1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Драматична ескалација во Русија: Вооружен бунт на „Вагнер“

СН/агенции
24 јуни 2023

Борците на платеничката групата „Вагнер“ според нејзиниот шеф Евгениј Пригожин ги зазеле сите воени локации во рускиот град Ростов. Во Москва се воведени антитерористички мерки и оклопни возила патролираат по улиците.

https://p.dw.com/p/4T0hP
Тенковите на групата „Вагнер“ пред штабот на армијата во Ростов на Дон
Тенковите на групата „Вагнер“ пред штабот на армијата во Ростов на ДонФотографија: Erik Romanenko/TASS/dpa/picture alliance

Шефот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој повика на вооружен бунт и соборување на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, денеска потврди дека тој и неговите војници влегле во командата на руската армија во градот Ростов на Дон, клучен центар за руската агресорска војна против Украина и оти ги зазеле сите воени објекти, вклучително и аеродром.

„Ние сме под команда на армијата, сега е 7:30 (6:30 по средноевропско време)“, рече Пригожин во видеото објавено на Телеграм. „Воените локации на Ростов се под контрола, вклучително и аеродромот“, додаде тој додека мажи во униформи маршираа зад него. 

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат воени возила, вклучително и тенкови, на улиците.

Инаку, во меѓувреме светските новински агенции повикувајќи се на извор во руските безбедносни сили јавија дека борците на „Вагнер“ ја преземале контролата врз сите воени објекти и во рускиот град Воронеж, кој се наоѓа на околу 500 километри јужно од Москва.

Евгениј Пригожин, милионерот сопственик на платеничката група Вагнер со месеци е во конфликт со руското воено раководство
Евгениј Пригожин, милионерот сопственик на платеничката група Вагнер со месеци е во конфликт со руското воено раководствоФотографија: AP/picture alliance

Министерството за одбрана на Русија во соопштението упатено до платениците на „Вагнер“ наведува дека тие биле „измамени и вовлечени во криминалната авантура“ на Пригожин. 

Во соопштението објавено на Телеграм, Министерството ги повика борците на „Вагнер“ да контактираат со претставници на министерството, порачувајќи дека нивната безбедност ќе биде загарантирана.

Еден од највисоките руски воени команданти, генерал Сергеј Суровикин, ги повика платениците на Вагнер да ја почитуваат волјата и наредбата на претседателот Владимир Путин и да се вратат во својата база.

Вчера инаку руските безбедносни служби одговорија на најавата на Пригожин за вооружен бунт со повик за негово апсење. Колку Кремљ сериозно ја сфаќа оваа закана покажува фактот дека безбедносните мерки се подигната на највисоко ниво и во главниот град, Москва. 

Платиници на Вагнер во борбена позиција пред штабот на армијата во Ростов
Платиници на Вагнер во борбена позиција пред штабот на армијата во РостовФотографија: Erik Romanenko/TASS/dpa/picture alliance

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека во руската престолнина се воведуваат „антитерористичките“ безбедносни мерки.  На социјалните мрежи кружат видеа на кои се гледаат тенкови и воени возила пред руската Државна Дума. Собјанин рече дека градот воведува и дополнителни контроли на патиштата. Од Ростов до Москва има повеќе од илјада километри, но превентивно е затворен и автопатот што ги поврзува двата града.

Пригожин инаку во утринското видео обраќање рече дека воените авиони вклучени во руската офанзива во Украина „полетуваат нормално“ од аеродромот во Ростов на Дон, за да ги исполнат „своите борбени задачи“, тврдејќи дека нема проблеми.

„Главното командно место функционира нормално“, додаде Пригожин и увери дека „ниту еден офицер“ назначен таму не е суспендиран.

Во видеото, Пригожин побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и главниот руски генерал Валериј Герасимов да дојдат кај него на средба во Ростов на Дон.

„Стигнавме овде, сакаме да ги примиме началникот на Генералштабот и Шојгу“, вели Пригожин во видеото. Според него, ако не дојдат, ќе го блокираат Ростов и ќе се упатат кон Москва.

Претходно во петокот вечерта тој во видео порака освен што повика на вооружен бунт, ги доведе во прашање и причините за руската инвазија врз Украина, а повторно ја обвини руската армија дека ја крие вистината за ситуацијата на фронтот. 

Битката за Бахмут - најдолгата битка во војната

„Голем број територии“ освоени во Украина се „изгубени“ и „многу војници загинаа“, рече Пригожин, додавајќи  дека руската армија губи „до 1.000 луѓе дневно“, а меѓу нив има мртви, ранети, исчезнати или оние кои одбиваат да се борат. 

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) покрена постапка против Евгениј Пригожин за поттикнување на бунт, соопшти синоќа Националниот антитерористички комитет на Русија.