1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
4 септември 2024

По повеќе од три децении независност, општ е впечатокот дека квалитетот на политичките елити на Балканот со текот на времето и со секоја нова генерација политичари, континуирано се намалува. Пишува Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/4kG2L
Hausmaus
Фотографија: WILDLIFE/picture alliance

Мора да има нешто поразително во тоа што министрите во Србија- луѓе кои ја водат државата, целата кариера ја посветиле на сопствен развој, образование, и надоградба, секој со факултет, а најголемиот дел и со постдипломски студии, лидери чиј мандат е посветен на создавање глобални стратегии за развој и политики - презентираат попуст на салама „паризер“, нова цена на паштета и наполитанки.  Уште повеќе поразителен е фактот што тој театар станува главна тема на медиумите, и основен критериум дали државата се грижи за граѓаните. Таа ерозија на дискурсот, визијата и опфатот на нашите интереси и планови е вистинскиот пораз. Нашите амбиции - на сите земји на Балканот кои останаа надвор од ЕУ - полека се сведоа на леб и паштета.

Мантрата на популизмот

По повеќе од три децении независност, општ е впечатокот дека квалитетот на политичките елити на Балканот со текот на времето и со секоја нова генерација политичари, континуирано се намалува.  Можеби е тоа производ на фактот што поранешните генерации сепак се соочувале со некои посериозни предизвици—градење држави, создавање мир—но останува заклучокот дека во последно време, политиката станува парохијална, базична, без вистинска енергија за стратешки и големи потези, заглавена во дневниот политички пинг-понг циркус.  Ерозијата на оваа реторика и вкупен наратив не донесе до ситуација во која главни теми се кој што јадел во кафеана, кој каде ќе оди на одмор, со секако сериозно количество презир кон сите оние кои одат во странство, па особено на подалечни дестинации.

Знамињата на ЕУ и на земјите од Западен Балкан
Знамињата на ЕУ и на земјите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Тоа е познат и добро документиран феномен во политичката комуникација: кога ќе го отстраниш она што вреди, тоа што ќе остане, станува мејнстрим.  Така, кога од политичкиот дискурс ќе ги изоставиме прогресивните и развојни стратешки дебати (како за реформи, развој, дигитализација, екологија, ЕУ), тоа што ќе остане, по правило, е национализам, примитивизам и популизам.  Така, нашите политички елити, во недостаток на енергија и знаење за фаќање во костец со сериозните предизвици, произведуваат базични, атавистички наративи и театар. Последниот пример е само една инстанца – наместо да се грижат за развојот на економијата, со што сите граѓани би имале повеќе пари и би можеле да си приуштат повеќе, политиката „удри“ по маркетите, ограничувајќи им ги цените, чист популистички потег, кој всушност ја нарушува пазарната економија. Мантрата на популизмот, „со народот“, е движечка сила на овој ретрограден процес. Доктрината на популизмот, како величање на медиокритетот, е нужно врзана со фиктивни класни непријатели – во овој случај сите кои отскокнуваат од просекот – и тоа може понатаму да ескалира до неверојатни граници – на пример да бидат прогласени за снобови, елитисти, и непријатели на народот, сите оние кои премногу читаат книги.

Жабарник сведен на пресконференции за леб и паштета.

На партиско ниво, ова преминува во постојан пинг-понг на напади, обвинувања и критики, кои не се поврзани со суштински теми, немаат никаков однос кон граѓаните, ниту имаат за цел да го подобрат нивниот живот, егзистенција, или да го унапредат системот.  Нивна единствена цел е да се одземат гласови од противникот преку директен напад.  Но, таквиот доминантен дискурс произведува апатија кај гласачите, бидејќи ги сведува на синтагмата „сите се исти“.  На пример, анализите покажуваат дека поради доминација на негативна кампања, тврдите партиски гласачи се намалуваат, и се поголем дел од електоратот се суштински опортуни гласачи – немаат проблем да гласаат еднаш за една, еднаш за спротивната партија.  Така, СДСМ, на пример, изгуби околу 250 илјади гласачи, но тие во голем дел (со исклучок на мал контингент кај ЗНАМ и Левица), по сите анализи, заминале директно кај ВМРО ДПМНЕ.  Тоа значи дека гласачите (особено прогресивните) немаа никаква партиска лојалност, и немаат проблем да ја казнат партијата за која гласале доколку не ги исполни нивните очекувања.  Е сега, истите тие 200 илјади гласачи, му „дишат во врат“ и на ВМРО ДПМНЕ.  Затоа нема „меден месец“, затоа критиките во јавноста се вече присутни, а власта веќе после 60 дена вече нема комотна позиција и толеранција. 

Токму затоа, доколку овие гласачи упорно се разочаруваат од секој политичар на кого му ја дале довербата, ќе се случи спонтана ерозија на вкупната заинтересираност за политика, апатија на политичката мисла и амбиција.  Од тие причини, на Македонија и е потребна нова голема приказна – или реактивирање на некоја постојна приказна, за да се внесе нова енергија и желба за напредок, да се рестартира системот и да се најде нова визија за иднината.  Дали тоа ќе бидат домашни реформи, или може да биде ЕУ, рано е да се каже.  Во секој случај неопходна е нова инфузија на политичка енергија, за политиката воопшто да има мотивирачки дух и да побуди елементарна доверба кај граѓаните.  Во спротивно,  доколку политичките елити не произведат или прифатат дека е потребна нова енергија, како основен симбол и верба дека нешто подобро воопшто е можно – електоратот полека ќе заличува на огледало на наративите на партиите – жабарник сведен на пресконференции за леб и паштета.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.