Тајван го отфрли повикот од Кина за повторно обединување
9 октомври 2021Портпарол на тајванската претседателка Тсаи Инг-вен денеска во Тајпеј изјави дека демократската островска република „ е суверена и независна земја, а не дел од Народна Република Кина“. „Иднината на земјата се наоѓа во рацете на тајванскиот народ. Од револуцијата во 1911 година произлезе демократска република, а не авторитарна диктатура. Демократијата вистински е етаблирана во Тајван“, истакна портпаролот.
Осврнувајќи се на враќањето на поранешната британска колонија Хонгконг на Кина во 1997 година, што се нарекува пример за „повторно обединување “ со Тајван, портпаролот во Тајпеј го обвини кинеското комунистичко раководство за прекршување на даденото ветување. Пекинг не го одржа зборот дека во Хонгконг 50 години нема ништо да се менува, а го напушти и принципот „една земја, два система“.
Мнозинството Тајванци одлучно го одбиваат понудениот модел, бранејќи го својот демократски и мирољубив начин на живот, потенцира портпаролот на тајванската претседателка.
Претходно, по повод 110-годишнината од револуцијата во 1911 година, кинескиот претседател Ши Џинпинг во Пекинг повика на „повторно обединување“ со Тајван. Притоа, обединување со мирни средства би било во заеднички интерес на целокупната кинеска нација, рече Ши, предупредувајќи дека отцепувањето на Тајван не би завршило добро. Пекинг и натаму го смета Тајван за дел од својата во 1949 година основана Народна Република и во последно време зачестено се заканува со негово насилно освојување.