1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаЕвропа

Палење на Куранот во Шведска: До каде е границата?

Силја Томс
21 јули 2023

Салван Момика, Ирачанец, во Шведска запали примерок на Куранот на улица, и со тоа предизвика протести во многу исламски земји. Ваквите провокации постојано предизвикуваат дебати за границите на слободата на изразување.

https://p.dw.com/p/4UD86
Палењето на Куранот во Шведска во јуни 2023 година предизвика протести во многу исламски земји
Палењето на Куранот во Шведска во јуни 2023 година предизвика протести во многу исламски земјиФотографија: Stefan Jerrevång/TT NEWS AGENCY/picture alliance

Слободното изразување на мислењето и слободата на медиумите се цврсто вградени во Повелбата за основните човекови права на Европската унија. Во демократските општества е важно несаканите мислења, ако не се одобруваат, барем да се толерираат. Но, секогаш одново се дискутира и за границите на ова основно право. Во Германија, на пример, навредите, говорот на омраза и негирањето на Холокаустот не се опфатени со слободата на изразување. А што е со богохулството, односно бласфемијата и провокациите против верските заедници во Европа?

Палење на Куранот во Шведска

Салван Момика, Ирачанец, имигрант во Шведска запали примерок на Куранот на улица, и со тоа предизвика протести во многу исламски земји. Куранот со месеци во повеќе наврати беше запален во Стокхолм. Впрочем, полицијата забрани вакви акции во февруари годинава. Сепак, судот ја укина забраната наметната за палење на муслиманската света книга кратко време подоцна. Судијката Ева-Лота Хедин ја образложи својата одлука велејќи дека забраната е неуставна. Правата на слобода на собирање и на демонстрации се уставно заштитени права во Шведска.

Истата аргументација ја употреби и полицијата кога одобри контрапротест, на кој требаше да се запалат светите книги на Евреите и на христијаните, Тората и Библијата. Портпаролката на полицијата Карина Скагерлинг во интервју за новинската агенција АФП објасни дека одобрението не се однесува на барањето Библијата и Тората да бидат јавно запалени, туку на барањето за одржување на собир на кој се изразува „мислење“. Ова е „важна разлика“.

Како реакција на најавата дека Куранот ќе биде запален во Стокхолм, демонстранти упаднаа во шведската амбасада во Багдад
Како реакција на најавата дека Куранот ќе биде запален во Стокхолм, демонстранти упаднаа во шведската амбасада во БагдадФотографија: AHMED SAAD/REUTERS

Полицијата ја одобри и најновата акција на Салван Момика, во која тој објави дека има намера да го запали Куранот. Но, таа нагласи дека дава дозвола за јавни собири, а не за содржината на овие собири. Всушност, по една од неговите минати акции, полицијата потоа отвори случај за „провоцирање на етничка група“ затоа што протестот се одржа многу блиску до џамија. Момика продолжува да ја оправдува својата постапка со слободата на изразување.

Полугола на олтарот на катедралата во Келн

И во Германија слободата на изразување на мислењето е загарантирана со Уставот. Членот 5 на германскиот Устав вели дека секој има право „слободно да го изразува своето мислење со говор, писмо и слики“. Па, сепак, има граници. Германија е една од ретките европски земји што ги штити верските заедници со таканаречени параграфи за богохулство. Затворска казна до три години може да се изрече за оние кои употребуваат навреда „која може да го наруши јавниот мир“. Со ова во Германија богохулењето треба да биде казниво дело. Сепак, членот 166 од Кривичниот законик во Германија се применува многу ретко.

Во 2006 година, на пример, пензионер беше осуден на условна затворска казна откако делеше ролни тоалетна хартија со натпис „Куран“. И во 2013 година, една активистка беше казнета затоа што ги напиша зборовите „Јас сум Бог“ на нејзиното голо торзо и скокна на олтарот на катедралата во Келн. Сепак, таа беше обвинета само за нарушување на практикувањето на религијата, а не за богохулење. Така, навредата на пророкот обично не е случај за судовите и богохулењето во Германија се казнува законски само ако последиците се сериозни.

Активистка на групата Фемен на протест на 25 декември 2013 година во катедралата во Келн
Активистка на групата Фемен на протест на 25 декември 2013 година во катедралата во КелнФотографија: Elke Lehrenkrauss/dpa/picture alliance

Француско сатирично списание „Шарли Ебдо“

Во 2015 година двајца исламисти го нападнаа францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“. Причина за нападот беа карикатури објавени во списанието кои требаше да го прикажуваат пророкот Мухамед и кои предизвикаа гнев кај муслиманите ширум светот. Само неколку дена по нападот на редакцијата на списанието, во кој загинаа 12 лица, тогашниот премиер Мануел Валс се појави пред француското Национално собрание и изјави дека бласфемијата не била и никогаш нема да биде дел од француското право.

И францускиот претседател Емануел Макрон исто така го бранеше правото на богохулство во земјата. Во Франција, слободата на изразување на мислењето значи и можност да се напише или да се каже она што другите го сметаат за бласфемија. Богохулењето не е кривично дело во Франција од 1881 година. Земјата строго ги раздвојува црквата и државата речиси 120 години. Овој секуларизам се сметаше за историски обид да се ограничи влијанието на Црквата во земјата. Принципот и денес ужива високо прифаќање меѓу француското население. 

Останаа сеќавањата на жртвите од „Шарли Ебдо“

Карикатурите на Мухамед во Данска

„Што е дозволено со сатирата?“ се запрашаа Данците во 2005 година, кога серија карикатури за Исламот во данскиот весник „Јиландс Постен“ предизвикаа протести во арапскиот свет, од кои некои беа насилни. И во други земји, исто така, инцидентот предизвика дискусија за слободата на уметноста и слободата на изразување. Данскиот премиер тогаш се огради од објавувањето на карикатурите, но се осврна и на правото на слободата на печатот и на слободата на изразување на мислењето, кои имаат висока вредност во Данска.

До 2017 година, Данска имаше де факто закон против богохулство. Слично како во Германија денес, данските власти кривично гонеа само неколку случаи. Меѓу останатите, двајца радио продуценти беа обвинети во 1970-тите години кога емитуваа песна која го исмева христијанството.

Данско-иранската уметница Фирозех Базрафкан беше обвинета во 2014 година, кога под насловот „Богохулење“ изложи исечени остатоци од Куранот. Тогаш, таа рече: „Сакам и натаму да ги потсетувам луѓето дека е во ред да имате различно мислење“. Во двата случаи обвинетите беа ослободени. Во 2017 година, законот против бласфемија конечно беше укинат.

Полска: Богородица со виножито

Полска важи за изразито католичка земја, каде црквата сè уште има големо влијание врз јавниот живот. Иако полскиот устав ја гарантира слободата на изразување, во последните години особено уметниците постојано се соочуваат со обвинувања за богохулство.

Протестна акција во Плоцк, Полска, по повод судењето на три жени за делењето на на слики на „Богородица со виножито“
Протестна акција во Плоцк, Полска, по повод судењето на три жени за делењето на на слики на „Богородица со виножито“Фотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

Пред околу две години, ореолот на Богородица обоен во боите на ЛГБТ-движењето предизвика бурни реакции. До јавното обвинителство е поднесена кривична пријава против трите млади жени кои ја дистрибуирале сликата. Обвинението: ги повредиле чувствата на верниците со ликот на Богородица во боите на виножитото. Ова во Полска се смета за кривично дело и може да се казни до две години затвор. На крајот, трите жени беа ослободени. Според судот, акцијата била „провокативна“, но не и навредлива. 

Додека земјите како Полска и Германија имаат членови против богохулство во своите кривични закони, многу европски земји веќе ги укинаа. Норвешка и Холандија, како и Шведска, неодамна избришаа слични членови од нивните закони. Во Германија постојано се повикува на укинување на овој параграф.