1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

По бунтот на Вагнер: Колку е стабилна Русија?

Миодраг Шориќ
31 август 2023

Иако бунтот на платениците на Вагнер беше прекинат наеднаш, а нивниот шеф Пригожин е веќе мртов, настаните оставија белег. Колкав е авторитетот на Путин? Се заканува ли хаос во државата која располага со АБЦ-оружје?

https://p.dw.com/p/4Vniv
Русија I Владимир Путин
Дали рускиот претседател Путин треба да се плаши за својата моќ?Фотографија: Kremlin Pool/ZUMAPRESS/picture alliance

Илјадниците платеници на Вагнер не наидоа на некој поголем отпор кога пред два месеца тргнаа во поход кон Москва. Нивниот сега веќе мртов шеф Евгениј Пригожин ја прекина побуната и борбата за превласт во Кремљ изостана, но во сеќавањата останува дека претседателот Владимир Путин тогаш делуваше слаб, прво зборуваше за „преговори”, потоа и за „предавство” и сето тоа за само неколку часа.

Откако побуната пропадна, во балтичкиот регион започна дебата за стабилноста на Русија. Јанис Стартс, директор во Центарот за стратешки комуникации при НАТО во Рига, смета дека походот кон Москва го потресол Кремљ. На истиот став е и Мартинс Варгулис, заменик шеф на Институтот за надворешна политика во Летонија, кој вели дека заканата за владеењето на Путин доаѓа однатре.

Русија | платеници на Вагнер во Ростов на Дон
За време на нивниот краток бунт, платениците на Вагнер беа бодрени од населението на Ростов на ДонФотографија: REUTERS

Инфлацијата во Русија и натаму расте, вредноста на рубљата во однос на доларот и еврото паѓа.

Московскиот пропагандистички весник „Известија” пишува дека во регионот има редици на бензинските пумпи, и тоа кај третиот најголем производител на нафта во светот. И руската војна против Украина стагнира. Изминатите недели пред сѐ Украинците јавуваат за освојување на помали делови територија.

Се ниша ли престолот на Путин?

Штефан Мајстер од „Германското друштво за надворешна политика” за ДВ вели дека актуелно нема никаква основа за таква претпоставка. Режимот на Путин, според Мајстер, успеал со репресија и пропаганда да ја придобие поддршката од мнозинскиот дел од населението. Западните санкции делумно се заобиколуваат. Многу компании, меѓу нив и западни, и натаму работат во Русија.

Русија: Западни фирми ја финансираат војната против Украина

Мајстер забележува пад во богатството на руското население, но вели дека не може да стане збор за распад на земјата или слабост на Путин. Ако воопшто еден ден се најде некој да го предизвика Путин, тоа може да биде само припадник на безбедносниот апарат, смета докажаниот познавач на приликите во Русија. Но, засега Путин „цврсто ги држи уздите” и располага со доволно ресурси за да ја води војната против Украина уште две или три години, смета Мајстер.

И Тобијас Фела, научен соработник на „Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика” не верува дека актуелно „во Русија се заканува голем нестабилност”. Проблем за Кремљ може да биде ако владата мора да мобилизира дополнителни војници, или ако економската ситуација драматично се влоши. По неодамнешните придобивки на територија од страна на Украинците, Русија покажала дека е „воено во состојба да се надградува”.

Меѓу западните експерти се шпекулира дали можеби Кремљ самиот шири наратив дека на Русија ѝ се заканува хаос со цел да се намали поддршката на Западот за Украина, затоа што Западот може да поднесе територијални загуби на страната на Украина, но не и руски атомски бомби.

Штефан Мајстер не верува во такви теории. Напротив, системот на Путин демонстрира сила, смета експертот - меѓу другото и со смртта на Пригожин. Ниту олигарсите, ниту општеството, ниту војската, ниту лицата околу Путин кои зависат од него, може да го стават под прашање владеењето на Путин, смета тој. Можеби тоа еден ден може да се смени кога се во прашање тајните службиили безбедносниот апарат. Помали воени порази во Украина не го загрозуваат владеењето на Путин. Тоа можеби би се сменило ако на Украина ѝ успее да го поврати Крим или окупираните територии, оценува Мајстер.