Пецаков: Конфискација, но и уривање на објекти во Охрид
8 април 2023Предлогот за конфискација за дивоградби, место нивно уривање со внимание се следи во Охридскиот регион, кој е под лупа на УНЕСКО и има обврска што поскоро да го реши овој горлив проблем. Додека за градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, ваквата идеја е прифатлива за одредени делови на градот, но не и за крајбрежјето, првиот човек на Струга, Рамиз Мерко смета дека конфискацијата нема да ги реши наталожените проблеми во регионот.
„Предлогот за конфискација ми асоцира на конфискацијата на автомобили - институциите им ги одземаат на сопствениците, па потоа ги продаваат. Така и ова - треба да им се одземат домовите и објектите на некои што ги граделе за државата да ќари и да ги продаде“, вели Мерко за ДВ. Според него, подобро е да се казнат оние што граделе на диво, отколку да им се земе и да се стави на „лицитација“ нивниот имот.
Идејата ја иницираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој откако минатата недела ги презентираше своите замисли пред Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), побара поддршка и од ресорните министри за транспорт и врски и за правда Благој Бочварски и Кренар Лога. Министерот за правда се изјасни дека ја поддржува иницијативата на Општина Центар за изнаоѓање законско решение со кое би се конфискувале дивоградбите.
Целта на иницијативата е да се овозможи конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. За тоа е потребно да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка. Ако оваа иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани.
Конфискација, но и уривање
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков за ДВ вели дека ситуацијата покрај Охридското крајбрежје е поинаква, поради што е потребен и поразличен пристап. Дали ќе се конфискува или ќе се урива зависи од појасот каде што се наоѓаат спорните објекти.
„Кај нас има појас на кој сепак ќе мора да има уривање на објекти. Во останатиот дел на градот немам ништо против да се конфискуваат објекти место да се уриваат“, вели првиот човек на Охрид.
Проблемот со дивоградбите е едно од посериозните прашања коишто можат да го загрозат статусот во УНЕСКО. За конечно решавање на проблемот со дивото градење веројатно ќе бидат потребни повеќе години и повеќе средства, ако се има предвид дека повеќето процеси тапкаат во место. Покрај тоа што имаат недостиг на средства, општините не ја исполнуваат и обврската да направат детален инвентар на дивоградби. Ова е една од препораките, со кои се бара и да се отстранат сите нелегални градби, особено оние во рамки на Националниот парк Галичица.
Мисијата на УНЕСКО во 2020 година препорача да се комплетира и уривањето на терасите на брегот на Охридското Езеро, да се забрза уривањето на дивоградбите и се изработи Акциски план. Рокот од три години за исполнување на обврските истекува на крајот на 2023 година.
Колку дивоградби има?
Според ревизорскиот извештај од 2021, заклучно со септември 2020 година, Општина Охрид имала 11.585 предмети за оценување на правниот статус на бесправно изградени објекти, додека Општина Струга имала 2.775 отворени постапки.
Од Фронт 21/42, врз основа на податоците добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, за ДВ посочија дека состојбата со дивоградбите е алармантна. „Ако се погледнат податоците за дивоградби изградени до март 2011 година, за кои се поднесени барања за легализација до јуни 2020 година, само во општина Охрид има над 19.900 дивоградби, од тоа над 2.000 се во рамки на Националниот парк Галичица, 420 згради за домување се дивоградби, 37 кампови, над 20 индивидуални хотели и 13 хотелски комплекси“, изјави неодамна за ДВ Искра Стојковска.
Во рамки на Националниот парк Галичица има над 70 дивоградби кои се целосно на државно земјиште, а над 40 се делумно на државно земјиште. УНЕСКО во препораките од 2017 година побара не само отстранување на дивоградбите, туку и примена на законите со цел да се сузбие бесправното градење.
Според Мерко, решението не е во тоа постојано да се насочува притисокот само кон општините.
„Сите може имаме вина за ваквата ситуација со дивоградбите, но централната власт е највиновна. Се одолговлекува донесувањето на урбанистичките планови, а луѓето мора да градат, да создаваат услови за живот. Сите губиме со тоа што не се донесуваат плановите - и државата и граѓаните“, дециден е струшкиот градоначалник.
Охридскиот регион поради својата универзална вредност на природното и културното наследство во 1980 година е ставен на листата на УНЕСКО, а државата презеде обврска да се грижи и да го заштитува. Но, дивоградбите и урбанизацијата се едни од најголемите закани за вредностите на Светското природно и културно наследство.