1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата и Власта повторно заедно

9 мај 2024

Предизвикот на Мицкоски ќе биде одржувањето на кохезијата во сопствената партија, кога Круната ќе мора да се определи кон кое царство ќе се приклони. И по кој пат ќе тргне. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4fess
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред две недели укажавме дека во првиот круг се гласаше „против“, додека во вториот ќе се гласа „за“. Јасната доминација на ВМРО-ДПМНЕ определи факторот „за” да биде доминантен согласно логиката дека „секој сака да биде со победникот“ и никој не сака да се најде во рефренот на АББА дека „губитникот останува мал“. И тоа помал од најцрните очекувања во Бихаќка. Можеби е утешно што, според Фројд, соочувањето со најцрните стравови води кон ослободување и нов полет. Но за тоа, потоа. По првиот круг казнување и вториот круг на наградување, следното прашање е – што изгласавме?

Достоинствени проштални говори

Да почнеме од првите реакции. Не колку за утеха, туку за пофалба, прошталните говори на Ковачевски и Пендаровски беа достоинствени и без намера истите да ги искористат за фрлање дамка врз победниците. Стандард кој ВМРО-ДПМНЕ никогаш не го прифати и никогаш не смогна сила да го испорача во духот на Черчил за „во пораз – отпор, во победа – широкоградост”. Ковачевски не се штедеше во самокритика, но и со внимателно испратена пацка до медиумите, која ме потсети на Никсоновата порака дека „печатот веќе нема да го има Никсон за да го шутира безмилосно”.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Клучната поента на Таќе сепак беше шлаканицата испратена до сопартијците, особено оние од кампот на Зоран Заев и Бранко Црвенковски. Кои во умислата дека се побитни од партијата, се освестија во студената реалност дека – мулето што го јаваа го исцицаа до несвест. Не верувам дека и самиот Црвенковски искрено има верувано дека преку Максим Димитриевски ќе си обезбеди некакво индиректно триумфално враќање на голема врата во СДСМ. Но убеден сум дека очекувал Максим да потфрли со такво жестоко, но логично, треснување од земја. Логично, бидејќи зошто некој би гласал за Максим фол-сдсм и трето тркало на ВМРО, кога е поисплативо да се гласа директно за Мицкоски. Со тоа, Црвенковски конечно се соочи дека проблемот не е во СДСМ, туку во неговата диоптрија.

Тирада на самофалби на Претседателката

Евидентно е дека советниците во Бела Палата и на Водно треба час поскоро да седнат и да почнат да ја формираат новата Претседателка. Која очигледно допрва треба да ја научи дистинкцијата помеѓу предавач и шеф на државата. Нејзиниот прв говор од победничка позиција, наместо да биде искористен за дефинирање на претседателството, се сведе на чудна, безмалку Сара-Палинска тирада на самофалење, чудни (симптоматични) погледи кон плафон и плитки обиди да се дистанцира од предизборната „балканска” Силјановска и едноока „мајка на моите” и „маќеа за другите”. Со ваков пристап, со ваква поза на делење лекции, единствено посакувам барем десет минути да бидам мува во кабинетот на Макрон или Шолц и со штоперица в рака да ги гледам нивните фаци додека горда Гордана им дели лекции, подучува демократија и ги гледа гологазните Амори и Нимфи на плафонот. Пред соговорниците да ѝ напишат масна петка во индексот по предметот „политичка реалност и политикантска реторика”.

Гордана Силјановска-Давкова
Гордана Силјановска-Давкова го победи убедливо својот противкандидатФотографија: Arbnora Memeti/DW

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не го спомна круцијалното

За мене барем, најиндикативен момент од обраќањето на Мицкоски беше штуриот аплауз по уште една од неговите рунди на закани со „сите ќе ги апсиме“ и френетичното скандирање по најавата дека „доаѓаат инвестиции”. Кои, слично на бизнисмен од деведесеттите со мобилен в рака, „само што не влегле, чекаат на Табановце”. Во  сегмент на нудење стапови (за кои многумина во Бела Палата стравуваат да не заиграат и по нивен грб) и ветување моркови по десетте години гладување на членството.

За многу други, круцијалното во говорот на Мицкоски беше она на што ниту се осврна ниту гo спомна. А тоа се уставните измени, Договорот од Нивице и соработката со ЕУ, НАТО, САД и.т.н. За разлика од Силјановска, таквиот превид не може да биде сметан како случаен, како неискуство или заборавност во часот на триумфот. Мицкоски имаше можност барем низ штуро спомнување да се обиде да се коригира по одбивањето да го подрави членството во НАТО. Во политиката нема втора шанса за давање прв впечаток, па затоа на Мицкоски му успеа да ја потврди веќе всадената предрасуда за него како политичар со дискутабилен став кон Алијансата и Западот воопшто. И тоа е момент кој идните албански партнери ќе треба да го имаат предвид – подобро превентивно час прерано, отколку кобно час предоцна.

Што нуди ВЛЕН?

Таравари нема да даде оставка, која најави дека ќе ја поднесе доколку ги изгуби изборите. Џабе очекувате и залудно ќе барате. Тој е сепак политичар од шинелот на Мендух Тачи, со ептен релаксиран однос кон моралот во политиката. Притоа, таквата оставка не се совпаѓа со цинично вештачки наметнатата еуфорија на ВЛЕН дека имаат победено. Иако имаат изгубено. Сѐ друго е само местење на реалноста во која петте главешини на ВЛЕН си ги куражат следбениците. Но, нејсе, ним за волја, да замислиме дека имаат победено.

Арбен Таравари, ВЛЕН
Арбен Таравари, ВЛЕНФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со кој победнички, гласачки, морален, идеен габарит првенците на ВЛЕН влегуваат во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ? Нивната единствена понуда, онаа дека „не се ДУИ”, е со рок на траење до првата кривина, во која некој, некаде, некако ќе го праша Мицкоски дали борбата против корупција ги опфаќа и Меџити и Таравари – по основа корупција, како што самиот ги има прозивано. И второ, ќе биде интересно да се следи мисловната карамкаша на ВЛЕН кога ќе се обидат својот „триумф” да го прослават со министерства од формална битност, карши оние прволигашки од ДУИ. Досега беше едноствано  концептот на победа да го држат во строго контролиран дискурс кон ДУИ. Но, не и кон ВМРО-ДПМНЕ. А притоа, просторот за договор самите си го имаат скусено преку нудењето на самите себе како најниска понуда со која ем се ставија во подредена позиција пред Мицкоски, ем ја амнестираат ДУИ доколку прифати да ја игра истата игра.

ДУИ формално е победник во албанскиот кампус

Формално, ДУИ е победник во албанскиот кампус. И тоа би било доволно за мирна душа на интегративците, иако и самите се свесни дека автентични пратеници од таа партија се само девет, евентуално десет. Преостанатите припаѓаат на коалицијата. Формалната победа на Фронтот е за честитање, но не и за машала, познавајќи ја „карактерната верност” на ликовите како Мендух Тачи или Зејд Реџепи. Вистинската победа на ДУИ се крие во поинаков аспект.

Али Ахмети
Формално, победата ѝ припаѓа на ДУИ (фото: Али Ахмети)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Контекстуално гледано, „победата на ДУИ” и „победата на ВЛЕН” се речиси идентични на резултатите од 2016, кога ДУИ доживеа масивен пад (кој не ги уништи), додека пак Албанците во СДСМ (или Шарената) паднаа во триумфалистичко фатална еуфорија. За да две години подоцна, токму поради нив ДУИ направи значаен и доминирачки камбек, а самите албански сдсмовци завршија по интерни и екстерни егзили или покорно враќање кај Ахмети. Притоа, да не се заборави, она што важи за Фронтот, важи и за ВЛЕН, во смисла на поделбата на мандати помеѓу Меџити, Таравари, Касами и Курти. И повторно, т’нка е работата. Како и да ја свртат, чопоративно или сепаратно, победата ѝ припаѓа на ДУИ. А оваа еуфорија, ВЛЕН веќе нема да може ниту да ја оживее, уште помалку доживее.

Предизвикот и маките на Мицкоски

Мачно тежи главата врз која лежи круната, вели Шекспир. Мицкоски, секако, има право и вечер, и утревечер, и до понеделник наутро славодобитно спокојно да си спие со неа, како Меси со пехарот на светски шампион. Неговиот предизвик не е составувањето на Владата, таа слатка мака. Неговиот предизвик не е ни ситнењето на албанските партии, за што самите тие ќе се погрижат. Неговиот предизвик е одржувањето на кохезијата во сопствената партија, кога Круната ќе мора да се определи кон кое царство ќе се приклони. И по кој пат ќе тргне – оној преку Софија и Атина, или оној преку Белград и Будимпешта.

Не, на Мицкоски нема да му се случи некој Груевски-Георгивски да се откаже од ВМРО како Бранко некни по „бугарското интервју на Заев”, и со тоа да предизвика раскол во партијата. Можеби ќе се најде некој Изет, кој незадоволен од недобивање функција ќе се обиде да се фракционира или отцепи, но однапред безуспешно. Не оди тоа така, ни во политика ни во литература. Бидејќи, слично на семејствата на Лав Толстој, и во политиката сите среќни партии се среќни на сличен начин, а сите несреќни партии се несреќни на свој, различен начин.

Христијан Мицкоски
Надежта на ВМРО-ДПМНЕ е во победата на сестринските конзервативн партии во Европа и САД, во кои ќе се обиде да најде разбирање за предизвиците со соседите (фото: Христијан Мицкоски)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски ќе треба да се потруди навреме да ја препознае несреќата во сопствените пазуви. Дали тоа ќе бида лично тој? Дали некој од неговите соработници? Можно е да биде Силјановска-Давкова? Или пак кредиторите, кои така трпеливо ги одмолчуваа неговите флертови со шовинизмот и националсоцијализмот? А банките, се знае, се секогаш молчаливи додека се таложат каматите и долговите. А банкротот, никогаш и никаде не бил тема на дискусија и полемика.

Надежта на ВМРО-ДПМНЕ е во победата на сестринските конзервативн партии во Европа и САД. Во кои ќе се обиде да најде разбирање за предизвиците со соседите. На кои секако ќе наиде, пропорционално со разбирањето на истите конзервативни партии за поголемите сестри од Софија и Атина, башка членки на ЕУ. Тоа е новата terra incognita за Мицкоски по која ќе мора сам да загази. Груевски ја имаше предноста и снаодливоста да ја цементира основата на својата автократија низ почетничка добра волја на САД и ЕУ и имиџот на технократ. Заев ја имаше предноста да биде сенешто, само да не биде Груевски.

Мицкоски го нема ни првото, ни второто. Обидите низ фразеологии да ја сузбие омразата и шовинштината која тој и Силјановска безмилосно ја наметнуваа со месеци и години, нема да избледи во скорешно време. Ароганцијата на умисленост и самобендисана претплатеност врз ексклузивната патриотштина, диво градена преку фрлање лаги, измислици, ботовштини, гној, подметнувања и сатанизација на соседи и ривали, попрво есенва отколку зимава ќе прерасне во троа инаетџиско, троа сеирџиско и најмногу реваншистичко наплатување за од него и од неа евтино рационализираната емоција на најниски омрази. Да, Мицкоски и Силјановска успешно ја рационализираа емоцијата на омразата и нивната безмилосна експлоатација. Но дали Мицкоски и Силјановска се барем приближно спремни да се соочат со бруталното соголување кога емоциите ќе спласнат и ќе ги стават на апла увид во нивната раскошна – ништовност? Се сомневам. И двата лика немаат па затоа и не најдоа сила, уште помалку усул, кој и Трајковски/Георгивски и Груевски/Мијалков го култивираа преку претпазливо одбивање сосема да се предадат на заведувачките умилкувања на сирените на шовинизмот кон останатите и сатанизација на сопствените. Мицкоски и Силјановска, опседнати со нарцисистичка препотентност, се убедени дека се доволно вични, итри и моќни за да ги премачкаат со две реченици и три туѓи цитати слоевите на поганштината? Сѐ што може да се кажа на тоа е дека ова не се ниту деведесеттите на наивноста, ни двеилјадитите на справедливоста. Овојпат, сеќавањето ќе потрае, години и години откога ќе избледат пораките од нивните улични постери. Славата, вели Енди Ворхол, трае пет минути. Злогласието, далеку, далеку подолго.

Идилата не трае долго

Да резимираме, кој се најголеми победници и губитници. Субјективно, тоа е Левица која прерасна во пратеничка група со дополнително засилен глас за кубење на перјаниците на ВМРО и клукање од левичарството на СДСМ. Евентуално Изет Меџити, доколку се наметне како дискретно заткулисен понтонски мост помеѓу „првата љубов” ДУИ (по цена на исклучување на Груби, Османи) и ВМРО-ДПМНЕ. Која што и да зборува денес, сепак не би сакала да ги скине споните со Ахмети и неговите фиоки.

Најголеми губитници? Би рекле дека се Димитриевски и Црвенковски, кои останаа на половина пат во префрлањето на заткулисната олигархија од едно во друго партиско тело. ВМРО е доволно моќна за да ги отфрли како паразити, СДСМ премногу слаба за да го поднесе нивниот баласт, ДУИ доволно свои маки за да се товара со туѓи. Па така, по безмалку 15 години скитање и криење од едно тело во друго, во Македонија Власта и Владата се најдоа повторно во исто тело. И како сѐ што е убаво, таквата идила не трае долго.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема