Пендаровски праша, Демерџиев ќе одговори
8 февруари 2023Бугарското МВР напредува со собирањето информации за Бугарите на кои не им беше дозволено да му оддадат почит на Гоце Делчев, најави министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев. Тој потсети дека информацијата ја побарал претседателот на Република Северна Македонија и ќе биде пренесена преку нивното Министерство за внатрешни работи.
„Да видиме како ќе се реагира на оваа информација. Ние имаме податоци од ‘Граничната полиција’. Сите лица кои не успеаја да поминат и беа вратени по часови чекање, ние ги идентификувавме, знаеме кои се. Се работи за 200 луѓе. Така што, ќе бараме објаснување зошто се случи ова“, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Демерџирев.
Таа се однесува на звчерашната порака на македонскиот претседател Стево Пендаровски - „нека ни се јави еден граѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе и да оддаде почит на Гоце Делчев, се разбира, освен оние кои правеа проблеми“.
„На сите оние штовлегоа од Бугарија во Северна Македонија и сакаа да отидат на гробот на Гоце Делчев, тоа им беше овозможено. Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата се разбира заработија прекршочни пријави и депортација од нашата земја. Секоја европска држава го прави тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еденграѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе и да оддаде почит на Гоце Делчев, се разбира, освен оние кои правеа проблеми, за што има видеоснимки“, рече завчера претседателот.
Истиот ден премиерот на службената влада, Галаб Донев, ги задолжил надлежните институции да истражат зошто на Бугарите не им било дозволено да се поклонат на гробот на Гоце Делчев во Скопје. Ќе се анализира дали има прекршување на конзуларната конвенција и човековите права на Бугарите. Според Донев, мерките што Бугарија ќе ги преземе ќе зависат од резултатите од инспекцијата.
Алузијата со генераторите
Бугарските власти ги оценија како неуверливи причините за чекањето на нивните државјани на македонската граница - паѓањето на системот за проверка поради прекин на струја. Во тој контекст е објаснета и најавената бугарска донација од три генератори за три гранични премини со РСМ.
„Кога има апсурдни објаснувања за некоја ситуација, нормално е да се добие и апсурдна понуда за помош. Тоа е мојата понуда. Тоа е знак дека ние мора да бидеме искрени во нашите односи“, изјави Демерџиев.
Според медиумски најави, се очекува тој денеска да се сретне со Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ кој веќе имаше средба со бугарскиот претседател Румен Радев. Претходно, шефот на дипломатијата Николај Милков соопшти дека Пендиков ќе добие привремено сместување во Софија, наскоро и бугарско државјанство, а во разговор меѓу Пендиков и Демерџиев ќе се оценело дали му е потребно и обезбедување за време на престојот.
Освен што ќе достави список со бугарски државјани на кои не им бил дозволен влез во РСМ,Софија ќе бара консултации и директни разговори со Скопје по прашањето - зошто не се исполнуваат конзуларните конвенции. Ова го најави Милков, со критика дека тие не биле известени за приведувања на бугарски државјани.
„Должни се да го направат тоа по еден куп меѓународни конвенции. Никој не нѐ извести. Ние дознавме од самите луѓе, од нивни блиски, дека тие се приведени. Телефоните, се разбира, им биле одземени, и јас чекав ноќта да ми се јават, никој не ми се јави, затоа што тие биле испрашувани во еден ипол после полноќ и не сакале да ме вознемират. Со некои од тие кои беа задржани јас имам директна врска, во телефонска смисла, се познаваме од претходно“, рече Милков.
Според него, имало проблем и со тие кои ја поминале границата.
„Тие кои успеаја да влезат не беа пуштени до црквата и не можеа да го направат тоа заради кое допатуваа. Никој од тие луѓе не можеше да се поклони во црквата, заради што дојдоа од Софија“, рече Милков.
Тој ги оспори наводите за забрането снимање на границата, со образложение дека нема такви натписи на граничниот премин Ѓуешево -Деве Баир. Забраната за снимање на македонската граница ја нарече „практика од претходни децении и режими“.
ЕК: Многу внимателно го следиме развојот на настаните
И додека Софија планира за настаните од 4-ти февруари да ги информира меѓународните партнери, од Брисел не ги коментираат тие настани.
Брисел не ги коментира тензиите на границата за време на викендот, со образложение дека не коментира тековни истраги или судски постапки, пренесе БНТ.
„Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, изјавиле од Европската комисија.
Од ЕК потсетиле наважноста на добрососедските односи.
„Во овој контекст, неопходни се напори од сите страни за промовирање атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и за избегнување на непотребни тензии“, соопштила Европската комисија.
Бугарскиот претседател Румен Радев на оваа тема се осврнал вчера во разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, преку видео-конференција. Разговорот се реализирал во рамките на подготовката на вонредниот состанок на Европскиот совет кој ќе се одржи на 9-ти и 10-ти февруари.
„Декларираните амбиции на Република Северна Македонија за пристапување во ЕУ, во фон на ескалирачката антибугарска кампања во земјата која доведе до престапи од омраза како што е палење и пукање врз бугарски културни клубови и насилство кон македонски Бугари и бугарски државјани, беше меѓу ставовите искажани од претседателот Радев“, кусо се наведува во соопштението од прес - службата на претседателот. Во него се додава и дека претседателот Радев ќе ја претставува бугарската држава на утрешниот вонреден состанок на Европскиот совет.