1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахил, трговецот од Приштина

1 февруари 2023

Денес, на 151-годишнината од неговото раѓање, Гоце Делчев може да биде причина за сериозен меѓудржавен инцидент кој има потенцијал на подолг рок да ги замрзне бугарско-македонските односи. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4MwaL
Гоце Делчев Северна Македонија
На 4 февруари се одбележуваат 151 година од раѓањето на Гоце ДелчевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ахил, што на старогрчки значи - без усни, е главен јунак во Илијадата и најголемиот старогрчки јунак во Тројанската војна. Во митологијата, Ахил најчесто е претставен како совршен човек кој верува во честа, не лаже, и убива само кога е во опасност. Тој се одликува со неизмерна сила, а неговата слаба точка е петата. 

Во екот на македонско-бугарската вербална војна, во која почнаа да се користат и физички пресметки и авиони за медицински транспорт, на 4-ти февруари треба да го одбележиме роденденот на нашиот великан Гоце Делчев. Најголемите патриоти ќе организираат херојска стража и цел ден ќе го чуваат гробот на Гоце од лутите македонски непријатели кои доаѓаат од Бугарија во Скопје да му се поклонат и да му оддадат почит на овој великан. Ние нема да дозволиме да му се поклонат и да му оддадат почит затоа што тие сметаат дека оддаваат почит на бугарскиот великан Гоце Делчев, а тоа нас нѝ навредува, затоа што ние сметаме дека тој не е бугарски, туку македонски великан. 

Гоце е Ахил, а Штип е Приштина. Така тој се потпишувал на многу од своите писма.. Така, во едно од своите писма од 8 Февруари 1896 година испратено до Никола Зографов во кое од него барал да му јави на Петар Попдимитров од с. Ветрен, Ќустендил, да испрати човек со два коња, Гоце се потпишал како Ахил, трговецот од Приштина. 

Ахил, трговецот од Приштина, денес, на 151-годишнината од неговото раѓање и 120 години по неговата смрт, може да биде причина за сериозен меѓудржавен инцидент кој има потенцијал на подолг рок да ги замрзне бугарско-македонските односи, да ја засили реторзионата политика и реторика и најблаго речено, на долг рок да го блокира европскиот пат на Македонија.

Во услови на зовриена ситуација и со право креираниот револт во македонското општество, ќе се обидам да размислувам рационално, со цел да се избегне ситуација во која Гоце ќе стане причина за нова македонска трагедија.

Дипломатска деескалација

Дипломатијата мора да ја одигра клучната улога со цел деескалација.

Нашата дипломатија мора да ги убеди своите бугарски колеги дека доаѓањето на Бугарите со организиран превоз за да оддадат почит на гробот на Гоце е дел од план на трет играч кој сака да ја оствари својата регионална геополитичка стратегија, креирајќи нетрпеливост, инциденти, вербална и политичка војна помеѓу Македонците и Бугарите. Крајната цел на овој трет играч е креирање на поделеност, внатре во НАТО-сојузот и ослабување на НАТО одвнатре, како и блокирање на патот за членство на Македонија во ЕУ, што потоа ќе биде искористено за креирање на меѓунационални тензии во Македонија, кои за крајна цел повторно ќе имаат поделеност и непријателство помеѓу НАТО-членки.  

Никола Тодоров
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Потребно е со истава или слична порака, притисок во овој правец да направат и нашите стратешки пријатели и сојузници, со цел и тие да бидат дел од планот за деескалација. Паралелно со ова нашите безбедносни служби, во соработка и координација со партнерските служби, треба да работат заедно со бугарските безбедносни служби во правец на разоткривање и демонтирање на планот на непријателските агентури, кои несомнено се силно инволвирани во креирање на оваа регионална нестабилност. Прв чекор може да биде креирање на заедничка безбедносно-разузнавачка група составена од оперативци кои немаат никаква поврзаност со поранешните комунистички безбедносни служби.

Многупати јавно сум напишал и јавно сум изјавил дека никој не може двата милиони Македонци да ги убеди дека Гоце не е Македонец, ниту осумте милиони Бугари да ги убеди дека Гоце не е Бугарин.

Ако е тоа така, и ако гледаме дека во тек е безбедносно-политичка операција која има за цел преку подгревање на македонско-бугарска вербална војна да постигне регионална дестабилизација, па покрај косовско-српскиот спор, истовремено, високо на агендата да го постави и македонско-бугарскиот спор, мора, евроатлантски ориентираните политички и безбедносни структури во Македонија и Бугарија да најдат начин како да не дозволат Македонија и Бугарија да бидат вовлечени во оваа регионална пресметка, но истовремено и да спречат креирање на проблеми во НАТО сојузот, одвнатре. 

Балкански хорор-филм

Психологија на масата ни покажала дека може со малку труд и со многу искуство во вакви работи, роденденот на Гоце да се претвори во балкански хорор филм. Затоа треба да се најде начин Македонците роденденот на Гоце Делчев да го слават во Македонија, а Бугарите да го слават во Бугарија. Оваа година, нема клима, за ништо друго. Воедно, во овој момент не смее  да се  остават работите на случајност, од причина што оние што не ѝ мислат добро ниту на Македонија ниту на Бугарија, а уште помалку на НАТО и Европската Унија, тоа нема да го остават на случајност. Затоа сега, како никогаш претходно, потребно е сите политички партии и политичари кои искрено, а не само декларативно, се залагаат за евроатлантска Македонија и евроатлантска Бугарија да се воздржат од запалива реторика, да делуваат сојузнички и наместо емотивно, да делуваат рационално. Денес тоа изгледа тешко, но верувајте, ако вака продолжиме, утре ќе биде уште потешко.  

Национално мото

Ќе објавам еден дел од писмо кое Гоце го испратил до Ефрем Каранов од Ќустендил на 17 октомври 1895 година, за кој не знам дали е претходно некогаш јавно објавен кај нас.

„Дали му поверува на милоста на неговите зборови, кои ги кажа писмено и усно на Г. Иванов (од Виница, кој бил раководител на револуционерниот комитет во Виница, м.з): Ќе кренеме востание, па штом се развиори знамето, тогаш Русија, о славна Русија, во моментот ќе изврши инвазија на Македонија и еве ти, ние сме ослободени. Така ли мисли тој, така ли мислите и вие, па најпосле така ли треба да се воспитуваат востаниците? Обидете се да ја искорените оваа слабост (очекуваната помош од рускиот тиранин)... Работете, работете г-да, но малку повеќе да е во согласност со разумот“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема