1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКина

Пелоси стигна на Тајван, Кина најави „целни воени акции“

ЕМФ | агенции
2 август 2022

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, пристигна на Тајван, предизвикувајќи со тоа заострување на тензиите помеѓу Пекинг и Вашингтон.

https://p.dw.com/p/4F2J6
US-Politikerin Pelosi in Taiwan
Ненси Пелоси во ТајванФотографија: Taiwan Ministry of Foreign Affairs/dpa/picture alliance

Непосредно по доаѓањето на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси во Тајпеј, Кина најави „целни воени акции“. Според официјален Пекинг, американските акции се „екстремно опасни“.

Кој си игра со оган, од него ќе загине“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, додека Министерството за одбрана објави: „Кинеската народноослободителна армија е ставена во највисок степен на готовност и ќе одговори со серија целни воени акции“. Истовремено, Министерството за одбрана најави планови за низа воени маневри во водите околу Тајван, кои треба да почнат во текот на утрешниот ден (3.08). Меѓу другото, се планира употреба на оружје со голем дострел.

Уште пред слетувањето на Пелоси во Тајпеј, кинеската државна телевизија јави дека кинески борбени авиони го надлетуваат Тајванскиот теснец. Според наводи на тајванското Министерство за одбрана, повеќе од 20 кинески авиони навлегле во воздушниот одбранбен простор на Тајван.

Истовремено, во регионот околу Тајван кружат повеќе американски воени бродови, меѓу кои и носачот на авиони „УСС Роналд Реган“, соопшти американската воена морнарица на Твитер.

- повеќе: „Игра со оган“ околу Тајван

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во Тајпеј слета денеска. Таа се наоѓа на турнеја по Азија. Пелоси е највисок по ранг американски политичар кој го посетил Тајван во последните 25 години.

- повеќе: Тајван го отфрли повикот од Кина за повторно обединување

Непосредно по слетувањето во Тајпеј, Пелоси ја нагласи „безусловната поддршка на САД за живата демократија на Тајван“. Пелоси утре треба да има средба со претседателката на Тајван, Тсаи Инг-вен, а планирани се и разговори во парламентот.

Infografik Vergleich militärische Stärke China und Taiwan EN

Во врска со посетата на Пелоси на Тајван со реакција се јави и руското МНР, нарекувајќи ја „јасна провокација“. Кина има право да преземе мерки за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Москва. Како што се нагласува, ставот на Русија останува непроменет - дека има само една Кина со легитимна влада во Пекинг.