1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крах за СДСМ, дали и Пирова победа за ДУИ?

9 мај 2024

Коалицијата предводена од СДСМ вчера го ожнеа најслабиот резултат од независноста на државата до денес. Паднаа и првите оставки.

https://p.dw.com/p/4ff4M
Северна Македонија избори
Иако Колицијата на СДСМ според бројот на гласови 153.250 (15,36%) е второпозиционирана зад Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 431.251 гласови (43,23%) и 58 пратенички мандати, социјалдемократите паднаа на трето место според бројот на освоени пратенички мандати - 18 (фото: гласачко место)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Двојна и голема победа за ВМРО-ДПМНЕ, пирова победа за ДУИ, историски крах на СДСМ. Вака накусо може да се опише епилогот од вчерашните двојни избори во Северна Македонија, по кои земјата за првпат доби претседателка на државата, а драматично се рекомпонира распоредот и влијанието на првата политичка тројка во земјата.

Коалицијата предводена од СДСМ вчера го ожнеа најслабиот резултат од независноста на државата до денес. Досега за нејзин најслаб резултат се сметаше оној од парламентарните избори на први јуни 2008 година, кога освои 233.284 гласови и доби 27 пратенички мандати. Вчерашниот резултат од 153.250 гласови е за 80.000 гласови послаб и од тој резултат. Но, за разлика од 2008 година, кога СДСМ доживеа дебакл од позиција на опозиција, вчерашниот крах го дочека по седумгодишна власт на СДСМ.

Иако Колицијата на СДСМ според бројот на гласови 153.250 (15,36%) е второпозиционирана зад Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 431.251 гласови (43,23%) и 58 пратенички мандати, социјалдемократите паднаа на трето место според бројот на освоени пратенички мандати - 18. Заради подобра концентрираност на гласовите по изборни единици, Европскиот фронт предводен од ДУИ доби 19 пратенички мандати, односно еден повеќе од СДСМ. Со тоа ДУИ и коалицијата станаа втора сила во Собранието, иако освоија 137.486 (13,78%) односно 15.000 гласови помалку од коалицијата на СДСМ.

За споредба, ако Колицијата на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година имала 36 пратенички мандати повеќе од Коалицијата на СДСМ (сооднос 63: 27) сега таа разлика изнесува 40 (58 мандати на ВМРО-ДПМНЕ наспроти 18 на СДСМ). По ваквиот резултат паднаа првите оставки на двајца партиски потпретседатели - Фатмир Битиќи и Перо Костадиновски, а не е исклучено дека ќе следат и други уште пред да се одржи отчетниот конгрес на СДСМ на кој ќе се утврдува одгoворноста за неуспехот. Битиќи посочи дека неговата оставка ќе биде целосно ефикасна кога и другите колеги што го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото, од прв до последен.

Северна Македонија избори резултати
Фотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

Иста ситуација, нов контекст

Споредбата со 2008 година не е поврзана само за лошиот резултат на СДСМ, туку и со очекувањата на ДУИ дека исто како и тогаш победникот во македонскиот блок ќе состави влада со победникот во албанскиот блок, со што беше поправена „грешката“ од 2006 година, кога „победникот ДУИ“ остана надвор од Владата.

Но, овој принцип беше прекршен од страна на ДУИ во 2017 година, па ВМРО-ДПМНЕ уште во текот на кампањата најави дека ќе разговара за состав на владата со опозициската Коалиција ВЛЕН, која вчера освои 13 пратенички мандати (6 помалку од Европскиот фронт на ДУИ). Партијата на Ахмети овојпат не може да се повикува на мнозинска волја на албанскиот електорат, бидејќи фронтот се потпре и на гласовите на партии од три други етнички заедници. Во исто време, ДУИ како да ги самоелиминираше шансите за разговор со победникот, откако нивен функционер вчера објави снимка како не гласа за избор на претседател, што беше доживеано како влијание за уривање на цензусот.

„Разликата на ДУИ по број на пратеници во однос на коалицијата ВЛЕН, изгледа подлабока од очекувањата“, вели аналитичарот Исен Салиу.

„Меѓутоа по број на освоени гласови разликата е во рамките на бројот на гласови кои опозицијата смета дека се неалбански гласови за ДУИ, односно гласови на малите заедници кои влегоа во коалиција со ДУИ, како Турците, Ромите и Бошњаците. Поради ова, ВЛЕН инсистира дека освоиле ист број гласови на Албанците со ДУИ, па тоа ќе го користи како доказ дека ДУИ не може да и го оспори легитимитетот да влезе во владата како коалиција која ги преставува Албанците. Имајќи ги предвид и силно искажаните ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски за коалицирање во новата влада со ВЛЕН, ова на крај може да испадне Пирова победа на ДУИ, па и со пет пратеници вишок да остане во опозиција“, вели Салиу.

Северна Македонија избори
По изборите земјата за првпат доби претседателка на државата, а драматично се рекомпонира распоредот и влијанието на првата политичка тројкаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со оглед дека беше постигнат цензусот и имаше успешни претседателски избори, тој смета дека може да се очекува брзо формирање на новата влада, но со неизвесност како ќе реагираат од Мала Речица.

„Сепак, останува непознаница како на сево ова ќе реагира ДУИ, бидејќи не верувам дека толку лесно ќе се повлечат од намерата да бидат втор коалициски партнер во владата. Сега повторно е на потег нејзиниот лидер Али Ахмети и неговата екипа, дали ќе најде начини да ја врати во своја корист постизборната ситуација како во 2006-2008 година, иако политичкиот контекст после 16 години е многу поразличен“, вели Салиу.

Левица и ЗНАМ со по 6 пратеници

Во новиот парламент со по 6 пратеници ќе влезат Левица и ЗНАМ, иако партијата на Апасиев доби речиси 12.000 гласови повеќе од партијата на Максим Димитриевски. Апасиев веќе најави дека прво барање на партијата ќе биде воведувањето на една изборна единица.

Левица доби 67.338 гласови (6,75%) и со 26.000 гласови повеќе го надмина резултатот што го постигна нивната кандидатка за претседателка, Билјана Ванковска, која освои 41.331 глас. Спротивна е ситуацијата кај ЗНАМ, која на парламентарните избори доби 55.539 гласови (5,57%) што е за 28.000 помалку од гласовите (83.855) што доби доби Максим Димитриевски како претседателски кандидат на ЗНАМ пред само две недели.

За разлика од парламентарните, претседателските избори ќе влезат во историјата по фактот што Северна Македонија за првпат доби претседателка на државата. Трендот од првиот круг остана ист и во вториот - Гордана Силјановска-Давкова доби 560.170 гласови (65,14%) односно имаше повеќе од двојно водство пред Стево Пендаровски, кој доби 251.541 гласови (29,25%).

Северна Македонија претседателски избори резултати
Фотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

Факотот што по првпат жена ќе биде претседател Сиљановска го оцени како инспирација за умните жени во Македонија. Најави дека ќе се опкружи со жени слични на неа - свои, стамени, субверзивни, кои можат да искажат став и да го бранат, што таа го смета за голем исчекор и за реформски чекор.

„Ова не е време за поделби, за фалби, за триумфализам. Мора ние, јас, оние кои ќе бидат на функции, да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да се обидеме да помагаме едни на други. Не можете во политика со емоции да се однесувате, мора рационално. Мора да почнеме меѓу себе да се разбираме, да се помагаме, да не посегаме кон вето, туку кон поддршка. Знам дека ќе направам сè за да ги бранам државните и националните интереси“, порача победничката на претедателските избори.