко семејство, а изминатиот период покажа дека и  барањата за зголемување на пензиите  и наддавањата најчесто се случуваат пред изборни циклуси.

Од владејачкиот СДСМ во соопштение посетија дека во нивниот мандат е зголемена просечната пензија.

„Просечната пензија СДСМ ја зголеми за 40%. Во време на ДПМНЕ, во 2016 година, просечната пензија изнесувала 13.754 денари, додека во март 2023 година просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари. Во времето на ДПМНЕ минималната пензија беше 9.000 денари, денес е 13.200 денари. Над 160.000 корисници на пензија биле под прагот на сиромаштија од 14.000 денари, дефиниран од Светска банка, а СДСМ го намали на повеќе од половина, за над 50%. Пензиите ќе растат со СДСМ, а со новата методологија ќе се усогласуваат на секои шест месеци врз основа на растот на трошоците за живот и на просечната плата“, се вели во соопштението на СДСМ.

Каква е моменталната ситуација? Пензија до 13.300 денари имаат 28,81% од пензионерите, 18% од 13.301 до 16 илјади денари, од 16 илјади до 22 илјади денари пензија имаат 25,75%, а над таа сума 27% од пензионерите. Пензиите, според сегашната методологија, се коригираат двапати годишно, врз основа на порастот на трошоците за живот и на порастот на просечната плата.

Протест пензионери Северна Македонија
Барањата за зголемување на пензиите и наддавањата најчесто се случуваат пред изборни циклусиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Дали се најсиромашни?

Според неодамнешна оценка на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, за стабилноста на пензиските финансии, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи патеката на стабилизација на  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“, оценија од „Фајнанс тинк“.

Оттаму посочија податок на Државниот завод за статистика, според кој пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7%, што е значајно пониска од  вкупната стапка на сиромаштија  од 21.8%, и уште пониска споредено со други општествени групи - децата (30.3%), самохраните родители (41.6%) и многудетните семејства (45.6%). Лицата над 65 години кои живеат како самци имаат стапка на сиромаштија од 4.1%.

Од Владата веќе најавија дека во буџетот за 2024 година се обезбедени 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии.

„Пензионерите ќе го добијат во 2024 година она што следува согласно Закон, односно усогласување согласно растот на просечната плата и растот на трошоците на живот, односно инфлацијата“, наведе министерот за финансии.

Пензии
Пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7%, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија од 21.8%Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/picture alliance

Неповолни проекции

Пензискиот систем во Македонија со години се соочува со значителна финансиска нерамнотежа поради иселувањето, стареењето на популацијата и намалување на придонесите.

Во такви услови - има ли простор и за  линеарно зголемување? Ако се читаат податоците во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), процентот на средства кои се одвојувале од Централниот Буџет до Фондот на име трансфери континуирано се зголемувал до 2017 година и стигнал до 43,6%, а бележи намалување во следните две години: во 2018 изнесува 42,7%, а во 2019 - 37%. Во текот на 2021 година средства од Централниот Буџет до Фондот учествувале со 37,5%, односно имало намалување во однос на 2020 година (38,4%).

Но, дури и тој првичен тренд на стагнација на средствата од буџетот со кои  се крпи дупката во Фондот, не го намалува предизвикот за неговото долгорочно финансиско работење. Ако се имаат предвид проекциите изработени од Секторот за финансиски прашања на Фондот, базирани на постоечката законска регулатива и демографски проекции, долгорочно гледано, финансиското работење на Фондот ќе биде под притисок од неповолните демографски движења. Според тие проекции, процентот на младо население на возраст до 14 години ќе се намали од 16,8% во 2015 на 16% во 2030 година, а работоспособно население на возраст од 15 до 64 години ќе се намали од 70,6% во 2015 година на 65,9% во 2030 година. Во исто време, процентот на население повозрасно од 65 години од 12,5% во 2015 година ќе се зголеми на 18,2% во 2030 година.

„Имајќи предвид дека најголем дел од овие лица ќе остварат право на пензиски примања, односно вкупниот број на пензионери се очекува да забележи пораст на околу 390 илјади лица во 2030 година, за успешно сервисирање на овие обврски на Фондот ќе биде потребно зголемување на изворите на приходи кои ги остварува Фондот“, се вели во Извештајот на ДЗР.

Заклучно со 2021 година соодносот пензионери - вработени/обврзници изнесува 1:1,74 и истиот бележи намалување во однос на 2020 година кога изнесувал 1:1,8. Пред три децении соодносот пензионери- вработени бил речиси 1 спрема 3, истиот двојно ќе се намали на 1 спрема 1,42 во 2030 година, а според проекциите, изедначување на овој показател на ниво 1:1 се очекува помеѓу 2050-2060 година.