1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хонгконг и прекршеното ветување на Кина

Александар Герлах
23 јули 2019

Во Хонгконг врие: со недели активисти протестираат против во меѓувреме повлечениот предлог закон за екстрадиција, но во суштина револтот е многу подлабок – станува збор за судбината на Хонгконг, смета Александер Герлах.

https://p.dw.com/p/3Ma48
BG Hongkong Anti-Auslieferungsproteste
Фотографија: Reuters/T. Siu

Во Хонгконг постои само една тема: протестите.  Законот за екстрадиција,  кој владата на автономниот регион сакаше да им го наметне на своите жители, на демонстрации против Пекинг изведе преку два од вкупно осумте милиони луѓе. Законот предвидуваше можност секој од Хонгконг да биде испорачан и ставен пред суд во Кина, според желбата на комунистичкото раководство. Со тоа би згаснал автономниот статус на Хонгконг.

Зашто, она што ја сочинува самостојноста на Хонгконг и го разликува градот од  Кина,  е токму неговата етичко-правна традиција и јурисдикција. Веројатно токму тоа ги иницираше масите изминативе недели, зашто законот за екстрадиција не е некој безначен управен акт, туку е во прашање самото преживување на Хонгконг.

А тоа веројатно доведе и до енормните реакции на меѓународната заедница: Конгресот во САД планира усвојување соодветна резолуција, исто како и Европскиот парламент. За целосната поддршка на Хонгконг не се пресудни само економските интереси на западните земји, туку и нивната свест за неуспех на договорот „една земја - два система“.

Погрешна пресметка на госпоѓа Лам

Под ова мото во 1997 година Велика Британија ѝ го предаде Хонгконг на Кина. Хонгконг доби устав, а Пекинг во склучениот договор вети дека нема да посега по самостојноста на неговиот парламент и правосудството. Ова ветување кинеската Комунистичка партија никогаш не го почитуваше до крај. Затоа во 2014 година веќе дојде до масовни протести, познати под името „Движење на чадорите“. Студентите тогаш успешно се спротивставија на натамошно присвојување на Хонгконг од страна на Пекинг.

Пекинг во моментов е незадоволен поради „хаосот“ кој, од негов аспект, владее во финансиската метропола.  Кери Лам,  шефицата на прокинеската администрација на Хонгконг, ги убедува луѓето дека самата го изработила спорното правило за екстрадиција. Не постојат докази дека било поинаку. Сепак, логична е претпоставката дека добила амин од Пекинг, убедувајќи го дека ја има ситуацијата под контрола. Веројатно се потпирала на убедување дека во петте години по протестите во 2014 година, расположението е смирено и главите се оладени. Но, тука госпоѓа Лам направила погрешна сметка. Пекинг засега се воздржува од јавни изјави, но во заднина „мечката заигрува“.

Зад затворени врати, упатени се остри и масивни критики кон германска делегација која го посети Хонгконг. Кон трите „Т“ табу теми за Пекинг: Тајван, Тибет и Тјенанмен, односно теми кои во Кина не смеат да бидат споменати под никакви услови, очигледно е придодадено и едно „Х“ за Хонгконг.

Portrait Prof. Dr. Dr. Alexander Görlach
Професор Александер ГерлахФотографија: Harvard University/D. Elmes

Тоа е повеќе од бизарно, зашто Кина отсекогаш го истакнуваше и се фалеше со  Хонгконг како врата кон Западот.  Многу Кинези од копнениот дел на земјата имаат таму депонирано пари и инвестирано во станови, значи Народна Република Кина уште има потреба од ова крајче на своето јужно крило.

Претседателот под притисок

Државата со своите 1,2 милијарди жители би можела да го остави на мир Хонгконг со неговите осум милиони и едноставно да го одржи ветувањето. Нервозата во Пекинг меѓутоа го покажува растечкиот притисок врз претседателот Ши Џинпинг. На почетокот на своето владеење тој го зголеми притискот врз Хонгконг и Тајван, вршејќи масивни закани, кон Тајван дури и со воена интервенција. Тајванците согледаа дека и ним ветеното „една земја - два система“, не функционира. И таму во 2014 година беа организирани протести, т.н. „Движење на сончогледите“, во текот на кои првпат на претседателската функција беше избрана кандидатка на кон Кина критичката ДПП. Значи, таму каде луѓето можат да влезат во критички судир со раководството на Ши, тоа не е толку омилено. А Западот пак ја отпиша Кина како доверлив партнер, економијата на земјата заслабнува.

Часовникот отчукува

Протестите во Хонгконг продолжуваат, одамна ја надминаа рамката на отпорот против законот за екстрадиција и се насочени кон поопсежни реформи. Пекинг, од своја страна, не може да ја разреши Кери Лам, зашто со оглед на ситуацијата во градот, нејасно е дали Комунистичката партија повторно ќе успее да протурка свој кандидат. Часовникот отчукува, во 2047 година истекува постојната регулатива која на Хонгконг му гарантира автономност. Демократите во градот сега треба да почнат да ги користат своите предности и поволноста на моментот и уште сега да преговараат околу статусот на градот по овој датум. А тоа сигурно нема да биде едноставно. 

Александер Герлах е почесен професор по етика и теологија на Универзитетот во Линеберг и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ.