1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионерите на протест за достоинствени пензии

ДТЗ
14 август 2023

Тие бараат месечно зголемување на пензиите за 3.500 денари, средства кои ќе ги искористат за купување огрев и лекови коишто ги одржуваат во живот. Во Скопје протестираа пензионери од сите градови.

https://p.dw.com/p/4V8VL
протест пензионери
Во Скопје протестираа пензионери од сите градови кои бараат зголемување на пензиите за 3.500 денариФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пензионерите се гладни, не можат да ги подмират ниту основните трошоци и да платат струја, а дел од нив немаат ниту за автобуска карта за да дојдат на протести. Тие бараат месечно зголемување на пензиите за 3.500 денари, или околу 40 илјади денари на годишно ниво - средства кои ќе ги искористат за купување огрев и лекови коишто ги одржуваат во живот. Со вакви барања денеска настапија пензионерите од целата земја коишто одржаа мирен протест пред седиштето на Сојузот на здруженијата на пензионери и пред Министерството за труд и социјална политика. На надлежните им доставија листа на барања и побараа од нив поддршка и разбирање за барањето да имаат достоинствена старост. 

Листа на барања 

Пензионерите од речиси сите градови во земјата на протестите во Скопје побараа минимална пензија од 18 илјади денари и Владата линеарно да им ги зголеми пензиите за 3.500 денари. Незадоволни од раководството на Сојузот на здруженија на пензионери и побараа тој да се укине, бидејќи не ги застапува нивните интереси. Ваквото барање следи по изјавата на претседателката на сојузот, Станка Трајкова, која најави дека нема да даде поддршка на протестот, бидејќи  „начинот на нејзиното работење не е на улица и на такви протести“ и повика проблемите да се решат институционално. 

Но, таквата изјава предизвика незадоволство кај пензионерите кои на денешниот протест побараа нејзино разрешување, укинување на членарината и другите издатоци коишто ги плаќаат и тие да се префрлат во Фондот за пензионери.

„Земам 12.800 денари - не се живее со тие пари. И 3.500 денари се малку, барем 5.000 денари да ни зголемат. Ноќе умирам, дење воскреснувам: не знам каде парите најпрво да ги дадам - дали за струја, за вода или за ѓубре“, вели пензионерка која што учествуваше на протестот. 

пензионери протест
Пензионерите на протест за достоинствени пензииФотографија: Petr Stojanovski/DW

На раб на егзистенција 

Учесниците на протестот обвинија дека државата ги оставила на работ на егзистенција, дека најголем дел од нив едвај преживуваат со минимални пензии, коишто ги има изедено инфлацијата. Со повик да опстојат и да се обединат во барањата, тие тврдат дека зад нив не стои никаква партија, туку борбата за гола егзистенција. 

„Политичарите кои ги бараат нашите гласови нѐ изневерија, нека ни кажат како да преживееме со 12.000 денари месечно. 300.000 гласачи се пензионери“, порача пензионерите кои велат дека се столбот на државата. Тие изразија револт поради зголемувањето на функционерските плати за 78% во споредба со најавеното зголемување на пензиите на 6 проценти.

Минатата недела пензионерите протестираа во неколку града во земјата, а најавија помасовни протести и во иднина, доколку не се излезе во пресрет на нивните барања.

пензионери протест
Пензионерите на протест за достоинствени пензииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во Северна Македонија, на крајот од 2022 година, евидентирани се 572.327 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување и 85.139 обврзници. Бројот на корисниците на пензија од работничко осигурување во Република Северна Македонија изнесува 334.816 корисници. Покрај овој број, во Фондот на ПИОСМ се исплатуваат и 60 земјоделски пензии и 867 воени пензии. 

До 13.300 денари пензија добиваат околу 96 илјади пензионери, до 16 илјади денари им се исплаќа на над 60 илјади лица, додека до 22 илјади денари добиваат над 86 илјади пензионери. Највисоки пензии над 22 илјади денари имаат 93 илјади граѓани. Додека 2.714 пензионери во јуни зеле пензија во износ од 11,897 денари, група од 1.526 најдобро ситуирани пензионери месечно добиваат сума од 48 илјади до речиси 70 илјади денари пензија, покажуваат месечните анализи на ПИОМ.