Вилијам Брнс и Сергеј Нарушкин немаа потреба од никаква медиумска врева, дипломатска помпа и глобално потресување за да се сретнат минатиот ноември или имаат телефонски разговор по „Вагнер пучот” минатото лето. Како шефови на нивните разузнавачки служби и директно одговорни за националната и меѓународна безбедност, Брнс и Нарушкин професионално ја одработија задачата, разменија пораки, гаранции и закани и ги пренесоа заклучоците до сопствените шефови. Од друга страна, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров имаа потреба од огромна медиумска драма, дипломатска помпа и политички театар за да се добие ново претседателство на ОБСЕ во Валета во замена за еднократно слетување во Скопје.
Разликата во начинот на кој се одржаа средбите помеѓу наведените разузнавачи и дипломати ја отсликува дискрепанцата помеѓу политичката одговорност за безбедносната соработка и дипломатската конференцијалност за истото, безбедноста и соработката. Сепак, начинот на кој САД и Руската Федерација си разменија компромиси од стилот „ти мене Валета, јас тебе Скопје” прецизно ја отслика расподелбата на моќ на стариот континент. Доминацијата на САД и РФ во рамките на ОБСЕ, изнудената конструктивна амбвивалентност на ЕУропа и fly-over судбината на источна Европа сместена помеѓу сите нив. Во кратко, состојба идентична на онаа која претходеше на раѓањето на Конференцијата за безбедност и соработка и ОБСЕ. Следствено, како што се роди идејата за создавање на КЕБС, при некоја дипломатска чајанка во раните 70ти, така и завршува – со дипломатска чајанка во Скопје.
Факторизација на ЕУ
Дебаклот на ОБСЕ се одвива со децении ред, благодарение на внатрешните и надворешните политики на земјите членки кои ја составуваат истата. Експанзијата на ЕУ која се одвиваше во првата деценија на овој век имаше огромно влијание и врз ОБСЕ, од аспект на блоковската доминација на земјите-членки засилени со земјите кандидати и земјите аспиранти, кои беа канети и условувани да се придружуваат кон ставовите, т.е. политиките на ЕУ. Влијанието на ЕУ врз ОБСЕ отпрва беше беневолентно прифатено од САД и претпазливо толерирано од Русија, се во име на давање шанса за посилна политичка и безбедносна кохезија во Европа. За Западна Европа тоа значеше факторизација на нејзината мека моќ, дистанцирање од диаметрално спротиставените ставови на САД и РФ и користење на ОБСЕ како своевиден предприемен механизам за оценување и доминација врз земјите кандидати и нивно условување со дистанцирање од САД и РФ.
Но, таа блискост или доминација на ЕУ врз ОБСЕ предизвика и низа несакани нус-ефекти кои ќе се покажат фатални. Пред сѐ, блискост подразбираше и префрлање и ширење на бирократската култура на ЕУ во Виена, како од процедурален аспект, така и преку наметнување теми и иницијативи кои не сосема се совпаѓаа со полит-безбедносните приоритети на организацијата. Засилените инсистирања на Брисел кон источна Европа да се дистанцираат од САД и РФ, а притоа самите го задржат правото за непречена соработка со истите, на крај ќе предизвика недоверба во самата ЕУ, а посредно со тек на времето недовербата ќе се прошири и кон ОБСЕ. И тоа би било кроки освртот за генезата на внатрешните недоразбирања и недоверби во ОБСЕ.
На надворешно-политички план, не треба да се изуми дека процесот на еродирање на кредибилитетот на ОБСЕ се одвиваше паралелно (и последично) со периодот кога САД и ЕУ веруваа и вложуваа многу во довербата кон Путинова Русија како партнер од доверба и потенцијален сојузник на Западот. Период во кој Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз широко ќе ги отворат портите за влез на руските инвестиции, тајкуни, агентури и провокатори и притоа презриво се игнорираат поплаките од источните соседи на Русија, загрижени од лекомислесноста на западната дипломатија. Токму војната врз Грузија во 2008 и агресивниот однос на Москва кон нејзините соседи ќе донесе до забрзан подем на сомничавост и дистанца кон западните партнери кои, скраја жестоките вербални атаки, не согледуваа причина за значајна промена на курсот и дистанцирање од политиките на Путин. Бојкотот на Балтичките држави, Полска како земји членки на ЕУ и НАТО, како и Украина под агресија, се реперкусија токму на таа често дволична и најчесто само-помижувачка политика на „сакање да се верува” во Москва од страна на Вашингтон и Брисел и кусогледо, дрско одбивање на аргументите на пост-советските сателити.
Про-форма дипломатска дружба
Во такви услови, апсурдно е да се очекува, една веќе одамна неуспешна организација да организира успешна министерска конференција. Како што е оваа во Скопје, сведена на про-форма дипломатска дружба со однапред познати заклучоци и однапред познати непознаници за нејзината судбина. Со години наназад, Министерските конференции се сведени на поводи за блиц билатерални средби помеѓу државни претставници, штедејќи ресурси, време и нерви во организирање иди ми дојди ми посети. Разликата е што овојпат Министерската е фактички бојкотирана од речиси цела источна Европа и практично игнорирана од цела Европа. Разликата е, впрочем, што Министерската заврши синоќа со полет на Блинкен и слет на Лавров, оставајќи ги останатите да се смешкаат додека крстарат како провеви низ кошаркашката сала во Карпош.
Драмолетката со Блинкен и Лавров предизвика многумина да заклучат дека ОБСЕ е мртво, или барем користејќи ја Макроновата максима за „мозочна смрт”. Сепак, повнимателното третирање на односот на САД и РФ, но и резолутниот одбранбен став на Берлин во одбрана на ОБСЕ, укажува дека таа сепак е сеуште битна за големите играчи. Зошто инаку Вашингтон би правел отстапки за Москва со цел добивање ново Претседателство, зошто инаку Москва би се понижувала за едно бедно слетување во Скопје и зошто Берлин и Париз со насмевка би голтале кнедли додека САД и РФ преговараат преку нивни глави за спас на Конференцијата смислена да обезбеди мир и соработка од Владивосток до Ванкувер.
Поупатно е затоа да е заклучи дека ОБСЕ е ставено во состојба на индуцирана вештачка кома, во вегетативна состојба на исчекување на поуспешни лекарства и потрезвени лекари, некаде во јубиларното Претседавање на Финска. Евидентно, растурањето на ОБСЕ е полесно изводливо отколку што се замислува, но таа опција е спречена единствено од свеста дека час утре истите засегнати сили ќе треба да организираат некоја нова чајанка за формирање на некое ново тело за диалог околу соработката и безбедноста во Европа. Во таа реалност, Вашингтон и Москва се достаточно задоволни од самото про-форма постоење на ОБСЕ, за разлика од ЕУ која во судбината на Организацијата може да ја препознае сопствената судбина и култура определена од имање многу членки, но немање заедничка политика, споделена визија и внатрешна согласност. Признале во Брисел или не, токму ЕУ со нејзината непостојаност, преценување на економската мека моќ и ситничавост ја предизвика ерозијата на влијанието на ОБСЕ паралелно со ерозијата на влијанието на ЕУ во глобални рамки. Политичарите од ЕУ љубат да ги дефинираат недостатоците на ОБСЕ, НАТО како транс-атлантски творби, но досега не се искажаа со доблест на нудење решенија кои првично ќе бидат прифатени во сопствениот клуб, за да потоа бидат ставени на увид на партнерите од САД и РФ. Да се очекува таков потфат од Унија која не умее да се справи со еден Орбан, еден Вучиќ и Рама, а сака да седи рамноправно со Бајден, Путин или Ши е не само претенциозно, туку и иритирачки за самите партнери.
Министерската Конференција, по бојкотот од речиси комплетната „огнена линија” (Џон Кери) од Балтикот преку Полска, Украина до Романија недвосмислено определува да се заклучи дека е неуспешна. Наместо да биде исчекор кон подобрување на состојбите, Конференцијата ја надмина интерната криза и прерасна во демонстрација на растечката неслога во западниот блок. Бојкотот е можеби предизвик од факторот Лавров, но е всушност долго одложувана ерупција на сомничавост долж „огнената линија” кон политиките на Вашингтон и Брисел во однос на Русија. Таа сомничавост досега искажувана кон двотактниот мотор на ЕУ, сега еволуира и во одбивање да за волја на блискоста и зависноста од САД се прифати компромисното учество на Лавров за возврат на именување на Малта како претседавач на организација заталкана во целосна ирелевантност. Разбирливо е дека САД сакаат да ја сочуваат ОБСЕ како инструмент на дипло-политичко влијание во Европа, но прашање е колку е тоа исплативно по цена на предизвикување сомнеж и незадоволство на оние земји членки кои стојат како први на линијата на одбраната на ЕУ и интересите на САД во Европа. Дали Вашингтон, по сите братимења со Путин во времето на Обама, по сите слепи доверби во политиките на Брисел, по сите дипломатски сопки во Авганистан, Блискиот исток, Балканите, прави уште еден избрзан и кусоглед чекор во игнорирањето на „огнената група” поради уште еден трул компромис со Русија?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.