Владата бара да се урива, Пецаков бара урбанистички планови
28 септември 2023Владата е решена да се спроведат препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион и повторно притиска за уривање на дивоградбите и заштита на езерото. Од локалната самоуправа, пак, порачуваат дека се додека не се донесат неопходните урбанистички планови, уривање на објекти не може да има. А, токму дивоградбите и задирањето во старото градско јадро се главните забелешки коишто се провлекуваат во сите препораки на УНЕСКО. Иако изминативе години честопати се покренуваше прашањето за решавање на урбанистичкиот хаос во градот и на крајбрежјето, пробемот не само што не се решава, туку невладините организации постојано укажуваат на нови бетонски платформи коишто се појавуваат преку ноќ.
Задачи и обврски
Владата во вторникот (26.09) им даде итни задолженија на неколку министерства, општини и институции за преземање мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Мерките се на препорака на Министерството за култура, коешто неодамна во Ријад можеше да слушне што конкретно се бара од земјата да исполни во наредниот период за да го задржи значајниот статус на заштитено подрачје.
Кои се препораките кои ги доби земјата?
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да донесе одлука со која ќе го задолжи Хидробиолошкиот завод – Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови на загрозени приоритетни видови риби, безрбетници и алги во Охридското Езеро.
Министерството за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид треба да формира работна група за изработка на анализа на пловила во Охридското Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридското Езеро.
Задолженија доби и за Министерството за култура, кое во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство треба да изработи нацрт-верзија на предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Да се заштити старото градско јадро
Управата за заштита на културно наследство треба да достави насоки до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги ограничи можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.
Министерството за транспорт и врски, како и општините Охрид, Струга и Дебрца, имаат задолженија во прецизирани рокови, да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за кои се издадени правосилни решенија и се обезбедени средства за нивно отстранување.
„Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува и на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма“, информираат од Владата.
Според податоците на Фронт 21/42, добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, само во општина Охрид има над 19.900 дивоградби, од тоа над 2.000 се во рамки на Националниот парк Галичица, 420 згради за домување се дивоградби, 37 кампови, над 20 индивидуални хотели и 13 хотелски комплекси.
Без планови нема уривање
Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков за ДВ вели дека се додека не се донесат урбанистичките планови таму каде што ги нема, и не заврши процесот на легализација отпочнат според законите во земјата, не може да се одлучи колку и кога ќе се урива.
„Дури тогаш ќе може да се постапи и отстрани сето она коешто нарушува одредено заштитено подрачје или крајбрежна зона или национален парк“, вели Пецаков.
Но, целата постапка се врти во круг оти Министерството за транспорт од општините со години бара да достават комплетна листа на дивоградби, а тие пак од државата бараат урбанистички планови за да може да се види кои од спорните објекти ќе може да се вклопат во нив, а кои ќе треба да се уриваат.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска деновиве порача дека препораките за заштита на Охридскиот регион не се лесни и нивното реализирање бара целосно внимание.
„За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа, и установите и граѓаните. Од нашата соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот. Обврските се точно адресирани“, потенцираше министерката на прес-конференција по враќањето од Ријад, каде што на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион го задржа статусот на светско наследство.
Но, невладините организации сметаат дека не се преземаат доволно мерки за заштита на Охридскиот Регион. Тие бараат и каналот Студенчишта веднаш да биде ставен под привремена заштита до моментот кога ќе биде приклучен или во Споменикот на природата - Охридското Езеро или во Паркот на природата - Студенчишко Блато, но и поригорозно да се контролира што се гради и колку се почитуваат издадените мислења и дозволи.
„Пополека се губи дел од охридската историја, од архитектонското наследство. Често и самите институции даваат дозволи за 'реконструкција' или изградба на нов објект на некоја локација со поголем обем од оригиналниот. Тоа е можеби најпоразителниот момент“, реагираат охридските еколошки здруженија.