По повод Илинден: Давкова помилува петмина осуденици
1 август 2024Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод празникот Илинден помилува пет осудени лица, од кои две потполно, а три делумно се ослободуваат од натамошно извршување на казната затвор. Петмина осудени лица се помилувани во траење од два до четири месеци, коешто кај двајца од нив доведе до потполно ослободување од извршување на казната затвор.
Потполно се ослободуваат од извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица Андреј Методија Мојсоски од село Селце и Миран Латиф Исмани од село Слатино. Делумно се ослободуваат Блаже Владимир Стојанов од Штип, Ванчо Делче Кржовски од Пехчево и Ненад Душко Магделиниќ од Штип во траење од по два месеци.
Ова е прва одлука за помилување на осудени лица од страна на претседателката Сиљановска Давкова.
Одлуките се јавни
Комисијата за помилување на претседателот на Северна Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда. Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот донесува конечна одлука.
Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник“.
Деновиве беше утврден и новиот состав за Комисијата за помилување. Претседател на комисијата е проф. д-р Методија Каневчев, а членови на Комисијата се професорот Гордан Калајџиев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, Зора Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.