„Игра со оган“ околу Тајван
2 август 2022Иако не е предвидено, претседателката на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на своето патување по Далечниот Исток, по Малезија, вечерва би можела да го посети и Тајван. За тоа стигнуваат сѐ повеќе вести, а тајванскиот весник „Либерти тајмс“ јавува дека американската гостинка би преноќила во Тајван и утре би се состанала со тајванската претседателка Тсаи Инг-вен, пред да продолжи за Јужна Кореја и Јапонија. Посетата на високата гостинка од САД на Тајван - претседателката на Конгресот во хиерархијата е веднаш зад претседателот и потпретседателот - би била прва од ваков вид во последните 25 години, иако Пекинг упорно предупредува дека таква посета би била „провокација во лош момент.“
Напнатоста меѓу Тајван и Кина расте сѐ повеќе: неодамна Тајван одржа воени вежби, а Кина непрекинато трупа свои воени сили и демонстративно испраќа воени бродови и авиони низ Тајванскиот теснец кој го дели островот од Кина. Кинескиот претседател Ши Џинпинг минатата недела го предупреди американскиот претседател Џо Бајден дека САД „си играат со оган“ и, со оглед на тоа што Кина во согласност со својата политика за „една Кина“ го смета Тајван за свој, најавува дека „одлучно ќе го брани националниот суверенитет и територијален интегритет на Кина“ со сите, па и воени средства.
Ако се случи таква посета, ни кинеската војска „нема да седи со скрстени раце“, се чу од Пекинг. Уште во средината на 90-те години, кога тогашниот претседател на Тајван, Ли Тенг-хуи „неофицијално“ ги посети САД, Кина пробно испали ракета кон Тајван, која тогаш падна во море.
Во што е суштината на спорот?
Тајван со своите 23 милиони жители всушност бил последното прибежиште на кинеските сили на генерал Чанг Кај Шек во повлекувањето пред силите на кинеската револуција на Мао Цетунг на крајот на 40-те години од минатиот век. Со победата на револуцијата во 1949. година, Тајван и натаму остана под самостојна управа.
Всушност, во тоа време Тајван се сметал за „вистинска“ Кина: формалното име на островската држава е Репубика Кина, за разлика од Народна Република Кина. За Пекинг, Тајван е само „привремено“ отцепена покраина, дури и на знамето на НР Кина има една поголема и четири помали ѕвезди, од кои една го претставува Тајван.
Каков меѓународен статус има Тајван?
Речиси бизарен е деталот дека претставникот на Тајван, а не на Кина бил член на Советот за безбедност на ОН сѐ до 1971. година. Денес Тајван не е ниту член на ОН, а иако американските политичари го истакнуваат правото на Конгресот за посета на таа земја, само 14 држави во светот одржуваат формални дипломатски односи со Тајван. Кина таквите односи ги смета за неприфатливи. Кина уште лани ги прекина дипломатските односи со Литванија, зашто таа во Тајван отвори дипломатско претставништво.
Иако е правило на меѓународните состаноци и во организации да има или претставник на Тајван или претставник на Кина, Тајван уште е член на Светската трговска организација и Банката за развој на Азија.
Какви се односите меѓу САД и Тајван?
Вашингтон преку три децении по револуцијата во Кина, го сметаше Тајван за „единствен“ претставник на цела Кина. Дури во 1979. година и САД ги затворија своите дипломатски претставништва во Тајван и воспоставија односи со Пекинг. Се повлекоа и од воениот договор за меѓусебна заедничка одбрана во случај на напад.
Без оглед на тоа, односите на САД и Тајван траат и денес, вклучувајќи и воена соработка. Пекинг упорно го предупредува Вашингтон да не ѝ продава оружје на таа „отцепена покраина“, но и претходниот американски претседател, Доналд Трамп демонстративно искажа поддршка на Тајван и склучи договор за продажба на оружје во вредност од повеќе од 18 милијарди долари.
И претседателот Бајден најави дека „ќе му помогне“ на Тајван ако биде нападнат од Кина, иако доктрината на Вашингтон е одржување на постоечката состојба и обезбедување сигурност, посебно во пловидбата по тамошното море. Така и САД успорно испраќаат свои воени бродови и авиони во тој дел од светот.
Дали е Кина спремна за војна со Тајван?
Тоа е тешко да се каже, но повеќепати се чу дека е спремна и на воено решение. Во јануари 2019. година кинескиот претседател Ши Џинпинг изјави дека состојбата со Тајван не може вечно да остане статус кво: „Не можеме да дадеме ветување дека ќе се воздржиме од употреба на сила и задржуваме можност за употреба на сите потребни средства“, изјави тој. Слични изјави дадоа и други високи кинески функционери на крајот на ланската година, исто како и на Народниот конгрес одржан на почетокот од оваа година.
За Ши Џинпинг „спојувањето“ на Кина и Тајван е неминовно заради исполнување на „кинескиот сон“, според кој Кина до 2049. година би станала најголема светска сила. А моменталните тензии меѓу Кина и Тајван се без сомнение поврзани и со актуелната состојба во Кина и положбата на Ши: поради мерките против пандемијата на коронавирус, на кинеската економија не ѝ оди толку добро како што би сакало раководството и како што се очекуваше, а на крајот од оваа година треба да биде решено и дали Ши Џинпинг ќе остане претседател на партијата и на државата. Дотолку повеќе и лично му треба некој успех.
Какви се моменталните односи меѓу Кина и Тајван?
Накратко – лоши. На Тајван додуша редовно се одржуваат избори, но главно прашање за сите кандидати е секогаш односот кон Пекинг, при што се менуваат поблаги или поостри ставови кон Кина. „Поблагите“ достигнаа врв во 1992. година, кога е постигнат политички договор меѓу претставници на Тајван и на Кина, според кој двете страни се согласија дека постои „само една Кина“, иако постојат различни претстави како треба да изгледа таа Кина.
Но, од изборот на претседателката Тсаи Инг-вен и нејзината Демократска напредна партија во 2016. година, Тајван води сѐ поостра политика кон Кина. Таа не ја прифаќа спогодбата од 1992. година и цели кон целосна независност и кон Тајван како втора суверена држава. Таа држава има намера својата самостојност да ја брани и со оружје: воениот буџет на Тајван драстично расте, а во 2022. година за војската е наменет рекорден износ од 16,7 милијарди евра. Претседателката исто така демонстративно покажува и поддршка на оружените сили: минатиот вторник, вторпат во својот мандат, посети воен брод на тајванската морнарица, од кој ги посматраше воените вежби против можна инвазија на островот.
Но, и Кина екстремно ги зголемува своите издатоци за војската, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лијан за агенцијата Ројтерс воените маневри на Тајван ги коментираше со овие зборови: „Обидот на Тајван за воено спротиставување на Кина е еднаков на обид на свештеник да запре воено возило. На крајот, обидот ќе пропадне“, изјави кинескиот претставник.