1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот ќе може да помилува само осудени лица

ДТЗ
4 октомври 2023

Со законските измени, претседателот ќе може да носи одлука за помилување само на казнети лица. Претседателот Стево Пендаровски ја поддржува иницијативата за исклучување на аболицијата од правниот систем на земјата

https://p.dw.com/p/4X6e4
Стево Пендаровски
Стево ПендаровскиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Министерството за правда предлага претседателот да може да даде помилување само за казнети, а не и за лица коишто се под истрага. Ова е предвидено со предлог-законот за помилување којшто е испратен до Владата. Со тоа претседателот го губи правото на аболиција, или ослободување од кривично гонење на лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело. 

​„Причините за донесување на законот за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања кои се предлага да бидат регулирани со новиот закон“, велат од Министерството за правда.

Сега претседателот има право на инцијатива на Министерство за правда да помилува некого во која било фаза од постапката, од апсењето па се до моментот на издржување на казната. 

Идризово
Со законските измени, нема можност за помилување на оние коишто се под истрага. Може да се помилуваат само осудени лица Фотографија: Petr Stojanovski

„Kонечно е вклучена заложбата на претседателот Пендаровски за исклучување на аболицијата во нашиот правен систем, односно да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка, а нема правосилна пресуда. На овој начин ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата основна функција , а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривични дела“, е ставот на претседателот Стево Пендаровски.

Од неговиот кабинет за ДВ велат дека на тој начин се придонесува во зајакнување на независноста на судството и, воопшто, функционирањето на системот на поделба на власта и правната држава.

Компаративни искуства 

Министерството за правда минатата година формираше работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија и од научната фела. При изготвувањето на законот се разгледани повеќе компаративни искуства од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.

Кои се клучните измени? 

Прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење беше едно од најекспонираните прашања за кое што се кршеа копјата изминатиот период. Работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на лица.

„Мошне значајни се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување каде се предвидени кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Притоа, тука се значајни и конретните одредби за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени“, објаснуваат од Министерството за правда. 

Кренар Лога
Министерството за правда предлага претседателот да може да даде помилување само за казнети, а не и за лица коишто се под истрага. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Законски дупки

Постојниот Закон за помилување беше донесен во 1993 година и претрпе бројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд.

Најголеми турбуленции во јавноста предизвика одлуката која што ја донесе поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016 година, за помилување на 50-тина лица опфатени пред се во случаите на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Одлуката за аболиција Иванов ја донесе повикувајќи се на член 11 од Законот за помилување, што беше оспорено. По бурните реакции во јавноста, Иванов ја повлече одлуката, но тоа отвори простор дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ да поднесат тужба во Страбур. 

Постапка за помилување 

Помилувањата како институт се еден од основните уставни надлежности на претседателот. Постојат два вида на помилување, и тоа редовни, односно кога лица и граѓани на земјата индивидуално испраќаат молби за помилување до Министерството за правда, кои потоа се доставуваат до Кабинетот на претседателот, односно Комисијата за помилување која детално ги разгледува и потоа му доставува предлози на претседателот.

Групните помилувања се втора категорија и за нив постапката се одвива двапати годишно, за 2 Август – Илинден и новогодишните празници. За групните помилувања, предлозите до Министерство за правда пристигнуваат од казнено-поправните домови, а не по индивидуални барања на лицата кои отслужуваат казна.

Предлозите ги доставува Министерството за правда до Комисијата за помилување на претседателот, која што доставува мислење до претседателот поединечно за секој од случаите. Претседателот согласно своите уставни надлежности ја носи конечната одлука.

Можноста за помилување пролетва се обидоа да ја искористат поранешната шефица на згаснатото СЈО, Катица Јанева, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски и бизнисменот Сеад Кочан. Но, нивните барања за помилување беа одбиени од шефот на државата, Стево Пендаровски.