1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Повлечена листата за помилување затвореници

ДТЗ
20 декември 2021

Меѓу предлозите беа имињата на бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на Алмир во Куманово...

https://p.dw.com/p/44ZKj
Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Министерството за правда ја повлече спорната листа за помилување затвореници за Нова Година. Заменик-министерот за правда, Агим Нухиу на социјалната мрежа Фејсбук ја сподели ваквата вест.

„Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!“, вели Нухиу во објавата, во која сподели фотографија заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ. 

Претходно и првиот човек министерството најави дека спорната листа ќе се прочисти. „Оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност. Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците“, изјави Маричиќ. 

Од Министерството за правда за ДВ потврдуваат дека целата листа е повлечена и процедурата ќе започне од почеток. Затворските управи ќе треба да достават нови предлози за помилување, коишто откако ќе го поминат сите филтри, ќе бидат испратени на потпис кај претседателот. 

На списокот се наоѓаа 48 лица, за кои затворските управи предложиле делумно или целосно помилување за издржување на казните.  Меѓу предлозите беа и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на четиригодишниот Алмир во Куманово. 

Станува збор за редовна постапка која што се спроведува пред Нова Година. Списокот кој го доставуваат затворите треба да помине низ четири филтри пред да биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски.