1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголеми пензии - ризик за Фондот?

ДТЗ
17 август 2023

Линеарното зголемување на пензиите е неизводливо. Станува збор за трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот, вели премиерот Димитар Ковачевски. Фајнанс тинк бара корекција на платите на функционерите

https://p.dw.com/p/4VH54
протести пензионери
Пензиите тешко ќе одат угоре, платите на функционерите уште потешко ќе одат удолуФотографија: Petr Stojanovski/DW

Линеарното зголемување на пензиите кое што го побараа пензионерите во моментов е неизводливо, бидејќи станува збор за дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), кој веќе се соочува со дефицит.

„Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да можат да земат пензија“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на барањата на пензионерите кои на протести порачаа дека нема да отстапат од линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната пензија да се покачи на 18.000 денари. Ковачевски најавува дека се бара решение за минималната пензија, но и за усогласување на платите на функционерите, откако одлуката на Уставниот суд за зголемување на нивните примања за 78% предизвика голем револт и незадоволство. 

Институтот за економски истражувања, Фајнанс тинк, смета дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување. Истовремено тие ја повикаа Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите. 

Швајцарски модел 

„Откако станав премиер, низ економско социјален дијалог, се дојде до ново решение за зголемување на пензиите. Ние за 1,5 година имаме 26% зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9.000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари, сега е 19.000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение кое е врз основа на швајцарски модел кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите согласно растот на просечната плата и трошоците на живот“, порача денеска премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање. 

Тој смета дека протестите не пензионерите се политички мотивирани.  

протести пензионери
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека протестите на пензионерите се политички мотивираниФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и уплатите во Фондот. Доколку има линеарно покачување тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи ФПИОМ“, вели Ковачевски. Но, најави дека во тек е изготвување на методологија за закон за минимална пензија. 

Фајнанс тинк анализира дека според последните податоци на Државниот завод за статистика, пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7 отсто, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија од 21,8 отсто, и уште пониска споредено со други општествени групи, како децата со 30,3 отсто, самохраните родители 41,6 и многудетните семејства 45,6 отсто. Лицата над 65 години кои живеат како самци, додаваат, имаат стапка на сиромаштија од само 4,1 отсто. 

Ќе се вратат ли функционерските плати по старо? 

Повеќе од четири месеци, функционерите добиваат плати повисоки за 78%, по одлуката на Уставниот суд. Иако беше најавен нов закон за плати со кој ќе се регулираат и платите на функционерите и избраните лица, тој се што не е готов. 

„Од Одлуката на Уставен суд со која се зголемија платите на функционерите поминаа четири и пол месеци и законот е во фаза на изработка. Владата пристапи кон изработка на закон за плати кој ќе треба да ја регулира највисоката плата во државата и согласно со соодветни критериуми да ги регулира и другите плати. Се работи за исклучително комплексен закон за кој треба да бидат консултирани и оние кои не се дел од извршната власт“, вели Ковачевски.  

Тој смета дека платите на 44 членови на Влада, градоначалници, пратеници, судии, обвинители,... претходно биле замрзнати противуставно и противзаконски. На тој начин се дошло до ситуација министер за финансии и претседател на држава да имаат пониска плата од секретарка во АЕК или директор на јавно претпријатие, што е недозволиво, посочи Ковачевски.