Оскар Мартинез: „Не се може без новинарство“
3 мај 2023Новинар кој во Централна Америка пишува за теми како трговија со дрога, корупција и организиран криминал е постојано изложен на закани, вели Оскар Мартинез во интервју за ДВ. „Вознемирувањата се движат од клевети од страна на владини функционери и бизнисмени, со цел да се стават новинари зад решетки, до шпионирање, закани со насилство, па дури и обиди за атентат.“
Оскар Мартинез е еден од најреномираните истражувачки новинари во Латинска Америка. Неговите репортажи често привлекуваат големо внимание во јавноста. Роден е во 1983 година во Ел Салвадор, а моментално е главен уредник на салвадорскиот онлајн магазин „Ел Фаро“ („Светилник“).
Порталот е основан во 1998 година како таканаречен „проект без буџет“, односно без никакви финансиски средства. Во меѓувреме, „Ел Фаро“ стана еден од водечките истражувачки медиуми во Латинска Америка, симбол на независното и, пред сè, храбро новинарство во регион кој е познат како еден од најопасните во светот.
Критичкото новинарство не е добредојдено
Состојбата на новинарите и во Ел Салвадор е драстично влошена. Откако ја презеде функцијата во 2019 година, претседателот на земјата, Најиб Букеле, постојано ги напаѓа и им се заканува на новинарите кои ја критикуваат владата. Блокира голем број од нив на социјалните мрежи и се обидува да ги дискредитира новинарите како непријатели на народот.
Од март 2022 година, Ел Салвадор е во вонредна состојба прогласена од владата. Укинати се слободите загарантирани со Уставот, како што се слободното изразување на мислење, тајноста на поштенските пратки (вклучувајќи ја и дигиталната комуникација) и слободата на собирање.
Важноста на новинарството во Латинска Америка
Сето тоа не го исплаши Оскар Мартинез. „Новинарството мора да продолжи да ги осветлува најмрачните ќошиња на моќта, оние што моќниците би сакале да ги остават во темнина. Мислам дека новинарството и натаму треба да ги кажува оние приказни кои моќниците ги премолчуваат. Но, мислам и дека новинарството во сегашната ситуација е исправено пред еден голем предизвик - а тоа е неговиот сопствен опстанок. Мора да бидеме внимателни, мора да се браниме од напади, мора да им се спротивставиме, бидејќи токму сега во Латинска Америка не се може без новинарство“, нагласува Мартинез.
Серхио Арауз, заменик-главен уредник на порталот „Ел Фаро“, се присетува на почетокот на кариерата на Оскар Мартинез: „Во 2008 година, Оскар сакаше да напише извештај за миграцијата. Тој ја сфати својата задача многу сериозно. Тоа беше еден од првите поголеми новинарски проекти на нашиот портал. Неговата основна идеја беше да биде на лице место, за да може да ја раскаже приказната за патувањето. И тоа со доволно време, да може да го погледне проблемот од друга перспектива за да може да стане вистински експерт во таа област“, вели Серхио Арауз за ДВ.
Книги за миграцијата и насилството
„Резултатот на тој проект беше книга со сите репортажи што ги напиша во текот на година и половина, додека ги следеше настаните на мигрантските рути, каде што разговараше со тие луѓе“, додаде Арауз. После тоа, Мартинез напиша неколку книги на тема миграција и организиран криминал во Централна Америка. Неговата книга „Историја на насилството: Живеење и умирање во Латинска Америка“ беше објавена на германски јазик во 2016 година.
„Мислам дека Оскар веќе е референца во новинарството на шпански јазик, не само поради неговите книги, туку и поради неговата секојдневна работа за 'Ел Фаро'. Ако ја прочитате неговата последна книга, ќе разберете за што зборувам. Се работи за многу важна расправа за новинарството и за сите оние кои сакаат да го разберат новинарството како професија“, забележува Арауз.
Ангелика Каркамо, претседателка на Здружението на новинари на Ел Салвадор (АПЕС), ја нагласува важноста на наградата ДВ за новинарството во Латинска Америка. „Фактот што наградата за слобода на говорот на Дојче веле оди во Ел Салвадор е признание за храброста и работата на бројни новинари во земјата, луѓе кои секојдневно чувствуваат негативни последици во својот живот. Ова е и признание за медиумите како 'Ел Фаро', кои се посветија на известување за корупцијата и изопаченоста на политичките моќници, кои стануваат сѐ понетранспарентни и кои по секоја цена се обидуваат да го ограничат правото на пристап на граѓаните до соодветни информации. Наградата е и апел до салвадорската држава, која не сака да ја препознае важноста на слободното и независно новинарство како инструмент за контрола и наместо тоа го криминализира, а со тоа само дополнително ја зајакнува корупцијата во земјата. Важно е оваа награда да се додели во тој контекст и да не се чека некој новинар да биде уапсен или убиен, за да се препознае неговата работа за граѓаните“.
Наградата за слобода на говор на ДВ за 2023 година свечено ќе му биде врачена на Оскар Мартинез на 19 јуни во Бон, како дел од Глобалниот медиумски форум организиран од Дојче веле.