1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за храброто новинарство во Европа

Ненад Крајцер
22 јуни 2021

Новинарите Уна Хајдари и Драган Бурсаќ се првите добитници на новинарската награда за солидарност на Здружението за Југоисточна Европа.

https://p.dw.com/p/3vNcF
Berlin Termin im Bundestag von der Preisverleihung des Journalistenpreises der Südosteuropa Gesellschaft.
Фотографија: Nenad Kreizer/DW

Новинарите Уна Хајдари и Драган Бурсаќ се првите добитници на новинарската награда за солидарност на Здружението за Југоисточна Европа“. На новинарите им е потребна поддршка повеќе од кога било, беше истакнато на доделувањето на наградите во Бундестагот.

Германското Здружение за Југоисточна Европа (СОГ) ја доделува Новинарската награда за новинарство на германски јазик од 1992 година. Од оваа година се доделува и Наградата за солидарност за медиумски работници од Југоисточна Европа. Според СОГ, таа е наменета за новинарите од Југоисточна Европа кои „честопати се изложуваат на голема опасност поради нивното критичко известување“.

Со неа ќе се „наградуваат новинарите за нивните извонредни достигнувања и придонес кон владеењето на правото, демократијата и слободата на медиумите“, се вели во образложението. Здружението за Југоисточна Европа, како што е наведено понатаму, сака да покаже дека ги поддржува оние коишто се залагаат за „нашите европски вредности“, како што се слободата на медиумите и мислењето.

До крајот на март годинава можеа да бидат доставени предлози преку веб-страницата на СОГ за нововостановената награда, за која се вели дека е финансирана од донации.

Ангажман и покрај опасностите

Пред неколку дена беа објавени имињата на првите добитници на наградата: Уна Хајдари и Драган Бурсаќ.

Berlin Termin im Bundestag von der Preisverleihung des Journalistenpreises der Südosteuropa Gesellschaft.
Наградата е наменета за новинарите од Југоисточна Европа кои „честопати се изложуваат на голема опасност поради нивното критичко известување“.Фотографија: Nenad Kreizer/DW

Уна Хајдари честопати се соочува со непријателски реакции и закани со своето пишување на теми како што се национализмот, активностите на десничарските движења и соочувањето со минатото. Во образложението на наградата се посочува и дека Хајдари, кој пишува за многу странски медиуми, вклучувајќи ги Њујорк тајмс и Форин полиси, пишува и на албански и на српски јазик, „што е реткост на Косово“.

Во своето обраќање пред присутните на доделувањето на наградите во германскиот Бундестаг овој понеделник (21 јуни), пратеникот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и потпретседател на СОГ, Петер Бајер, им се заблагодари на наградените новинари поради ангажманот во медиумскиот простор во Југоисточна Европа по цена на доведување во опасност и на себе и на своите семејства.

„Можам само да замислам низ какви лични маки поминува Хајдари поради нејзиниот ангажман“, рече Бајер, посочувајќи на честите напади на медиумите во Србија врз таа новинарка.

„Да се живее чесно во мрачни времиња“

Вториот добитник на наградата, новинарот од Бања Лука, Драган Бурсаќ, се занимава со чувствителни теми, како што се воени злосторства, и „покрај фактот што постојано беше мета на напади и закани“, тој сè уште живее и работи во Бања Лука.

„Неговата работа е морален водич за идните генерации кои веруваат дека минатото не смее да се повтори. Тој покажа како чесно да се живее во мрачни времиња “, изјави пратеникот на Социјалдемократскиот (СПД) и исто така потпретседател на СОГ, Јосип Јуратовиќ.

Бурсаќ рече дека верува дека наградата е важна, затоа што им дава поддршка на новинарите во регионот да продолжат со својата работа и да се држат до новинарските, а не на политичките мотивации.

„Ти не си сам"

Претседателот на СОГ, политичарот на Партијата на зелените, Мануел Сарачин, на почетокот на церемонијата објасни дека целта на воспоставувањето на наградата е подобро да се заштитат новинарите во регионот, кои, како што рече, се под зголемен притисок. „Ние сакаме да ви испратиме сигнал дека не сте сами“, рече Сарачин.

Тој исто така прочита порака од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој им честиташе на наградените. „Во време на дезинформација и популизам, новинарите се важни за слободата на медиумите. И со тоа тие се изложени на ризик “, порача германскиот претседател и заклучи дека оваа награда е „важен сигнал за почитувањето на работата на новинарите во регионот“.

Во дискусијата по доделувањето на наградите, споредувајќи различни притисоци врз медиумите низ цела Југоисточна Европа, добитниците на наградата заклучија дека закани постојат и во Словенија, но притисоците се различни: „Тука повеќе станува збор за притисок при истражувања на полето на економскиот криминал, додека во останатите делови на регионот, поголеми закани  доаѓаат од регионот кога се задира во националистички прашања“, вели Бурсаќ.

Уна Хајдари зборуваше за тоа колку е тешко да се убедат уредниците да објавуваат чувствителни приказни, особено од политичкиот спектар.

Новинарска награда - предмет на контроверзии

Самата новинарска награда на Здружението за Југоисточна Европа има бурно минато. До 2013 година се викаше „Новинарска награда Рудолф Фогел“, според поранешен новинар, политичар на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и претседател на СОГ од 1960 до 1965 година. Во 2013 година, добитник на наградата за таа година, дописникот на „Ноје цирхер цајтунг“ од Белград, Андреас Ернст одби да ја прифати наградата, именувана по „лицето кое им помогна на СС-овците да побегнат“ по војната. Ернст Фогел е обвинет за ширење на национал-социјалистичка пропаганда како новинар.

 Montenegro Olivera Lakić, angeschossene Journalistin | Protest in Podgorica
Во време на дезинформација и популизам, новинарите се важни за слободата на медиумите. И со тоа тие се изложени на ризик.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Bozovic

Подоцнежните истражување, меѓу кои и на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, не најдоа докази дека Фогел навистина помагал при бегството, но како воен репортер за време на нацистичкиот режим ширел пропаганда за поттикнување на војната.

Само Здружение за Југоисточна Европа се дистанцираше од биографиите на некои од нејзините истакнати членови по војната, пред се од основачот Фриц Ваљавец, а од 2012 година до денес, систематски работи на расветлување на потемните страни на сопственото минато . Од крајот на 50-тите години на минатиот век, СОГ главно беше предводено од политичари од Социјалдемократската партија на Германија, а од почетокот на минатата година функцијата претседател ја презеде политичарот на Зелените, Мануел Сарачин.