1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ДВ - наградата за слобода на говор за репортери од Мариупол

Константин Гончарев
2 мај 2022

Новинарите Евгениј Малолетка и Мистислав Чернов под закана за нивниот живот известуваа за опсадата на Мариупол. На двајцата Украинци за тоа им се доделува наградата на ДВ за слобода на говорот.

https://p.dw.com/p/4Ail1
Freedom of Speech Award 2022, Bildauswahl
Фотографија: Mstyslav Chernov/AP Photo/picture alliance

Наградата за слобода на говорот 2022 на Дојче веле ја добија фоторепортерот Евгениј Малолетка и видеорепортерот Мистислав Чернов од Асошиетед прес. Заедно ги документираа опсадата и уништувањето на пристанишниот град  Мариупол  на југоистокот на Украина, работата на докторите и на гробарите, како и страдањето на безбројните жртви.

Светот го обиколија нивните слики и снимки од уништената гинеколошка болница. Во разговор со ДВ, Евгениј Малолетка раскажува како тој и Чернов работеле и преживеале во  Мариупол

Почеток на борбите

Кога Русија ја призна независноста на т.н. „Народни републики Доњецк и Луганск”, на обајцата им било јасно дека ќе има војна, само не знаеле кога, вели Малолетка. „Свесни бевме дека ќе се обидат преку Мариупол да направат коридор до анектираниот Крим”, раскажува тој и додава дека два дена подоцна кога војната почна, тие веќе биле во градот на Азовско Mоре. 

Мариупол е меѓу првите украински градови кон кои цели Русија. „Снимавме како проектили завршуваа во станбени згради”, вели Малолетка. Најпрво погоден бил источниот дел од градот, а надвор од него имало релативно мирни подрачја каде човек нормално можел да се движи и да работи, сведочи фотографот.

Одбраната на Мариупол

Во следните денови сѐ поголем број украински војници се распоредуваат во Мариупол. „Целата војска дојде во градот бидејќи веќе не беше можно да се држат позициите на военото поле", вели Малолетка. Потоа пукањето станало посилно, и во центарот на Мариупол. Воздушни напади, руски саботажи дополнително ја влошиле безбедносната состојба во градот.

Во Мариупол движењето веќе се одвивало отежнато. Сѐ помалку луѓе и возила имало на улиците и телефонските линии малку по малку замирале, а последен пат функционирале на 10 март, вели Малолетка. „Луѓето ги фати паника и нѐ прашуваа што се случува. Се обидуваа да добијат било какви информации и бараа хуманитарни коридори," се потсетува Малолетка. 

Freedom of Speech Award 2022, Mstyslav Chernov, Videojournalist, Ukraine
Новинарот Мистислав Чернов =известуваше за случувањата во МариуполФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

Закопи во дворови

Двајцата репортери ги придружувале и гробарите при нивната работа, кога ги подигнувале лешевите од болница. До многу гробишта не можат да се пробијат, па почнуваат мртвите да ги закопуваат по дворови. Кога бројот на жртви почнува сѐ повеќе да расте, почнуваат да копаат масовни гробници. „Се копаше дупка долга околу 30 метри и длабока околу три метри. Во неа ги положуваа лешевите од болниците.”

Мариупол не се предава

Мистислав Чернов и Евгениј Малолетка се сведоци и како девојчиња и момчиња станале жртви на војната. „Сите деца што беа донесени во болница и ние ги фотографиравме починаа. 15-годишни, но и тримесечни бебиња починаа како последица на прострели. Тешко е да ја заборавиш смртта на деца."

Уништување на градот

Во Мариупол речиси цела инфраструктура беше уништена малку по малку. Покрај болниците, раскажува Малолетка, уништена била и постројка на противпожарните единици сосѐ сите возила. „Ја уништија пожарната бригада веројатно за да спречат гаснење на пожари во градот и спасување на луѓе од урнатините и за да сеат страв во населението", смета фоторепортерот. 

Потоа руските сили навлегле во градот. „Тие влегуваа со тенкови и уништуваа сѐ што ќе им се испречи на патот, потоа продолжуваа понатаму и така кварт по кварт. Тоа е средновековна тактика - ако не можеш да окупираш град, подобро уништи го цел."

Бомбардирањето на гинеколошката клиника

Кога на 9 март бомба погодува  болница со родилиште,  двајцата новинари се во близина. „Чувме авион и потоа имаше неколку експлозии. Имаше силен притисок и прозорците во околните згради се распрскаа. Видовме дека таму сѐ беше во урнатини. Луѓето во шок бегаа од подрумите. Видовме како симнуваат трудници, тоа беа многу потресни слики", раскажува Малолетка.

Евгениј Малолетка не верува дека во болницата имало воени пунктови или опрема како што тврди руската страна. Само дел од болницата служел како амбуланта. 

Опасност од руски војници 

Двајцата новинари заминуваат во многу оштетената болница за да разговараат со жени родилки кога одеднаш се појавуваат руски тенкови. „Се криевме речиси цел еден ден во болницата. Носевме бели мантили и глумевме доктори и снимавме како руските тенкови возат низ градот." 

Утрото на 12 март на украинска специјална единица ѝ успева двајцата новинари да ги одведе на безбедно место. „Немавме возило и само многу ограничено можевме да се движиме низ градот. Полицајците ни помогнаа и подоцна со пристап до интернет преку сателит. Така можевме да ги префрлиме податоците."

На крајот ги советувале да се одвезат на безбедно. „Ни рекоа дека ако Русите нѐ фатат, ќе нѐ тераат пред камера да кажеме тоа што бараат од нас”, вели фоторепортерот. „Не сакам да откријам на своја кожа како Русите се однесуваат со заробениците."

Евакуација од Мариупол

На 15 март Малолетка и Мистислав Чернов го напуштаат градот. „Возевме многу бавно”, се потсетува Малолетка. „На делницата од  Мариупол до Запорожје во секое село имаше барем по еден чекпоинт. Поминавме вкупно 15 или 16 такви контролни пунктови. Се плашевме дека може да ни ги одземат телефоните, но тоа не се случи. Ноќта ја поминавме границата меѓу руските и украинските сили," раскажува тој. 

Убиени и повредени претставници на медиумите

Според податоци на украинското јавно обвинителство, од почетокот на војната се убиени 18 припадници на медиумите. Четворица мажи и четири жени се киднапирани, тројца новинари се водат за исчезнати. 13 други медиумски работници се повредени. Меѓу нив покрај Украинци се и 19-мина од други земји како Велика Британија, Чешка, САД, Данска, ОАЕ, Русија, Ирска, Швајцарија, Франција и Литванија. 

Наградата за слобода на говорот Дојче веле ја доделува секоја година, почнувајќи од 2015. Носители може да бидат лица или иницијативи кои одиграле важна улога во заштитата на човековите права или слободата на говорот во медиумите.