Сезона на штрајкови: експлозија на незадоволство пред избори
21 ноември 2023Сезона на штрајкови ја тресе Северна Македонија, во пресрет на изборната година. По пензионерите, здравствените работници, судските и обвинителските служби во најава е нов бран на незадоволство. Во петок на протести пред Собранието излегува Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), кога пратениците ќе треба да расправаат за предлог-буџетот за идната година. Поддршка најавија и од Фондот за здравствено осигурување, каде исто така тлее незадоволство.
На протести денеска излегоа и вработените кај Народниот правобранител. Бараат финансиска независност на институцијата Омбудсман, но и поголеми плати за големиот број надлежности.
„Службата на Народниот правобранител не треба да биде врзана по Закон за административни службеници, бидејќи нивната работа не е административна. Тие извршуваат работни задачи по претставки на граѓаните и на вработените во јавниот сектор и ги заштитуваат нивните права и интереси, затоа вели не е логично вработените да бидат врзани по Закон за административни службеници“, вели претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Кулминација на незадоволството
Зимскиот бран на штрајкови е само кулминација на незадоволството коешто беше иницирано од одлуката на Уставниот суд со која пролетва на функционерите им беа зголемени платите за 78 проценти. По осум месеци, на сметките на министрите и другите избрани функционери, се уште пристигнуваат зголемените плати - решение за нивно намалување се уште нема. Единствено нешто што се избоксуваше изминатиот период е тие да не добијат уште едно зголемување во март, заедно со останатата јавна администрација. Министерот за економија, Фатмир Бесими, деновиве при презентирањето на предлог-буџетот за 2024 година, изјави дека не се предвидени средства за ново зголемување на функционерските плати.
„До крајот на месецов мора да има некакво решение за платите на избраните лица затоа што се потребни законски измени кои треба да поминат во Собранието“, порача во понеделникот вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Како што посочи, работната група се уште не поднела предлог за намалување на функционерските плати, бидејќи министерот за информатичко општество деновиве не бил во државата.
Кои се барањата?
Пензионерите од сите градови, изминативе месеци, наизменично излегуваат на протести за да потсетат на нивните барања - линеарно покачување од по 3.500 денари за сите и минимална пензија од 18.000 денари. Според нив, од 330 илјади пензионери, една третина има минимална пензија која е помала од 12 илјади денари.
„Ако има за функционерите - треба да има и за нив“, е пораката која во повеќе наврати ја испратија пензионерите - најредовното гласачко тело во земјата.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска најавува дека до крајот на неделата се очекува Владата да ги донесе мерките за сите ранливи категории граѓани. Тогаш точно ќе се знае кој се ќе биде опфатен и колку месечна ќе биде поддршката. Од Работната група веќе се доставени предлози поддржани да бидат особено пензионерите со ниски пензии, информираше Тренчевска.
Се работи и на решението за минимална пензија, но тоа најверојатно нема да биде готово до крајот на месецот.
Стравувања
Од УПОЗ деновиве ги изнесоа своите стравувања дека Владата нема да им го исплати предвиденото покачување на платите согласно најавеното зголемување на минималната плата.
„По овие нови информации кои ги добивме, мислам дека политиката, односно планот на Владата е во месец март кога ќе порасне минималната плата, такво усогласување да не добијат никој од вработените во јавен сектор“, рече Деаноски на прес-конференција. УПОЗ стравува дека без консултација на синдикатите ќе се направат закони и ќе се утврдат коефициентите на сложеност, а тоа што е предвидено во општиот колективен договор - едноставно да не стапи на сила од 2025 година.
Ако вработените не добијат усогласување на платите, најавија дека се подготвени да прекинат со обработка на податоци за Државна изборна комисија, со исплата кон сите јавни здравствени установи, со прием и исплати на сите боледувања и рефундации и слично.
Решение - ама на чија штета?
„Нема проблем – ќе решиме се, само да не биде на штета на другите. Притоа, треба да не заборавиме дека ако го зголемите фондот за плати во здравство, во обвинителство, во судовите ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е, изборот е тој“, порача во понеделникот вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Тој е дециден дека промените не се случуваат преку ден, ниту преку ноќ.
„Мораме одредени промени да ги правиме за да не се на штета на друго место. Немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравство, притоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби, дедовци, родители, за нас самите. Ние немаме проблем да ги зголемиме платите и во судство и во обвинителство, ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината“, порача Битиќи.
Согласно новата методологија во општиот колективен договор во септември следната година треба да има ново покачување на платите на вработените во јавниот сектор согласно одредбата од општиот колективен договор. Засега не се знае дали со порастот на минималната плата во март 2024 година, ќе пораснат и платите во јавниот сектор.
„Ќе видиме дали усогласувањето ќе биде во март затоа што потпишувањето на општиот колективен договор беше воспоставување на нова методологија - 10% во септември што ги зедоа сите вработени во јавниот сектор, во септември 2024 година уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да започнеме со новата пресметка на платите односно коефициент помножен со просечна плата“, порача деновиве Тренчевска.