Македонија во грч го чествува роденденот на Гоце Делчев
4 февруари 2023Со силно полициско обезбедување и апели за мирно и достоинствено чествување, денеска (4.02) во Скопје ќе биде одбележана 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Изминативе денови поминаа во тензија и неизвесност по најавите за непосакувани сценарија на денот на прославата, можни инциденти и провокации. Настанот од висок ризик го крена на нозе државниот врв, кој го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за да се избегнат „црни“ сценарија. Полицијата со денови „стражари“ во близина на црквата Свети Спас, каде е ограничено движењето на граѓаните. Зајакнати безбедносни мерки и проверки ќе има и кај црквата Свети Спас, но и на граничниот премин со Бугарија, по најавите дека организирана група од соседството ќе дојде да се поклони на гробот на великанот.
Стоп за провокаторите
Дали на некои од нив ќе им биде попречен влезот во земјата засега е неизвесно.
„Сите оние коишто не се добронамерни, коишто провоцираат и ги негираат македонскиот народ и држава, а со тоа ги нарушуваат чувствата на Македонците, нема да можат да влезат во државата. Секој оној, пак, кој сака да присуствува на чествувањето и е добронамерен, ќе може да дојде и да се поклони на гробот на великанот на македонската национална борба, со претходна најава“, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Според пораките коишто ги упатија надлежните деновиве, сѐ повеќе станува јасно дека надлежните ќе постапуваат согласно Законот за странци, кој им дава одврзани раце да спречат влез на секој странски државјанин за кој МВР има информации дека би можел да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата.
Засилените безбедносни мерки се преземаат откако претседателот Стево Пендаровски на Советот за безбедност предложи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата во Северна Македонија. На листата на непожелни личности на кои би им бил забранет влезот во земјата би можеле да се најдат и други бугарски државјани, за кои постојат сомневања дека се поврзани со руската разузнавачка служба.
Бугарското МВР во петокот соопшти дека на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев ќе присуствуваат првиот човек на министерството и вицепремиер Иван Демерџиев, како и неговиот заменик, Венцислав Катинов.
На социјалните мрежи има поединечни најави на групи и здруженија коишто повикуваат на присуство на гробот на Гоце Делчев. Бугарската непрофитна организација фондација „Македонија“ објави дека над 40 Бугари од Скопје и од земјава дека ќе присуствуваат на чествувањето на 4 февруари во црквата „Св. Спас“.
„Апелирам сите да бидеме обединети и горди и заедно да покажеме достојна почит кон великанот Гоце Делчев. До патриотските здруженија и поединци апелирам да се воздржат од провокации. Мнозинството сака мирно чествување на овој настан. Нема да дозволиме инциденти“, вели премиерот Ковачевски.
Апели за воздржаност
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати апел за смиреност до граѓаните, порачувајќи им да не подлегнуваат на евентуални провокации од кои било политички субјекти. „Како министер за внатрешни работи нема да дозволам понижување на македонскиот народ! Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано. Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат“, порача Спасовски во објавата на Фејсбук.
Тој ги повика на одговорно однесување и политичарите и политичките субјекти од земјата, зашто неодговорноста нема да им направи добро ниту на граѓаните ниту на државата. „Мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас“, додава министерот.
Нема место за национализам и говор на омраза
Сличен повик упати и министерот за надворешни работи Бујар Османи. „На 4 февруари, кога се поклонуваме пред гробот на Гоце Делчев, се поклонуваме пред неговото визионерство за културен натпревар меѓу народите. Повикувам на достоинствено, мирно чествување на денот кога оддаваме почит на неговиот идеал за напредни општества, и за градење цивилизациски вредности“, порача тој.
Шефот на македонската дипломатија е дециден дека секој граѓанин на Република Бугарија, и на која било друга држава, е добредојден во Северна Македонија, нагласувајќи дека секој мора да се однесува со почит кон државата и кон македонскиот народ. „Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности“, вели Османи.
И Клубот за бугарско-македонско пријателство повика на мирно одбележување на годишнината. Тие бараат владите на Бугарија и Северна Македонија веднаш да го спроведат механизмот за намалување на тензиите и идентификување на манифестациите на омраза, усвоен минатата година меѓу двете министерства за надворешни работи.