1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

ЕМФ | агенции
4 февруари 2023

Одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев се одвива под строги протоколи и во тензична атмосфера.

https://p.dw.com/p/4N6IZ
Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)
Фотографија: P. Stojanovski/DW

Тензична атмосфера и полициски контроли - одбележувањето на 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев се одвива под строги протоколи и засилено полициско обезбедување. Изутринава пристап до црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа гробот на Гоце Делчев, им беше дозволен само на акредитирани делегации и новинари, а попладнево полицијата почна да пропушта и граѓани кои сакаат да оддадат почит.

Цвеќе на гробот на Делчев положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, собраниска делегација предводена од потпретседателот Горан Мисовски, делегации од политички партии, локални самоуправи и граѓански здруженија.

„Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес и се света обврска за секого, додека ја градиме Република Северна Македонија во Едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави“, напиша на Фејсбук премиерот Ковачевски.

„Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки“, се вели меѓу другото во соопштение на Владата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по полагањето цвеќе на гробот на Делчев, оцени дека е „горд што славиме еден таков човек“, но додаде дека кај него има чувство на разочараност кое се создало „денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде, до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја“.

„Ние сме мирољубив пријателски народ и секој којшто доаѓа со добра мисла го почитуваме и очекуваме да нѐ почитува. Доколу тие одлучиле да го слават Македонецот Гоце Делчев не гледам зошто би имало причина да има проблем“, рече Мицкоски на прашање од бугарски новинари дали очекува да има проблеми со доаѓањето на бугарските претставници и дали ВМРО-ДПМНЕ организира блокади за непуштање на границата и тука пред црквата.

Полициско обезбедување на приодите кон црквата „Свети Спас“
Полициско обезбедување на приодите кон црквата „Свети Спас“Фотографија: P. Stojanovski/DW

Демерџиев: Околу 100 до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје

На гробот на Гоце Делчев денеска цвеќе треба да положи и бугарска делегација, предводена од бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Според наводи на Демерџиев, во Скопје би требало да пристигнат и околу 100 до 150 бугарски државјани. 

Како што јави агенцијата БТА, Демерџиев очекува дека ќе бидат исполнат ветувањата на македонските власти дека бугарските државјани кои сакаат да дојдат во Скопје на одбележувањето на роденденот на Делчев ќе бидат пуштени без никакви проблеми.

„Има податоци дека се запрени бугарски граѓани, не знам колку се точно. На крајот на денот ќе имам информација и колку се оправдани мотивите за тоа“, изјави Демерџиев.

Бугарија Иван демерџиев министер за внатрешни работи
Демерџиев: Има податоци дека се запрени бугарски граѓаниФотографија: BGNES

Тој додаде дека има листа со бугарски државјани, на кои нема да им биде дозволен влез, но како што посочи таа листа не е голема.

Демерџиев планира да ги почека Бугарите кои сакаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, за да можат заедно да ја одбележат годишнината: „Гоце Делчев е личност, која ѝ припаѓа на историјата и не може почитта кон таква личност да се изразува со насилство. Почитта се изразува со уважување. Насилството ги урива мостовите и ако сакаме да бидеме дел од Европа, треба да градиме, а не да уриваме“, нагласи Демерџиев и ги повика политичарите да не подлежат на никакви провокации.

Повеќе од два часа застој на Деве Баир

Минувањето на граничниот премин помеѓу Северна Македонија и Бугарија, Деве Баир денеска (4.02) беше во застој повеќе од два часа поради пад на системот за гранична контрола. Во колона пред границата останаа заглавени и дел од Бугарите тргнати на чествување на роденденот на Гоце Делчев.

- повеќе: Роденденот на Гоце може да се претвори во балкански хорор филм

Македонското Министерство за внатрешни работи во меѓувреме информира дека е отстранет дефектот и дека системот за контрола со кој работат граничните премини повторно е во функција и можно е влегување и излегување од државата.

„Отстранет е дефектот на системот на сите гранични премини, истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава“, соопшти МВР.