1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТајван

Ќе го посети ли Пелоси Тајван или не?

СН/агенции
2 август 2022

Претседателката на Претставничкиот дом на САД е во посета на неколку азиски земји. Меѓутоа, вниманието на светската јавност продолжува да се врти околу непотврдената станица од нејзиното патување- посетата на Тајван.

https://p.dw.com/p/4Ezy2
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси ПелосиФотографија: Allison Bailey/NurPhoto/picture alliance

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пристигна денеска во Малезија во вториот дел од нејзината азиска турнеа во која треба да го посети Тајван, што би можело да доведе до ескалација на тензиите со Пекинг.

Авионот во кој беа Пелоси и нејзината делегација слета во базата на воздухопловните сили која е строго обезбедена.

Иако нема официјални најави, локалните медиуми во Тајван известија дека Пелоси ќе допатува вечерва во Тајпеј, со што би станала највисок американски претставник во посета на земјата по повеќе од 25 години.

Ненси Пелоси на насловна страница на тајвански весник
Ненси Пелоси на насловна страница на тајвански весникФотографија: ANN WANG/REUTERS

Трите најголеми државни весници во Тајван цитираа неофицијални извори кои велат дека таа ќе слета во Тајпеј каде ќе ја помине ноќта по посетата на Малезија.

Кина, која го смета Тајван за своја територија, предупреди на последиците, велејќи дека нејзината војска „веќе нема да седи со скрстени раце“ ако Пелоси ја продолжи турнејата.

Белата куќа вчера ја осуди реториката на Пекинг, велејќи оти САД не се заинтересирани за продлабочување на тензиите со Кина и дека „нема да ја загризаат мамката“.

Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека одлуката за тоа да се посети островот ја носи Пелоси и оти членовите на Конгресот за време на годините рутински го посетувале Тајван. „Нема причина Пекинг потенцијалната посета во согласност со долгодишната американска политика да ја претвори во некој вид криза или да ја користи како изговор за зголемување на агресивна воена активност“, рече Кирби.

Сингапур беше прва станица на азиската турнеја на Ненси Пелоси
Сингапур беше прва станица на азиската турнеја на Ненси ПелосиФотографија: Mohd Fyrol/Ministry of Communications and Information, Singapore/AP/dpa/picture alliance

Американскиот државен секретар, Антони Биркен, ја повика Кина да се „однесува одговорно“ во случај Пелоси да ја продолжи посетата. „Ако се случи посетата, а Кина се обиде да создаде некој вид криза или на друг начин ги ескалира тензиите, тоа би било во целост на Пекинг“, изјави тој за новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.

Пелоси вчера ја започна својата азиска турнеја во Сингапур, но нејзината наводна посета на Тајван предизвика загриженост во регионот.